проф. д-р Александар Николиќ: Со вградувањето на вештачко срце докажавме како болница дека сме спремни за врвни дострели во кардиохирургијата!

“Вградувањето на вештачко срце е голем чекор за македонската кардиохирургија и целиот здравствен систем воопшто. Сега отвораме простор и други пациенти да добијат вештачко срце, што ќе им го продолжи животот додека не најдат донор на срце. Оваа интервенција треба да значи почеток и на други работи што треба да се случуваат во земјава, како што е трансплантациската програма, поконкретно во кардиохирургијата, што досега ја немало.“

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје минатиот месец е направено првото вградување на целосно вештачко срце во Македонија. Пациентот, маж на 46-годишна возраст од Штип, со исклучителна срцева слабост, по оперативниот зафат е во стабилна здравствена состојба и се чувствува добро. Операцијата, којашто траеше повеќе од пет и пол часа комплетно ја изведе тимот од „Аџибадем Систина“, предводен од шефот на Одделот за кардиохирургија, проф. д-р Александар Николиќ, којшто во болницата дојде од врвен кардиоваскуларен центар во Белград и има огромно искуство во кардиохируршката област.

Вградувањето на целосно вештачко срце, како комплексна кардиохируршка операција, ја вброи Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во самиот врв на светските здравствени установи кои вршат зафати со механичка срцева потпора. Воедно, ова е огромен исчекор и за македонската кардиохирургија, со што нашата држава се вбројува во малкуте земји во светот каде што се извршени вакви операции.
Оваа операција на вградување вештачко срце е прва во Македонија, а втора во регионот, по онаа минатогодишната на Институтот за кардиоваскуларни болести „Дедиње” во Белград, исто така изведена од проф. д-р Николиќ. Вкупно во светски рамки се изведени 1.800 вакви операции, а Македонија влезе на листата од 25 земји во светот каде што се изведува овој исклучително комплициран кардиoхируршки зафат, покрај држави како што се САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија…

“Вградувањето целосно вештачко срце беше единственото решение за пациентот, кој поради изразена форма на срцева инсуфициенција, функционираше со само 15% од капацитетот на срцето. Со новото срце, тој доби нова шанса за живот и нови шест години за наоѓање соодветен трансплантат. При интервенцијата, комплетно беше отстрането неговото срце и го заменивме со целосно вештачко срце. Оваа интервенција е најдоброто решение, особено кај пациенти кај кои срцевата инсуфициенција е присутна и во десната и левата комора и е значително покомплексна интервенција, за разлика од вградувањето вештачка  LVAD пумпа, којашто дава механичка поддршка единствено на левата срцева комора”, изјави проф. д-р Николиќ по интервенцијата.

Професоре, што значи вградувањето на вештачко срце за кардиохирургијата во Македонија, објаснете ја малку повеќе тежината на ова достигнување?

Вградувањето на вештачко срце е голем чекор за македонската кардиохирургија и целиот здравствен систем воопшто. Сега отвораме простор и други пациенти да добијат вештачко срце, што ќе им го продолжи животот додека не најдат донор на срце. Оваа интервенција треба да значи почеток и на други работи што треба да се случуваат во земјава, како што е трансплантациската програма, поконкретно во кардиохирургијата, што досега ја немало. Исто така, за очекување е и да почнат процедурите за вградување на пумпа на т.н. лево срце, интервенции што исто така досега отсуствувале во Македонија, а коишто се прават во почетната фаза на инсуфициенцијата на срцевиот мускул, затоа што заболување и на десното срце, е практично терминална фаза, кога животот на пациентот е многу повеќе загрозен и потребни се потешки интервенции.

И не само во кардиоваскуларната медицина, туку и во другите гранки ќе се предизвика понатамошен развој со помош на ова што ние го направивме тука во “Аџибадем Систина“, затоа што медицината е наука, но и уметност, каде што многу области се меѓусебно преплетени и потребна е синергија со цел системот да функционира беспрекорно, и како краен резултат, здравјето на секој од нас да биде во добра состојба.

Колку чини ваква интервенција, и дали Фондот за здравствено осигурување го покрива вградувањето на вештачко срце?

