Првите сончеви зраци со нетрпение ги очекуваме сите, период од годината кога сакаме најголем дел од своето слободно време да поминуваме надвор. Но и покрај сите благодати што ги носи летото, треба да знаеме дека топлото време може да предизвика и сериозни последици врз нашето здравје и да доведе до состојби како што се сончаница и топлотен удар. Тоа се две различни состојби кои понекогаш можат да бидат и закана за нашите животи.
ДОЛГОТРАЈНАТА ИЗЛОЖЕНОСТ НА СОНЦЕ МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА СОНЧАНИЦА
Сончаница е состојба што настанува по повеќечасовно и директно изложување на главата на интензивни сончеви зраци, објаснува д-р Марија Гашоска, невролог. Механизмот на оштетување е преку прегревање, вазодилатација (ширење на крвните садови) и термичка повреда на мозочното ткиво. Сончаница може да добиете во летниот период, при спортување или работа на отворено (градежништво, земјоделство) или при предолга изложеност на сонце на отворено море, најчесто во периодот помеѓу 11 и 16 часот. Поранлива група граѓани за сончаница се децата и постарите, лица што имаат поретка коса или ќелавост, лица што имаат поголем физички напор во тек на изложеност на сонце или се дехидрирани, лица што се под дејство на алкохол во моментот и лица чијшто организам е веќе исцрпен од постојна болест.
СЛЕДЕТЕ ГИ СИМПТОМИТЕ И ДЕЈСТВУВАЈТЕ НАВРЕМЕ!
Од лесни и незначителни симптоми до фатален исход – затоа следете ги симптомите на сончаницата. Започнува со изнемоштеност и зашеметеност, главоболка, црвена кожа, забрзан срцев пулс (тахикардија), зуење во уши (тинитус), покачена телесна температура, гадење и повраќање кое не дава чувство на олеснување. Подоцна може да се јават и алармантни симптоми како халуцинации, вкочанетост на врат, грчеви, губење свест и кома. Тогаш мора да побарате ургентна медицинска помош, бидејќи крајниот исход може да биде и смрт. Доколку некое лице во ваша близина има сончаница, треба да го однесете во поладна и затемнета просторија, да го ставите во лежечка состојба и да го ладите – доволно е и попрскување со вода на собна температура. Исто така, се препорачува да му дадете вода во која ќе ставите малку сол. Доколку состојбата не му се стабилизира бргу, повикајте стручна помош.
КАКО НАСТАНУВА ТОПЛОТНИОТ УДАР И КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ?
„Топлотен удар е акутна состојба, која настанува одеднаш и без најава поради нарушена терморегулација во организмот. За разлика од сончаницата, не мора да бидете на отворен простор и директно изложени на сонце, туку да имате долготрајни активности во прегреани и влажни услови, на отворено или затворено. Температурата на телото се зголемува и до над 40 степени и може да прогресира во шокова состојба. Механизмот на оштетување е токму преку нарушената внатрешна терморегулација, односно организмот не може да одржи нормална телесна температура како одговор на наглото и прекумерно покачување на температурата. Склоност кон топлотен удар имаат лица што работат во прегреани услови (пекарници, возачи, лица во топилници), деца, спортисти што подолго тренираат на отворено или се изложени на повисоки температури. Симптомите на топлотен удар се слични на сончаницата – вртоглавица, црвена, сува или испотена кожа, главоболка, покачена телесна температура, брз срцев пулс (тахикардија), брзо дишење (тахипнеа), замор и изнемоштеност, гадење и повраќање кое не дава олеснување“, објаснува д-р Гашоска. Симптоми што навестуваат лоша прогноза и се медицинска итност се грчеви, промени во нивото на свесност (кома) или содржината на свесноста (халуцинации, агитација, конфузност).
РАЗЛАДУВАЊЕ НА ТЕЛОТО Е ПРВА ПОМОШ, ЗАБРАНЕТО Е ТУШИРАЊЕ СО ЛАДНА ВОДА
На лицето што е жртва на топлотен удар ќе му помогнеме ако го пренесеме во темна и поладна просторија или на ладовина и сенка, го разладуваме со ладни облоги по телото (чело, врат, препони, рачни зглобови и делот зад колената), му даваме да пие вода, никако алкохол или благи напивки. Доколку е можно, се следи телесната температура со мерење сè додека не дојде медицинската помош. Секогаш бараме стручна помош ако се сомневаме на топлотен удар. Не смееме пациентот да го тушираме со ладна вода или нагло да ја симнуваме телесната температура. Доколку лицето е во бессознание, не му даваме да пие на уста, само го вртиме во бочна положба. И по дадената стручна помош, пациентите во следните неколку часа може да имаат главоболки, осетливост на светлина и звуци, раздразливост и нервоза и затоа им треба одмор во пријатни услови.
СОВЕТИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА!
Превенција од сончаница и топлотен удар се постигнува со избегнување на директна изложеност на сонце во период од 11 до 16 часот, носење шапки и очила за сонце, кремови за лице и тело со заштитен фактор, лесна облека од природни материјали, консумирање вода во поголеми количини (секогаш имајте шише вода со себе), избегнување физички активности (спорт и работа) директно на сонце и избегнување алкохол. Со примена на овие мерки, може безгрижно да уживате во летото и топлото време до есента.