ХПВ и ризикот од цервикален карцином
Хуман папилома вирусот (ХПВ) е најчеста вирусна инфекција на репродуктивниот систем. Најголем дел од сексуално активни жени и мажи може да бидат инфицирани и реинфицирани со вирусот во одреден период од животот. Инфекцијата со ХПВ најчесто спонтано регредира, но кај секоја жена постои ризик да стане хронична, да предизвика промени на клетките на цервиксот (грлото на матката), т.н. преканцерозни лезии кои доколку не се детектираат и третираат, ќе преминат во инвазивен карцином, нагласува д-р Корнелија Трајкова, гинеколог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Се смета дека за развој на карцином кај жена со нормален имунолошки систем се потребни 15-20 години, а 5 до 10 години кај жени со намален имунолошки систем, како на пример нетретирана ХИВ-инфекција.