Да, ФЗОМ ја покрива интервенцијата, затоа што тоа е еден исклучително скап зафат чија цена не би сакал да ја коментирам во оваа прилика, се работи во секој случај за многу висока сума којашто ретко кој може да си дозволи да ја плати од свој џеб, не само овде, туку и во развиените земји. И таму имплантациите на вештачко срце, трансплантации и останати врвни хируршки интервенции главно ги покриваат фондовите за здравствено осигурување или осигурителни компании што функционираат во здравствениот систем.

Со оглед дека пациентот има околу 6 години да пронајде донор на срце, какви се шансите евентуалната трансплантација  да се случи во “Аџибадем Систина“, или во Македонија воопшто? Сега, откако се дозволи на приватните клиники да прават трансплантација на поедини органи, има ли услови за такво нешто во земјава?

Добро е што се менува регулативата којашто досега не дозволуваше трансплантации во приватни болници, иако, јас сметам дека јавно и приватно здравство не треба да се гледаат различно, особено не во контекст на трансплантациската проблематика. Ако некој заслужува акредитација за ваков тип интервенции, треба да ја добие, без оглед дали е државна или приватна болница, а исто така и контролите врз функционирањето на оваа чувствителна област треба да се подеднакво ригорозни и за двата сектора. На крајот на краиштата, во многу напредни земји од светот, како што е САД на пример, најголем дел од болниците се во рамки на приватниот сектор, и таму се вршат најкомплицираните хируршки интервенции, како што се трансплантациите на органи.

Трансплантациската хирургија бара мултидисциплинарни медицински тимови, а “Аџибадем Систина“ тоа го има и покажа дека одлично функционираат. Ќе го истакнам само примерот на бремената пациентка што беше неодамна кај нас хоспитализирана со пукната аорта, значи главниот крвен сад. Тимот на гинеколози прво успешно ја породи жената, педијатрите и неонатолозите се погрижија бебето да се одржи во живот, потоа тимот од кардиохирургија се погрижи успешно да се санира аортата, и на крајот кардиолозите ја водеа пациентката во постоперативната фаза.

Нашата болница успешно комуницира и со државните болници, за што доказ е токму примерот на пациентот кој штотуку доби вештачко срце кај нас. Тој претходно беше лекуван во штипскиот Клинички центар, а потоа во скопската државна кардиологија, за откако се исцрпеле сите можности да биде префрлен во “Аџибадем Систина“ и да му биде вградено вештачко срце. Тоа е еден показател дека ние добро соработуваме, дека има добра синергија на приватното и државното и дека Македонија е на добар пат во тој поглед.

Ако на времето македонските граѓани мораа да одат во Софија, Сремска Каменица или Љубљана за кардиохируршки интервенции, дали сега може да се каже дека благодарение, пред се’ на двете врвни приватни кардиохирургии Скопје се етаблира како значаен регионален кардиохируршки центар?

Слободно ќе кажам дека Скопје, односно Македонија, можат да бидат горди на својата кардиохирургија претставена преку двата приватни центри и државниот којшто се развива од неодамна. Во земјава практично нема листа на чекање за кардиохируршки интервенции, како што има во мојата родна Србија, на пример, каде што луѓето чекаат и по година дена за операција. Листи на чекање има и во високо развиени земји, како В. Британија, каде што се чека од 3 – 6 месеци за операција на срце и крвни садови. Скопје се наметна како лидер во областа на кардиохирургијата во регионов и рамо до рамо веќе се носи со постарите и попознати центри за оваа медицина, а од некои од нив веројатно е и подобар. Со ова што ние го правиме во “Аџибадем Систина“ само придонесуваме за уште побрз развој на кардиохирургијата во Македонија и јас сум многу задоволен заради тоа.

Има ли нешто што останува се уште недостапно за македонските пациенти во делот на кардиохирургијата  во земјава, покрај трансплантацијата на срце во моментов?

Мојата мисија како шеф на кардиохирургијата во “Аџибадем Систина“ кога дојдов тука пред седум месеци, беше болницата да понуди комплетна кардиохирургија и да виде лидер во оваа област, не само во земјава, туку и во регионот, па зошто да не, и во европски рамки. Зборувам за адултната кардиохирургија, кај детската е сосема друга проблематика. Во моментов можеме да извршиме широк спектар на интервенции, практично сè (коронарни бајпаси, минимална инвазивна кардиохирургија, реконструкција на срцеви залистоци, вградување пумпи за поддршка на лево срце), а круна е вградувањето вештачко срце, и се разбира трансплантацијата на срце од донор, за којашто се надевам дека во релативно кус рок ќе се случи.

