И децата имаат главоболки
Кога се споменуваат главоболките најчесто се мисли дека само возрасните се соочуваат со овој проблем. Но, и многу деца имаат главоболки, кои се појавуваат од истите причини како и кај возрасните. Главоболките кај децата се честа причина за консултација со педијатриски невролог. Како и кај возрасните така и кај нив постојат повеќе различни типови главоболки, како периодични главоболки од типот на мигрена или тензиона главоболка (предизвикана од стрес), но и хронични секојдневни главоболки. Симптомите почнуваат најчесто доцна попладне и траат oд 1 до 4 часа. Најголемиот број главоболки во детството не се поврзани со сериозно заболување туку со несоодветен режим на одмор, проблеми во семејството или училиштето, исхрана и физичка активност кај децата.