Клиничка болница „Аџибадем Систина“ е прва болница во регионот која инвестираше во најнова генерација компјутерски томограф Revolition Аpex CT 512 пресеци. На овој апарат може безбедно да се снимаат и бебиња од најмала возраст, пациенти со нарушување на срцевиот ритам, пациенти со стентови, пациенти со прекумерна тежина, пациенти со бубрежни болести. Она што е најважно е дека сите снимања се изведуваат со ултраниска зрачна доза до 80% помала од претходните апарати. За предностите за пациентите од оваа нова технологија разговаравме со д-р Душко Михајлоски, радиолог од Клиничка болница „Аџибадем Систина“.
ВО КЛИНИЧКА БОЛНИЦА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ОД НЕОДАМНА Е ИНСТАЛИРАН НОВ МОДЕЛ НА КОМПЈУТЕРСКИ ТОМОГРАФ, КОИ СЕ ПРЕДНОСТИТЕ НА ОВОЈ НОВ АПАРАТ?
„Во рамките на дијагностичкиот-имиџинг центар во болницата, инвестиравме во нов апарат Revolition Аpex CT 512 пресеци кој претставува најнова генерација компјутерски томограф. Со тоа станавме единствена болница во регионот која ја поседува оваа моќна алатка за дијагностика и третман. Инсталирањето на новиот апарaт носи голем број бенефиции, не само за пациентите туку и за нас, дијагностичарите, бидејќи нуди одлични можности за работа. Апаратот е еден од најбрзите томографи со 512 пресеци во една ротација, што ни овозможува краток преглед, кој се мери во секунди и кој благодарение на технологијата има значително помало зрачење. Една од главните предности за пациентите е што добиваат прецизна дијагноза за многу кратко време. Со новиот апарат, дијагностиката на болестите се мери во секунди. Раната дијагноза е од исклучителна важност и дава можност за понатамошен успешен третман. Благодарение на брзината со која ги процесира снимките, се намалува и потребата од поголеми дози анестезија и контрастно средство, со што дополнително се заштитува здравјето на пациентот. Друга исто така важна предност на Revolition Аpex CT 512 пресеци е тоа што пациентите за време на снимањето добиваат ултраниска зрачна доза до 80% помала, во споредба со другите апарати за компјутерска томографија. Значајна предност е и комфорот на пациентот за време на снимањето, бидејќи овој апарат има зголемен дијаметар на самиот отвор, со што сега можеме без пречки да снимаме и пациенти со прекумерна тежина. За нас лекарите што работат во дијагностика, од големо значење е извонредниот квалитет на сликата која ја испорачува апаратот“ вели д-р Михајлоски.
КОЛКУ ВРЕМЕ МУ БЕШЕ ПОТРЕБНО НА ТИМОТ ДА СЕ АДАПТИРА НА НОВАТА ТЕХНОЛОГИЈА И КОЛКУ Е ВАЖНА ПОДГОТВЕНОСТА НА ТИМОТ?
Стручноста на кадарот е еднакво важна како и самата технологија, бидејќи не ви е во полза да ја имате и најдобрата опрема ако нема кој да раководи со неа. „Во делот на обуката најзасегнати беа радиолошките технолози бидејќи тие се клучниот фактор за да имате добар преглед. Сите технолози веќе ги поминаа обуките за софтверот и се комплетно подготвени, а периодот за адаптација беше исклучително брз. Нашиот тим е составен од исклучително талентирани луѓе кои ја разбираат медицинската технологија и лесно се адаптираат на новите процеси. Обука помина и целокупниот радиолошки тим. Голема предност е што и претходниот компјутерски томограф е од истата компанија GE Healthcare и генерално предност е тоа што соработуваме со светски реномирана компанија за медицински апарати од која добиваме максимална поддршка во секој поглед. Досега на новиот апарат се изведени доста процедури и сè одеше беспрекорно. Она што ни претстои е специјална обука за спектрален имиџинг“ вели д-р Михајлоски.
НАОЃА ПРИМЕНА И ВО ПЕДИЈАТРИЈАТА, ОДНОСНО НУДИ ПРЕДНОСТИ ЗА НАЈМАЛИТЕ ПАЦИЕНТИ. ЗА ШТО ТОЧНО СТАНУВА ЗБОР?