Со оглед дека вие не сте само хирург, туку и раководител со цел тим на одделот, како би го опишале својот стил на менаџирање со една ваква организација? Во кои аспекти сте бескомпромисни, на што инсистирате пред сe’ од вашиот тим?

Целта ми е во “Аџибадем Систина“ да правиме што е можно повеќе кардиохируршки интервенции, а исто така и што поширок спектар на операции, како што спомнав претходно. Другата битна работа е да бидеме постојано “апдејтувани“ со најновите знаења и технологии во оваа област. И мислам дека сме на добар пат, затоа што просечниот број на 30 – тина операции месечно, ние практично го удвоивме. За сето ова да може да го направиме, јас како раководител на одделот мора да имам одличен тим со мене, хирурзи, анестезиолози, сестри, болничари, буквално сите инволвирани во процесите.
Мора човек да е исклучително внимателен кого бира за соработник во кардиохирургијата, која што бара исклучителна посветеност, напор и дисциплина. И тука нема место за сентименталности. Оној што не е спремен да одговори на предизвиците, мора да ја напушти кардиохирургијата.

Каква е перспективата на кардиохирургијата во земјава, од аспект на квалификуван кадар, односно, има ли доволно млади кардиохирурзи врз коишто оваа гранка ќе се потпре на среден и долг рок?

Секој што води кардиохируршки, па и било каков хируршки оддел во една болница, треба да се грижи за создавањето на квалификувани лекари што ќе овозможат конзистентност на хирургијата, односно за создавање “подмладок“ што би се рекло. Мојата визија е тука во “Аџибадем Систина“ да оставам после себе барем 4-5 кардиохирурзи коишто ќе можат да работат комплетна програма на интервенции. Затоа што, ако јас сум спречен од било каква причина да оперирам, и одделот не може да прави повеќе интервенции, ништо не сме направиле. Во моментов имам двајца такви хирурзи, на пат сме да донесеме и трет, до исполнување на ова што ви го кажав како цел. Македонија дефинитивно има талентирани млади лекари, тоа не е проблем, туку проблем е како тие да се задржат во земјава. Со ваква ситуација не се соочува само Македонија, туку сите земји на Балканот. Мислам, дека со овозможување на одлични услови за работа и усовршување какви што има во “Аџибадем Систина“ можеме да придонесеме во задржувањето на овие таленти во земјава, и да создадеме квалитетна база за одржување на високото ниво на кардиохирургијата на долг рок.

Во каква состојба е срцето, и воопшто кардиоваскуларнот систем  на просечниот македонски граѓанин професоре, се разликува ли од состојбата во регионот и просекот во Европа и светот и зошто? Какви се статистиките на Македонија, Србија, Балканот генерално во тој поглед, споредено со развиените економии?

За жал состојбата не е добра. Македонија, Србија, Балканот генерално, после Русија, се најзагрозени подрачја во поглед на кардиоваскуларните болести. Речиси 50% од населението на овие простори што умира пред време, умира од кардиоваскуларни болести, поточно половина од овие 50% умираат од проблеми со срцето. Статистиката на кардиоваскуларните болести води убедливо пред онколошките болести и останатите причини за смртност.
Државите мора да почнат сериозни програми за ублажување на овие состојби, пред с$ во едукација на населението уште од најрана возраст за здравиот начин на живот и превенцијата. Не се согласувам со општата перцепција дека здравиот начин на живот е скап. Недозволиво е во држава како Македонија, која изобилува со овошје и зеленчук, луѓето да не се хранат здраво. Исто така не чини ништо да попешачите 3-4 км дневно, а уште помалку ќе ве чини, односно, ќе заштедите, доколку ги оставите цигарите. Така што, здравиот начин на живот е всушност поевтин од нездравиот. Секако, да не ја заборавиме и редовната здравствена контрола, којашто во земјава и регионот е на ниско ниво, па затоа кардиоваскуларните и останатите заболувања многу често се откриваат кога е веќе предоцна.

Кои се според вас клучните фактори за успех, што вас ве водело низ кариерата како принципи и правила?

