КАКО МОЖЕ РОДИТЕЛОТ ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕ ПРВИТЕ ЗНАЦИ НА АУТИЗАМ КАЈ СВОЕТО БЕБЕ?

Аутизмот е невробиолошки развојно нарушување кое се дефинира со постоење на абнормален или оштетен развој што се манифестира пред третата година од животот. Во денешно време, сè поголем е бројот на деца со дијагноза на аутизам што предизвикува уште поголем страв кај родителите.  Како родител, никогаш нема да верувате дека вашето дете има проблем. Но, кога станува збор за аутизмот, раното откривање – идеално пред возраст од 18 месеци – е од големо значење“, вели Бољетин Зенуни, дефектолог во Клиничка болница „Аџибадем Систина“. Но, и без разлика на возраста, не треба да се губи надеж бидејќи соодветниот третман може да ги намали ефектите од анксиозноста и да му помогне на детето да учи, да расте и да напредува понатаму во текот на неговиот живот.

„Иако аутизмот е тешко да се препознае пред 24-месечна возраст, симптомите често се појавуваат на возраст од 12 до 18 месеци. Ако знаците се забележат пред 18-месечна возраст, интензивниот третман може да помогне да се репрограмира мозокот и да има регресија на симптомите“, вели дефектологот Зенуни.

Раните знаци на аутизам вклучуваат отсуство на нормални однесувања – а не присуство на абнормални однесувања, па затоа е тешко да се разликува. Во некои случаи, раните знаци на аутизам може погрешно да се протолкуваат како знак за „добро бебе“, мирно, независно, без барања. Но, овие знаци „се фаќаат“ само ако знаете што барате.

РАНИ ЗНАЦИ

Вашето бебе НЕ:

  • ве гледа во очи кога се храни или не се насмевнува кога му се насмевнувате
  • одговара кога ќе го повикате по име или на познат глас
  • ги следи визуелно предметите или гестовите кога покажувате нешто
  • покажува или гестикулира збогум или други гестови
  • бара внимание „по секоја цена“
  • иницира или реагира на прегратки, не крева раце за да ве прегрне
  • ги имитира вашите движења или изрази на лицето
  • покажува интерес или нема интеракција
  • покажува интерес кога вие се повредувате и не покажува загриженост.

Следниве одложувања бараат итна консултација со специјалист (педијатар, невролог, психијатар, дефектолог, логопед):

  • До 6 месеци: Не се смее или не покажува радост на лицето.
  • До 9 месеци: Нема интеракција со звуци, насмевки или други изрази на лицето.
  • До 12 месеци: Не одговара кога ќе го повикате неговото име.
  • До 12 месеци: Не користи „бебешки јазик“.
  • До 12 месеци: Без гестична интеракција, без покажување, без обид за кревање раце или мавтање поздрав.
  • До 16 месеци: Не кажува ниту еден збор.
  • До 24 месеци: Не користи фрази со два збора, не имитира.

Меѓу лекарите, родителите и експертите постојат различни мислења за причините и третманот на аутизмот. Но, постои еден факт за кој сите се согласуваат: раниот третман помага. Во Kлиничка болница „Аџибадем Систина“ функционира Центарот за рано откривање и третман на деца со пречки во развојот. Се работи за многу чувствителна категорија на деца за чија обработка е потребен мултидисциплинарен пристап.

Тимскиот пристап обезбедува на едно место обработка на детето, корелирање на добиените резултати и континуирано следење на ефектите од третманот. Целта е да се постави дијагноза колку што е можно побргу за да се почне со ран третман. За ризичните деца и децата што покажуваат рани знаци, ова е од исклучително значење во понатамошниот развој.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!