Топлите сончеви денови и плажата се неизбежна летна комбинација. Уживањето на плажа со бебе е сосема ново искуство, а најголемото внимание овој пат ќе го украде токму вашето малечко. Ако оваа година имате нов член на семејството, кој ќе се приклучи на вашето незаборавно патување, еве неколку совети од доктор Јана Јовановска, педијатар, сè со цел вашиот одмор да биде безгрижен и да имате убави спомени.
ВО АВИОН СО БЕБЕ
Веројатно едно од првопоставените прашања би било кога е безбедно бебето да патува со авион? Препораките на големите педијатриски организации се дека авионскиот превоз е соодветен за секое терминско и здраво новороденче, само неколку дена по раѓањето. Ако патувањето со авион е неизбежно во оваа возраст, се препорачува за време на полетување и слетување да му понудите на бебето доење, цуцла со адаптирана формула или цуцла лажливка, за да се ублажи непријатноста во ушите предизвикана од промените на притисокот во средното уво. Воедно, нивото на бучава во кабината може да биде повисоко, особено за време на полетувањето, па слушалки за намалување на нивото на звук ќе го направат патувањето попријатно, а бебето полесно ќе заспие. И покрај ваквата препорака, сепак, најдобро време за прво патување со авион е околу 3 до 6-месечна возраст на детето, пред сè, поради заштитата од инфекции.
ИЗБЕГНУВАЈТЕ ДИРЕКТНИ СОНЧЕВИ ЗРАЦИ
Изложување на директни сончеви зраци не се препорачува за децата до 6-месечна возраст. Одберете место со пријатна сенка, најдобро природна под дрво, а ако не, тогаш под голем чадор со УВ-заштита. Дури и во сенка, нанесете крем со заштитен фактор SPF 30 или 50, погодна за бебе. Заштитниот крем за сонце е соодветен за бебиња над 6 месеци, но може да се нанесе и кај помалите, дури и кај новороденче, само на зоните од телото што не се покриени со облека, како лицето, горниот дел на дланките и стапалата, и тоа во најмала можна количина, особено ако се придвижувате со бебето на сонце. Нудете им на децата многу течности и внимавајте да не се прегреат. Ако бебето се наоѓа во количка, никако не прекривајте ја, дури ни со најтенко платно. Тоа сепак го нарушува струењето на воздухот и може да доведе до прегревање. И се разбира, избегнувајте престој надвор во најтоплиот период од денот, од 10 часот наутро до 4 часот попладне, кога зрачењето е највисоко. За почеток, одберете поблиска дестинација. Како и да се одлучите да патувате, важно е да се внимава на исхраната кај бебето. Кога патувате со автомобил, правете чести паузи и внимавајте бебето да биде соодветно нахрането на секои два до три часа.
СОЗДАДЕТЕ УСЛОВИ ЗА БЕЗБЕДЕН И БЕЗГРИЖЕН ОДМОР
Доколку сакате првиот одмор со вашето малечко да помине во најдобар ред, потребно е да ги обезбедите основните услови за безбедна игра и престој на плажа и да го заштитите од сите потенцијални „опасности“ за кои можеби и не сте свесни како млад родител. y Создајте убаво место за децата за игра, одберете плажа со ситен песок кој ќе биде пријатен и нема да предизвика страв за малите кои штотуку проодуваат, а особено внимавајте на малите истражувачи и нивниот интерес сè да вкусат. За најмалите создајте простор за игра под сенка на широко платно, за оние малку поголемите градители на песочни скулптури секогаш практикувајте пелена или соодветен костим за препокривање на пеленската регија поради ризик од инфекции. Малите базенчиња не се соодветен начин за разладување, бидејќи особено треба да се внимава на хигиената. Топлото време доведува до уште побрзо размножување на бактерии, па и тие можат да претставуваат зголемен ризик од инфекција. y Не постои прецизна препорака за тоа кога бебето може да ја искуси морската или езерската вода, но веројатно најсоодветно е на возраст од околу 6 месеци, кога детето веќе има добри моторни постигнувања. Помалите се уште почувствителни на температурата, па престојот во вода може да предизвика ладење на бебето. Се препорачува чиста, топла и мирна вода без бранови, а најдобро е бебето првпат да ја искуси во рацете на родителот. Избегнувајте престој во морска вода подолго од 15-20 минути и во ладна вода, бидејќи тоа може да предизвика хипотермија. y Внимавајте детето да е секогаш блиску до вас дури и во мирна вода. Децата не смеат да бидат блиску до водата кога има морска струја и секако, не смеат да влезат во неа, дури и во присуство и со поддршка на родителот. y Секогаш внимавајте децата да ја одржуваат главата над вода и да не голтаат многу од неа. Тоа може да доведе до таканаречената болест на рекреативна вода, која ја карактеризира болка во стомакот, дијареја, повраќање, нарушување на електролитната рамнотежа, болка во ушите и непријатно печење на очите. Доколку се јават вакви симптоми, побарајте консултација со лекар.
ШТО ДА ЗЕМЕТЕ ОД ЛЕКАРСТВА ЗА ПРВА ПОМОШ
Понекогаш и покрај големото внимание при патување, ќе треба да посегнеме и во нашата мобилна патна аптека, на која не смееме да заборавиме при планирање на одмор со дете. Неизбежен дел од неа е средството за заштита од инсекти, кое треба да е погодно за бебиња и мали деца, а меѓу основните лекови за прва помош задолжително имајте: топломер, сируп – антипиретик за покачена температура, сируп – антихистаминик за алергија, пробиотик, електролитен раствор за хидратација, како и комплет за брза помош за кожни рани – стерилни гази, антисептик за кожа, завој, ножички и фластери. И се разбира, и покрај неколкуте строги правила при летните авантури со бебе, не заборавајте да уживате во секој миг. Спомените испишани со одблесокот на сончевите зраци во водената шир со вашето малечко ќе бидат меѓу оние најсреќните и инспирација за уште многу посакувани дестинации.