5 ЧЕКОРИ ДО УСПЕШНО ИВФ

Додека некои парови добиваат потомство за кратко време, други имаат тешкотии и се борат со неплодност. За среќа, со современите технологии и новитетите во асистираната репродукција, патот до бебе денес стана поедноставен. М-р д-р Александар Бојаџиев, специјалист по гинекологија и акушерство од Одделот за асистирана репродукција, објаснува како да се постигне успешна ИВФ-постапка.

1. ИЗБЕРЕТЕ ИВФ-ЦЕНТАР СО ГОЛЕМО ИСКУСТВО И СО НАЈДОБРА ЕМБРИОЛОШКА ЛАБОРАТОРИЈА

ИВФ-центарот на Клиничка болница „Аџибадем Систина“ одбележува значаен јубилеј, 20 години од раѓањето на првото дете зачнато со помош на ин витро технологија во земјава. Оттогаш до денес, во Центарот се реализирани над 17.000 вештачки оплодувања, а стапката на успешност е на ниво на светските референтни ИВФ-центри. Специјализираниот центар е пионер во имплементација на асистираните репродуктивни техники во земјава и е составен од еминентни гинеколози акушери, андролози и ембриолози со долгогодишно искуство од областа на асистираната репродукција.

 2. ИЗБОР НА ИНДИВИДУАЛИЗИРАН ПРОТОКОЛ НА СТИМУЛАЦИЈА ЗА ПОГОЛЕМА УСПЕШНОСТ

Не постои протокол за стимулација на јајчниците кој одговара за сите жени во процесот на вонтелесно оплодување. Потребен е персонализиран пристап, кој се одредува во зависност од резервата на јајчниците, возраста, претходната историја, со цел да се максимизира шансата за имплантација на ембрион и последователна уредна бременост.

3. ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ШАНСИТЕ ЗА ИМПЛАНТАЦИЈА НА ЕМБРИОНИТЕ

Употреба на голем број методи на подготовка на внатрешноста на матката, односно ендометриумот и зголемување на неговата рецептивност. Хормонската подготовка и употребата на плазма богата со тромбоцити, како и одредени фактори што ја подобруваат васкуларизацијата во ендометриумот, може значително да ги зголемат шансите за имплантација на ембрионот во матката кога се аплицираат пред трансферот на ембрионот.

4. ИЗБОР НА ВИСТИНСКИОТ ЕМБРИОН

Постапката на предимплантациска генетска дијагноза (ПГД) е начин на проверка на гените на ембрионите добиени во ИВФ-постапка, за сериозни генетски болести. Бременост со ембрион што има абнормален кариотип води до пониски стапки на имплантација, односно до многу помала веројатност за успех на ИВФ-постапката и повисоки стапки на абортуси. ПГД-процедурата се изведува на начин при кој една или две клетки се извлекуваат од ембрионот и се испитуваат за специфични генетски болести. На тој начин се избегнуваат трансфер и имплантација на ембриони кои носат одредени генски болести и состојби. Со тоа се овозможува подобрување на шансите за успешна бременост, со трансфер на најсилните и генетски најдобрите ембриони во матката. Постапката на ПГД се користи кај пациенти со репетирачки спонтани абортуси каде што е докажан абнормален кариотип на ембрионот, повеќекратни неуспешни ИВФ-процедури, како и напредната возраст на мајката, бидејќи абнормалните ембрионски кариотипови се многу почести кај оваа група пациенти.

5. ИСХРАНА И НАЧИН НА ЖИВОТ И ДОДАТОЦИ ВО ИСХРАНАТА

Изменете го вашиот животен стил во насока на здрава исхрана и редовна физичка активност пред да се одлучите за ИВФ. Неколку студии сугерираат дека паровите што биле на медитеранска диета шест месеци пред процедурата за вонтелесно оплодување имале значително поголема успешност во однос на контролната група. Медитеранската диета вклучува јадење разновиден свеж зеленчук, овошје, тестенини од цели зрна, мешунки како грав и наут. Консумирање на риба богата со омега 3, употреба на здрави масти, како авокадо, јаткасти плодови и семки, како и мали количини црвено месо. Избегнувајте високо преработена и конзервирана храна. Од друга страна, утврдено е дека кај паровите кај кои исхраната се состои од фаст-фуд повеќе од четири пати неделно, ризикот за инфертилитет е зголемен двојно. Жените што се обидуваат да забременат или се во постапка за асистирана репродукција е пожелно да внесуваат додатоци во исхраната препорачани од нивниот лекар. Постојат докази дека со внесување на соодветни додатоци во исхраната може да се надминат проблемите со овулацијата, да се подобри фертилноста и да се намали ризикот за спонтани абортуси.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!