Болка во мускулите – причина, лекување и превенција
Стресот, неправилното држење на телото или прекумерната физичка активност се најчестите причини за појава на болка во мускулите. Но таа може да биде поврзана и со одредени медицински состојби, па во тој случај справувањето со неа задолжително бара лекарска помош. Бидејќи целото тело е покриено со мускулно ткиво, нема човек кој не почувствувал болка и непријатност во некој дел од мускулите. Оваа состојба може да е изолирана, во само една регија или мускулна група, и генерализирана, кога болката се јавува во мускулатурата по целото тело. Според д-р Аница Хаџи-Петрушева- Јанкијевиќ, физијатар во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, болката обично се јавува на одредена регија телото, како на пример на грбот, рамениот појас, мускулатурата во натколената или потколената.