Ризикот од инфекциите за детето при престој во градинка или училиште, треба да се очекува дека ќе се разболува почесто отколку порано, особено во тек на првата година или две по поаѓањето.
“He постои волшебна формула која ќе го засили имунитетот на детето и ќе го штити од можни инфекции”, вели д-р Душко Фидановски, шеф на Одделот за педијатрија во клиничката болница “Аџибадем Систина”.
“Менталната и моторната зрелост на детето е важен фактор за полесната адаптација на новите услови, па така и развојот на имунитетот и отпорноста кон инфекции се наголемува со растењето, односно како детето расте така станува се повеќе отпорно кон инфекциите”, вели д-р Фидановски.
Педијатрите велат дека за нормален развој на имунитетот и отпорност кон инфекциите од голема важност се претходно стекнатите навики во исхраната, односно воспоставен правилен, избалансиран начин на исхрана.
“Правилната исхрана на детето треба да содржи доволно зеленчук, овошје, риба, телешко, пилешко и мисиркино месо, јајца, жита, млеко и млечни производи, најмалку 500 милилитри дневно. Детето треба да има три главни оброци и две ужинки. Да се избегнува додавање сол и шеќер во храната, зачини, сувомеснати производи, пржена храна и храна во која има вештачки бои, ароми и конзерванси”, вели д-р Фидановски.
Според педијатрите, децата кои биле доени најмалку една година, а особено оние кои биле ексклузивно доени со мајчино млеко во првите шест месеци од животот, ќе бидат поотпорни на инфекции.
“Доењето овозможува правилен развој на мозокот што е предуслов за нормален психомоторен развој на детето. Давање витамин Д во тек на зимските месеци по првата година од животот, а за создавање на подобар имунитет во комбинација со витамин А, популарно наречено рибино масло, го јакне имунитетот. Научно е докажана улогата на витаминот А и во заштита од инфекции. Ако има потреба, во консултација со педијатар, добро е да добива и други витамини, особено во зимскиот период”, вели д-р Фидановски.
Нормално е детето четири пати во годината да се разболи
Педијатрите велат дека нормално и очекувано е едно дете во просек да има четири полесни респираторни инфекции во тек на една година. За да се намали бројот на инфекции и да се зголеми имунитетот, тие препорачуваат детето да биде физички активно соодветно на возраста, односно да се користи секој момент да се престојува надвор и да се прават прошетки во природа и надвор од секојдневната градска средина.
“Пред поаѓање во градинка или училиште потребен е преглед и консултација со педијатарот кој го следи и познава вашето дете. Тој ќе ви ги даде најдобрите препораки, бидејќи најдобро го познава вашето дете. Редовно вакцинирајте го детето, а ако има некоја хронична болест на срцето, белите дробови или вроден имунолошки недостаток, или ако е родено пред време, тогаш треба да добие и дополнителни вакцини, како што е вакцината за стрептокока”, вели д-р Фидановски.
Ако детето има алергија на храна или лекови или од различни причини му е потребна посебна исхрана, родителите да го запознаат персоналот во градинката или училиштето со тоа и да инсистираат детето да добива посебна храна.
Дајте му време на детето да заздрави
Детето не треба да посетува градинка или училиште по прележана инфекција, која не е тешка и комплицирана, најмалку една недела, а ако болеста е комплицирана и потешка, најмалку две недели.
“Тоа е многу важно за да му се овозможи на детскиот организам потполно да заздрави пред да биде изложен на ризик од нова инфекција, како и да се заштитат и другите деца кои се здрави и кои ќе дојдат во контакт со него. Ако детето пречесто се разболува, добива температура и има знаци за респираторна инфекција штом повторно се врати во градинка, по пауза од претходна инфекција, детето треба да отсуствува и подолго време”, вели д-р Фидановски.
Ако детето има потешки инфекции кои се комплицираат, како што се повторувачки воспаленија на белите дробови, воспаленија на ушите, потешкотии со дишењето за време на спиењето, според педијатрите задолжително треба да се направат дополнителни испитувања на имунитетот и други испитувања кај детето и да се одложи престојот во градинка или училиште на подолг временски период.