„Една од главните предности на новиот компјутерски апарат е можноста за снимање на бебиња и од најмала возраст. Поради брзината на снимање и брзата подготовка, се намалува и потребата за анестезија што го прави снимањето едноставно и безбедно. На апаратот досега имаме изведено голем број снимања на деца. Првите искуства се навистина позитивни, досега имаме направено и неколку биоптични и дренажни процедури кај деца каде што максимално го скративме времето за анестезија, со скратено време на снимање речиси на половина. Благодарение на КТ-флуороскопија го скратувате времето за подготовка и позиционирање на пациентите за речиси две третини, бидејќи многу бргу контролирате, а брзината на интервенцијата ви дава комодитет точно да ги позиционирате инструментите“ објаснува д-р Михајлоски.
ИНТЕРЕСЕН Е ФАКТОТ ШТО ПОРАДИ БРЗИНАТА НА СНИМАЊЕ, МОЖЕ ДА СЕ СНИМИ ЦЕЛОТО СРЦЕ БУКВАЛНО ЗА НЕКОЛКУ СЕКУНДИ
Моќната технологија на Revolition Аpex дава можност за детален приказ на срцето за исклучително кратко време. Уникатната технологија сега овозможува и пациентите што имаат нарушен срцев ритам да можат без никаква подготовка да направат снимање. „На постарите генерации парати за компјутерска томографија, ваквите пациенти се лимитирани, бидејќи прво требаше да се смири срцевиот ритам со лекарства, па да се следи ритамот со ЕКГ, што го усложнува целиот процес. Сега, на Revolition Аpex 512 пресеци не ви треба никаква подготовка, брзината на апаратот ви овозможува без никаква подготовка да снимате пациенти и со нарушен срцев ритам. Исто така, без проблем може да се снимаат и пациенти што имаат стентови, а сега со новиот апарат добивате јасна слика за состојбата на стентот. Исто и кај калцификатите на коронарните артерии, со совршеноста на сликата може да видите каде е калцификатот, колкав е луменот на крвниот сад, добивате реконструкција на целиот коронарен крвен сад од аортата до периферија. Со еден збор, со новиот софтвер може да се направи детална проценка на крвните садови. Кога станува збор за приказ на срцето, апаратот се користи и за да се утврди комплексноста на вродените срцеви аномалии, бидејќи најчесто кај бебињата кај кои е детектирана срцева аномалија, тука не е изолирана само една срцева малформација туку збир од неколку кои првенствено се детектираат со ултразвук. Целосната слика ја добивате со помош на КТ на срцето и големите крвни садови. Кај овие мали пациенти, апаратот има извонредна можност и предност бидејќи пациентите се мали и нив е многу тешко да ги смирите и да ги ставите под анестезија. Со овој апарат за неколку секунди добивате претстава за комплексните аномалии каде што се гледаат и шуплините на срцето и големите крвни садови. Планот и подготовката за детска кардиохируршка интервенција се исклучиво со ултразвучен преглед и компјутерска томографија. Уникатниот софтвер се користи и за планирање на интервенции на големите крвни садови како што е TAVI-процедурата со мала количина контраст и со висок квалитет, дури и кај пациенти што имаат нарушена функција на бубрезите“ вели д-р Михајлоски.
АПАРАТОТ ОВОЗМОЖУВА И ЦЕЛОСНО СНИМАЊЕ НА ТЕЛОТО, ВО КОИ СЛУЧАИ СЕ ПРИМЕНУВА? „Скринингот на целото тело е особено значаен кај одредени категории пациенти и во одредени случаи каде што е потребна итна реакција. Снимањето на целото тело го применуваме најчесто кај онколошките пациенти каде што треба да се направи проценка на белите дробови и абдомен. Исто така, како што напоменав, снимањето на компјутерската томографија е од исклучително значење кај пациенти со политрауми, особено при сообраќајни несреќи каде што од брзината на дијагнозата зависи и животот на пациентот. На апаратот за компјутерска томографија се скенира целото тело, скелетниот систем и крвните садови за да се види какви и колку скршеници има и дали постои крвавење, така што се добива целосна слика за состојбата на пациентот“ вели д-р Михајлоски.