Порака до сите што се занимаваат со медицина, и се стремат нешто да направат во животот, е дека мора многу да работат. Јас кога бев на специјализација, немав работно време, од утро до вечер бев во сала, учев, гледав, секој втор ден дежурав, после дежурство немав слободен ден, секој втор викенд ми беше слободен. На тој начин стекнав огромно искуство, огромен број на операции на коишто асистирав, и се тренирав себеси да бидам хирург што знае три чекори однапред што ќе прави. Тоа е еден процес на учење којшто е макотрпен, но единствен за да успееш.

Мора постојано да следите што се случува. Ако мислат младите лекари дека со факултетот или специјализацијата завршиле со учење, нема да бидат добри стручњаци од нив.
Јас гледам барем на два едукативни настани во текот на годината да отидам, конгреси, семинари и сл., и секој ден читам по час – два најмалку за да научам нешто ново и да видам што се случува во светот во мојата струка.

Ако сакате да сте лидер, мора да имате харизма и храброст, да влезете во некои нови области и покрај отпорот околу вас. Јас често бев критикуван и напаѓан, но потоа и фален кога преземав такви чекори.
Прв почнав со минимално инвазивна кардиохирургија во Србија, ме критикуваа, велеа дека пациентите нема да се разбудат и сл., па се уверија дека не е така.
Прв комбинирав тимови од педијатриски и кардиохирурзи за возрасни, што беше примено со скепса, но и тоа успеа. Прв почнав со реконструкција на валвули на територија на бивша Југославија и за тоа ме дочекаа на нож.
И најново, со вештачкото срце, за кое ме сатанизираа во Србија, но кога излезе добро, наеднаш бев херој. Мора да верувате во себе и имате визија за тоа што сакате да го направите.

Професоре, како одеше вашиот развоен пат на кардиохирург? Каде сè стекнувавте искуство?

Јас имав среќа веднаш по дипломирањето на Медицинскиот факултет во Нови Сад во 1990 година да се вработам на Институт за кардиоваскуларни заболувања во Сремска Каменица, во тоа време најпознат кардио центар во поранешна Југославија. Бев ученик на познатиот професор Мирослав Радовановиќ и пет години кај него бев на специјализација. Потоа добив понуда од Институтот за кардиоваскуларни заболувања “Дедиње“ во Белград, и следните 11 години работев таму. Тогашниот директор на институцијата беше мошне амбициозен во намерата да ја направи институцијата врв во својата област во регионот, донесе многу талентирани лекари од окружувањето, почнавме со трансплантации на срце, црн дроб, бубрези и панкреас и навистина станавме организација за престиж. Во 1998 Институтот ме прати на едногодишно усовршување во Кливленд, САД, од каде што морав да се вратам за шест месеци заради воените превирања што почнаа во тогашна СР Југославија. Но, и за тој кус период научив многу во Кливленд, и штом се вратив, почнав со минимално инвазивна кардиохирургија. Потоа, во 2006 година се вратив во Сремска Каменица, од каде што ме викнаа да бидам директор, затоа што сакаа да ја закрепнат организацијата и да ѝ ја вратат старата слава којашто беше избледела во меѓувреме. За само една година успеав да донесам голем број добри лекари од Белград и пошироко, створив критична маса на кадар што можеше да направи промени. Тоа веднаш се почувствува преку зголемениот број на интервенции и центарот почна многу добро да заработува. Но, кај што има добра заработка, се вмешуваат и политичари, па и тука не беше исклучок. Не можев да се помирам со некои ситуации што ги бараа од мене, па си дадов отказ. Следната година заминав во приватната болница “Филип Втори“ во Скопје, каде што поминав шест извонредни години, направив многу операции, и потоа на повик, од премиерот на Црна Гора заминав во Подгорица за да основам кардиохирургија во нивниот клинички центар. Иако условите не беа идеални, со недоволно опремена болница и сл., успеав да направам околу 3.000 операции, и во 2007 година се вратив во Белград, во Институтот Дедиње каде што ја почнав програмата за срцева инсуфициенција, односно вградување на вештачко срце. Првото го вградивме до декември лани, а потоа на повик од г –динот Јордан Камчев, дојдов во “Аџибадем Систина“, пред седум месеци.

Извор: Капитал

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!