10 ПРИЧИНИ ЗОШТО ДА НАПРАВИТЕ МАМОГРАФИЈА

Можете да имате илјада изговори за да не отидете на редовен преглед и да не направите мамограф, но водете се од фактот дека карциномот на дојка е најчестото малигно заболување кај жените. Д-р Маја Стојчевска-Чапова, радиолог, советува дека само раната дијагноза спасува животи.

Што претставува дигиталната мамографија

Дигиталната мамографија претставува систем во кој рендген-снимките се заменуваат со детектори коишто ги конвертираат рендгентските зраци во електрични сигнали. Електричните сигнали произведуваат слика на дојките којашто може да се види на специјален монитор со екстремно висока резолуција. Благодарение на можноста за зголемување, затемнување и осветлување на сликата се избегнува потребата од дополнителни снимки. Снимката може да се испечати на филм еднаков на конвенционалните мамограми. Според пациентите, дигиталната мамографија е попријатна од конвенционалната бидејќи употребува помал притисок (компресија) на дојките.

Ова се 10-те најважни причини зошто треба да направите мамографија:

  • 85% од пациентите со канцер на дојка немаат семејна историја на болеста – Точно е дека еден од ризикфакторите за појава на карцином на дојка е генетската предиспозиција и дека ако некој од членовите го имал може да се појави и кај вас, особено доколку биле заболени вашата мајка или сестра. Но, речиси 85 отсто од жените кои имаат карцином на дојка немале никаква семејна историја. За ваша сигурност, проверете се!
  •  Возраста не е клучна – Карциномот на дојка е најчест кај жените над 55 години. Но, сепак, може да се појави и кај помладите жени. Правете редовни самопрегледи и разговарајте со вашиот лекар за можните ризик-фактори.
  • Минимално зрачење – На мамограф ќе добиете помало зрачење од она што ќе го добиете доколку летате со авион од Европа до САД. И сигурно без размислување би прифатиле да патувате во САД без оглед на стравот од зрачење, па прифатете и мамографски скрининг. Современите дигитални мамографи се со минимално зрачење, имаат подобра резолуција и се поосетливи за дијагноза.
  • Рана дијагноза – Не донесувајте заклучоци пред испитувањето. И доколку ви дијагностицираат некакви промени, можно е тие да се бенигни. Добро е ако на мамографската снимка навремено се дијагностицира сомнителна промена, лекарите навремено ќе дејствуваат и резултатите ќе бидат на ваша страна. Не чекајте да биде предоцна!
  •  Не е скапа метода – Не обидувајте се да најдете оправдување дека не можете да одвоите од вашиот буџет за едно мамографско снимање еднаш на две–три години.
  • Прегледот е безболен – Мамографскиот скрининг воопшто не е болен. За време на прегледот ќе почувствувате лесен притисок врз дојките. Снимањето трае многу кратко, а лесен притисок се користи за да се добие подобар квалитет на снимката и да се употреби помала доза на зрачење.
  • Детектира најмали промени – Иако при самопрегледот не сте почувствувале грутки во дојките, сепак, на мамографскиот скрининг може да се дијагностицираат многу мали тумори кои се во големина од 3-4 мм и не се опипливи при самопреглед. Мамографите може да бидат помалку ефикасни во дијагноза на карцином во густи дојки.
  •  Кратко времетраење на снимањето – Најдете време, мамографското снимање трае само 15-20 минути. Многу повеќе време ќе ви треба за лекување доколку се разболите.
  •  Можност за успешен третман  -Доколку дијагнозата се постави навреме, голема е можноста за успешен третман. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со најсовремен линеарен акцелератор TRILOGY кој дава одлични резултати во третманот на карцином на дојка.
  •  Секоја жена може да заболи – Се хранам здраво и редовно вежбам. Здравиот начин на живот и редовното вежбање можат да го намалат ризикот од карцином на дојка. Но, сепак, не можат да го заменат скринингот.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со најсовремен апарат за дигитална мамографија кој со минимално зрачење ги открива и најмалите патолошки промени во дојката. Дигиталниот мамограф е адаптиран да овозможи снимање и кај пациентите со инвалидитет. Современата технологија надополнета со експертизата на радиологот овозможуваат брза, навремена и што е најважно прецизна дијагностика на сите заболувања на дојката. За да се чувствувате релаксирано и опуштено за време на прегледот на дојки, кој повеќето жени го доживуваат како непријатен, во кабинетот за мамографија внесовме елементи кои будат позитивна енергија.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!