Во Македонија најчест е белодробниот карцином, за сите малигни пациенти обезбедивме бесплатни консултации
Малигните болести се на второто место како причина за смртност веднаш по кардиоваскуларните болести.
Во последниот период, за среќа, смртноста се намалува, особено во поразвиените земји, вели д-р Дева Петрова, специјалист по радиотерапија од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Во интервјуто, таа истакнува дека сепак сè уште не е позната директната причина за појава на малигните болести од кои страдаат и сè помлади лица. Во Македонија најчесто малигно заболување е белодробниот карцином. Докторката е категорична дека превенцијата и раната детекција се најзначајните чекори во борбата со малигните заболувања. „Аџибадем Систина“ во таа насока оваа година понуди бесплатни консултации, но и промотивно ги намали цените за лекувањето.
Онколошките заболувања, за жал, секоја година бележат раст во светски рамки, тоа не е исклучок и во нашата земја. Зошто, кои се главните причини?
Д-р Петрова: Малигните болести се секогаш тема која привлекува големо внимание. Тие се на второто место како причина за смртност, по кардиоваскуларните болести. Точно е дека постојано имаат тенденција на зголемена инциденца или број на новооткриени случаи, но добрата вест е дека смртноста се намалува, особено во високоразвиените земји. Директната причина за појава на малигните болести е непозната, но секако постојат голем број ризик-фактори, меѓу кои најзначајни се генетските фактори (присуство на одредени генски мутации) и влијанието на надворешните штетни фактори (аерозагадување, изложеност на јонизирачко зрачење, одредени хемиски агенси при професионална изложеност и слично).
Кои карциноми во Македонија се најчести?
Д-р Петрова: Генерално во сите земји во светот, секако и во нашата земја најчесто малигно заболување е белодробниот карцином, потоа следат карциномот на дојка кај женската популација и карциномот на простата кај машката популација. На трето место е коло-ректалниот карцином или карциномот на дебело црево.
Која возрасна група се смета за повеќе ризична? Сè почесто и помлади пациенти се соочуваат со малигните заболувања.
Д-р Петрова: Правило е дека малигните заболувања се чести кај повозрасната популација т.е. ризикот од малигна болест се зголемува со возраста. Се чини дека најчесто малигните заболувања се јавуваат по 50-та година од животот, но секако дека се присутни и кај помладата популација. Постојат одредени малигни заболувања кои се типични за помладата возрасна група до 40-годишна возраст, како што се туморите на тестис кај мажите, а некои тумори се јавуваат во детската возраст.
Еден од клучните фактори во борбата против карциномот е раната детекција, колку е важно да се јакне свесноста кај граѓаните? Вие и вашата болница често имате кампањи во кои гласно зборувате за онколошките заболувања.
Д-р Петрова: Секако дека превенцијата и раната детекција или дијагноза на малигните болести се најзначајните чекори во борбата против нив. Намалувањето на штетните влијанија во околината (аерозагадувањето, изложеноста на штетни физички и хемиски фактори, пушењето), примената на здрави животни навики (балансирана исхрана, физичка активност) се од суштинско значење за обезбедување на здрава популација. Раната дијагноза со примена на скрининг методите таму каде што е тоа можно, односно кај карциномот на дојка, карциномот на грло на матка, карциномот на простата и карцином на дебелото црево кои се меѓу најчестите малигни болести ќе ни овозможат рано откривање на болеста кога е таа во почетен стадиум и комплетното излекување се постигнува само со хируршки третман. На тој начин и пациентот поминува поедноставно низ процесот на лекување и заедницата троши помалку средства во лекувањето на овие пациенти. Добивката е двојна.
Секако дека улогата на здравствените работници во здравственото воспитување на населението е голема и секогаш претставува одговорност за сите нас. Ние како дел од болницата „Аџибадем Систина“ секогаш се трудиме да дадеме придонес на оваа тема, да ги информираме граѓаните за сè што е важно во врска со малигните болести и да им обезбедиме можност сите здравствени услуги да ги добијат навремено и квалитетно.
„Аџибадем Систина“ оваа година излезе со кампања која овозможи бесплатни консултации, но исто така промотивно ги намаливте и цените, како сте задоволни, колку ова беше значајно за вашите пациенти?
Д-р Петрова: Оваа кампања беше во духот на тоа што веќе го кажав. Болницата „Аџибадем Систина“ е општествено одговорна институција која се труди на секој начин да им помогне на нашите граѓани и пациенти. Со оваа кампања сакавме да им овозможиме на пациентите да дојдат во нашата болница, да се запознаат со тоа што го работиме, да добијат стручен совет и да видат дека нашите услуги не се недостапни за нив. Верувајте ние сме презадоволни од можноста што пациентите ја добија со оваа кампања, секогаш кога можеме да помогнеме сме среќни, а особено кога станува збор за сериозни состојби како што е лекувањето на малигните болести. Секој убав збор и насмевка од пациентите кои се јавија на овие бесплатни консултации за нас беше голема награда и сатисфакција.
Колку е важен третманот, опремата со која располага вашата болница, но исто така и медицинскиот кадар. Што е тоа што вас ве издвојува и колку пациентите имаат можност да добијат врвна грижа?
Д-р Петрова: Секако дека знаењето е најважно, искуството на лекарите, медицинските сестри и радиолошките технолози и медицинските физичари кои се дел од тимот посветен на лекувањето на пациентите со малигни болести. Опремата и условите во кои престојуваат и се лекуваат пациентите ја заокружуваат целината за една успешна приказна. Ние се трудиме да ги следиме новините во третманот на малигните болести и сè што е ново да им го направиме достапно на нашите пациенти. Секако тука се новините на полето на радиотерапијата и онкологијата, нови лекови, можност за генетско тестирање кои ни помагаат во изборот на терапијата, секако и современите дијагностички методи и мултидисциплинарниот пристап во лекувањето.
Пациентот сè може да заврши на едно место за кратко време што е од големо значење.
Медицината постојано осознава и воведува нови лекови, препарати, но и начини во борбата против малигните заболувања, колку тоа влева надеж за пациентите кои се соочуваат со овој животен предизвик?
Д-р Петрова: Пациентите со малигни болести се едни од јунаците на современото време, бидејќи овие болести се еден од најголемите проблеми на денешницата. Сèкако дека не е лесно и психолошки и физички да се надмине овој предизвик. Потребна е грижа на здравствените работници, на заедницата и семејството за овие луѓе што побезболно да поминат низ таа ситуација. Грижата на здравствениот систем е да им обезбеди на што подостоинствен и побезболен начин да дојдат до навремени дијагностички прегледи и преку постојаната едукација на специјалистите кои се вклучени во нивниот третман да им обезбеди квалитетен и современ третман. Заедницата да покаже разбирање за состојбата на овие луѓе и кога е потребно да им обезбеди бенефиции во однос на работата, да обезбеди современа терапија за лекување според светски протоколи, семејството да покаже љубов и разбирање. Кога сите ние ќе се потрудиме да го дадеме максимумот ќе ја постигнеме саканата цел и ќе имаме задоволни пациенти и успешни приказни.