Цисти на јајчници

Најголем дел од жените ќе се сретнат со некој вид цистична промена на јајчникот во одреден период од својот живот, без да почувствуваат одредени симптоми. Најчести се функционалните цисти, кои се создаваат како последица на нарушување на нормалните циклични промени во јајчниците и во овулацијата. Настануваат доколку нормалните фоликули не успеат да прснат во текот на овулацијата, при што течноста останува и фоликулот продолжува да расте, со што настанува перзистентна фоликуларна циста. Според д-р Бобан Сарџовски, гинеколог акушер во Кли­ничката болница „Аџибадем Систина“, тие вообичаено исчезнуваат без никаков третман за неколку недели до неколку месеци.