СОВЕТИ ЗА БЕЗГРИЖЕН ОДМОР СО ДЕТЕ

Летувањето и плажата треба да бидат место за опуштање и забава за децата. Тие се многу љубопитни и сакаат да истражуваат, но треба да имаме предвид дека не се свесни и не знаат како да се грижат за себе на долгата песочна плажа. Престојот во вода (дури и во плитко), бранови, песок, камења, гужви на плажа, се потенцијална опасност за децата, затоа мора вие како родители да ги заштитите. Д-р Наташа Чучкова – Никчевска, педијатар, гастроентерохепатолог, советува родителите да бидат внимателни со децата за време на летниот одмор и да се грижат во обезбедувањето доволно течности.

ЗНАЦИ НА ДЕХИДРАТАЦИЈА

Дехидратација кај децата е недостаток на вода во телото што се јавува кога телото добива помалку вода отколку што губи. За да не дојде до оваа состојба, телото има свој регулирачки механизам кој формира чувство на жед. Знаци на дехидратација кај децата се: сува кожа, темни кругови под очите, сув јазик обложен со бели наслаги, фонтанелата се повлекува кај доенчиња, намалена количина на урина – сува пелена или урината е густа и интензивно жолта, забрзана срцева акција, малаксаност. При губење вода од телото поради дехидратација доаѓа и до губење на електролити, најчесто натриум и калиум. „Превенција на дехидратација кај мали деца во текот на летните месеци, кога силно се потиме, е од исклучително значење. Поради ова треба редовно да се пијат течности, да се има секогаш шише вода или некој природен незасладен сок. Исто така, супите, зеленчукот и овошјето богати со вода, како што се лубениците, краставиците и тиквичките, ќе му помогнат на телото да ја добие потребната количина вода и успешно да се бори со топлината. Родителите треба да знаат дека на децата од една до три години им требаат просечно 1,3 литри течност дневно, а децата под една година имаат потреба од мајчино млеко или млечна формула“, вели д-р Чучкова.

ЗАШТИТЕТЕ ЈА ДЕТСКАТА КОЖА

Познато е дека кожата памети сè, па затоа е потребно да се сочува од штетното влијание на сонцето. Современата медицина и козметологија денес нудат заштитни фактори кои се базираат врз 100% минерални филтри за целосна заштита од сонце и обезбедуваат силни антиоксидантни ефекти. Но, она што треба да го знаат родителите е дека дури и најдобрите кремови за сончање немаат целодневен ефект, па затоа треба често да се нанесуваат (особено по пливање и потење) и секогаш најмалку 20 минути пред изложување на сонце.

БАЗЕНИТЕ СЕ РИЗИК ЗА РАЗВОЈ НА ИНФЕКЦИИ

Д-р Чучкова објаснува дека капењето во базени носи свои ризици. Водата во базените треба да е микробиолошки чиста, а концентрацијата на хлор треба да биде доволно висока. Премногу високата концентрација на хлор може да ги иритира кожата и очите. Од друга страна, ако концентрацијата на хлор е мала, микроорганизмите нема да се уништуваат и ризикот од инфекции во тој случај е поголем. Кога детето ќе влезе во вода, секогаш следете ја неговата реакција. Најдобро е да бидете веднаш до него додека не се приспособи на температурата на водата. Дури и ако детето е пливач и добро се снаоѓа во вода, не дозволувајте да оди предалеку. „При пливање и нуркање може да навлезе и вода во увото и да дојде до појава на болка – т.н. инфекции на увото при пливање кои се предизвикани од продолжено задржување на водата во ушите. За да се превенира оваа состојба, нежно исушете ги ушите на вашето дете со крпа. Може да им ја навалите главата на едната страна додека не го исушите едното уво, по другото“, советува д-р Чучкова.

КОИ ЛЕКОВИ ДА СЕ ПОНЕСАТ СО СЕБЕ НА ОДМОР СО ДЕТЕ

Една од главните дилеми на секој родител пред да замине на летен одмор е што треба да понесе со себе од лекарства за да може да му помогне на детето. Основната аптека вклучува: лек за мачнина при возење, топломер, лек за намалување на температурата, антихистаминик за деца со алергии, маст за ублажување на убоди од инсекти, комплет за прва помош, капки за нос, пробиотик, средство за рехидратација. Некои деца имаат хронични здравствени проблеми, како на пример дијабетес, алергија на храна или астма. Во тој случај, родителите треба да ја понесат пропишаната терапија во количина за да имаат доволно лекови за сите денови што ќе ги поминат на пат.

КОЛКУ Е ВАЖЕН ВНЕСОТ НА ТЕЧНОСТИ

Внесот на вода, особено во летните месеци, е нешто што е императив. Во топлите денови се губат повеќе течности од телото, па со тоа и можноста за дехидратација е поголема. Потребите за течности се различни во текот на растењето и зависат од возраста, како и од килограмите што ги има детето.

  • Бебиња имаат потреба од 120-150 мл течност на килограм телесна тежина.
  • Доенчиња имаат потреба од 100 мл на килограм телесна тежина.
  • Возрасните имаат потреба од 50 мл течност на кг телесна тежина.
  • За деца од 11-20 кг, дневната потреба од течност е 1000 мл + 50 мл/кг за секој кг над 10.
  • За деца >20 кг, дневната потреба од течност е 1500 мл + 20 мл/кг за секој кг над 20, до максимум 2400 мл дневно.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!