Ќе се согласите дека би било одлично доколку само со внесувањето на еден витамин можете да изградите цврсти коски и да се борите против малигните болести, дијабетесот, срцевите болести и депресијата. Или едноставно да ви помогне да го намалите вишокот тежина? Еден од витамините кои делуваат позитивно во горенаведените состојби е витаминот Д, чие создавање во нашиот организам го поттикнува сонцето, а може да го добиеме и преку исхраната и разни суплементи/додатоци во исхраната.
Витаминот Д ги зајакнува коските
Од новороденче па сè до возрасен, витаминот Д е директно одговорен за цврстината на коските. Помага телото да го апсорбира калциумот од храната. Кај луѓето кои имаат ризик од скршеници, неопходно е земање дневна доза витамин Д за превенција. Децата имаат потреба од витамин Д за да изградат здрави цврсти коски и да превенираат рахитис.
Витамин Д и мултиплекс склероза
Со години експертите се сомневаат во поврзаноста помеѓу влијанието на сонцето, нивото на витамин Д и мултиплекс склерозата. Една неодамнешна студија укажува на фактот дека кај лицата со ова автоимуно заболување причина е генетско нарушување кое се јавува заради недостиг на витамин Д. Но, сепак, сè уште не постои научен доказ дека дека витаминот Д учествува во превенција и третман на мултиплекс склероза.
Витамин Д и намалување на тежината
Студиите покажале дека честопати луѓето кои имаат прекумерна тежина имаат ниски вредности на витамин Д во организмот. Мастите го заробуваат витаминот Д, при што се намалува способноста за негова искористеност од страна на организмот. Не е познато дали дебелината е причина за намалување на витаминот Д или станува збор за обратен процес. Истражување спроведено врз мала група луѓе со прекумерна тежина покажало дека воведувањето суплементи на витаминот Д во нивната диета се покажало ефикасно во намалувањето на тежината.
Витамин Д и депресија
Витаминот Д игра улога во развојот и работата на мозокот. Кај луѓето со депресија пронајдени се ниски нивоа на витаминот Д. Но засега студиите не покажуваат дека додавањето суплементи на витаминот Д помагаат во намалување на симптомите на депресија.
Започнете го денот со витамин Д
Започнете го мудро денот со појадок богат со минерали и витамини. Млеко збогатено со витамин Д, сок од портокал, житарици, леб и одредени типови јогурт се одличен извор на овој витамин.
Дали имате недостиг на витамин Д?
Фактори кои го зголемуваат ризикот за недоволна апсорпција на витамин Д се:
- Возраст над 50 години
- Темна кожа
- Прекумерна тежина
- Бајпас хирургија на желудник
- Алергија на млеко и интолеранција на лактоза
- Болести на црн дроб
- Болести на дигестивниот систем
Симптоми на недостиг на витамин Д
Најголемиот дел од луѓето со недостиг на витамин Д не покажуваат симптоми. Кај одредени луѓе може да предизвика остеомалација – меки коски придружена со болки во коските и мускулна слабост. Кај децата недостиг на витаминот Д може да предизвика рахитис и проблеми со скелетот.