Малигните тумори на репродуктивните органи се меѓу најчестите причини за заболување и смрт од малигни болести кај жените. Податоците од Интернационалната агенција за истражување на ракот (ИАРЦ) од Лион покажуваат дека малигните тумори кај женскиот генитален систем се 19% од новите случаи на карцином кои се регистрираат секоја година, во развиените земји е 14,5 %,а кај земјите во развој е 22,1%. Смртноста е 15,3 % заболени со генитален карцином, од целокупниот морталитет кај жените заболени со малигни тумори. Доц. д-р Никола Баџаков, специјалист по гинекологија и акушерство во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, вели дека најзначајни извори на податоци за малигните болести се државните и болничките регистри и додава дека регистрацијата на малигните тумори е процес со систематско и континуирано собирање, чување, анализирање и интерпретација на добиените податоци од заболените со карцином, но за жал во нашата држава такви регистри за малигни тумори во нашата држава не постојат со децении.
ПРЕВЕНЦИЈА, ПРИЧИНИ И НАЧИН НА ЛЕКУВАЊЕ
Карциномот на грлото од матката обично не предизвикува некои симптоми, најчесто се дијагностицира по земање рутински ПАП. „Кога предизвикува симптоми, тоа е вагинално крвавење кое се јавува меѓу менструални циклуси, по сексуален однос, во менопауза. Тие не се специфични симптоми, но задолжително треба да се отиде на гинеколошки преглед“, вели доц. д-р Баџаков. Овој карцином се појавува со помала честота од 15 до 17-годишна возраст, расте кон 50-54 година, со опаѓање кон 75 години. Инвазивниот карцином на грлото од матката е заболување кое може успешно да се лечи затоа што има долг преинвазивен период (ЦИН 1, 2, 3), може да се организира ефикасен скрининг, а промените кои се пред инвазивност, се лечат. Сепак, оваа болест и понатаму е еден од најчестите малигни тумори кај жените. Фреквенцијата на појавување на цервикалниот карцином, покрај ризичните фактори, зависи најмногу од постоењето на скрининг програма за него. Карциномот на грлото на матката е идеална болест за скрининг со воведувањето на Папаниколау тестот (ПАП), вели д-р Баџаков и додава дека со примената на цитологијата во тој метод, значително е подобрена врската меѓу клиничарот и пациентката, а во земјите каде што има квалитетен скрининг и голема опфатност на женската популација, намалена е појавата до 90% на инвазивниот карцином.
КАРЦИНОМ НА ГРЛО НА МАТКА
Малигни тумори на репродуктивните органи Фактори на ризик за оваа состојба се: ХПВ инфекции на долниот генитален систем, рано почнување со сексуални односи, поголем број на различни партнери, пушењето (хемиска карциногенеза), постоење на имуносупресивни состојби, како и лоши социјално-економски животни услови. 31 „Појавувањето на инвазивната промена може да се дијагностицира ако болеста е манифестна при клиничкиот преглед, или по употребен ПАП и колпоскопија. Дефинитивна дијагноза се поставува со добивање на патохистолошки резултат преку биопсија, ендоцервикална киретажа или конизација. Понатамошен чекор е да се одреди стадиумот на проширеноста на карциномот, преку клинички преглед на искусен гинеколошки онколог, потпомогнато со визуелни методи, за локализација, големина на промената, продорот во параметриумот, најблиските органи: мочниот меур и ректумот. Тоа се постигнува со ултразвук, компјутерска томографија, магнетна резонанса. Ако тие потврдат дека болеста е операбилна, нема потреба од дополнителни дијагностички постапки: цистоскопија, интравенска урографија, ректоскопија, рендген на бели дробови, лимфографија“, објаснува д-р Баџаков. Принципи во лечењето на инвазивниот карцином на грлото од матката прецизно се утврдени и зависат од стадиумот на болеста. Целта на терапевтската постапка е да се постигне најголем успех во лекувањето со најмали компликации. Основни тераписки постапки се примената на хируршкиот зафат и хемо-радиотерапијата. „Радикалната операција се состои во отстранување на матката, ткивото околу цервиксот-параметриум, манжетна од горниот дел на вагината (2 cm), отстранување на лимфни јазли во карлицата. Предноста на хируршкото лечење како примарна постапка е во тоа што се отстранува туморот и се овозможува точна хируршка процена на стадиумот на болеста за избор на евентуална дополнителна терапија. Радикалната хистеректомија широко се применува, но во последно време се употребуваат т.н. ‘минимално инвазивни методи’, како лапароскопијата и роботиката“, додава тој. Како единствен онколошки центар во државата и редок во регионот, во Клиничката болница „Аџибадем Систина”, веќе 15 години се применува лапароскопскиот радикален зафат, со презентирани резултати кај нас и околните земји. Онколошките резултати по операцијата се исти како класичните операции, но предност е што нема рез на абдоминалниот ѕид, помалку се губи крв за време на интервенцијата, употреба на помала количина на лекови, пократок престој во болницата, побрзо враќање во нормален живот: дома и на работа. „Голема придобивка за младите жени со инвазивен карцином на грлото на матката и желбата да станат мајки е преку зачувување на матката со отстранување на ракот. Тоа се остварува со примената на лапароскопско отстранување на околни жлезди и вагинално вадење само на зафатениот цервикс, т.н. радикална трахелектомија, без да се доведе во ризик животот на пациентката“, вели д-р Баџаков.