Вашите црева комуницираат. Ова може да ви звучи чудно, но еве што значи: нашите црева даваат знаци за сè, од болести до стрес. Клучот е во тоа да знаете на што да внимавате – и што значат знаците.
Не постои такво нешто како „нормално“
Луѓето се различни. Така и нивниот фецес е различен. Големината, формата и конзистентноста на изметот се разликува од човек до човек. Наместо да барате што е „нормално“, внимавајте на промените. Дали одевте почесто во тоалет претходно, а сега имате проблеми? Дали изметот бил цврст, а сега веќе подолг период е течен? Кога ќе доживеете голема, забележителна промена која трае подолго време треба да го посетите вашиот доктор.
Крвта е предупредувачки знак
Доколку забележите крв во фецесот во повеќе наврати, консултирајте се со доктор. Крвта може да биде знак на полипи или колоректален карцином. Исто така, причина може да бидат бенигни состојби како хемороиди и анални пукнатини. Во секој случај, задолжително направете контрола. Доколку видите крв, внимавајте на други симптоми: губење телесна тежина, треска, морници.
Понекогаш големината предизвикува загриженост
Доколку претходно сте имале фецес со поголема форма, а сега истиот е тенок и тежок за исфрлање, консултирајте се со вашиот доктор. Кај одредени видови карцином на дебелото црево, каналот се истенчува, а со тоа и самиот измет. Но, тенка столица не мора да значи карцином. Доколку оваа појава трае подолго време и одењето во тоалетот ви е сè потешко, вашиот доктор може да закаже испитување – колоноскопија.
Конзистентноста е важна
Сите понекогаш имаме дијареа. Течна и водникава столица која се појавува на кратки периоди може да асоцира на слабо труење со храна или, пак, инфекција. Но, доколку сте навикнати на цврст фецес, а сега постојано имате дијареа, тоа може да биде знак за болест на воспалено дебело црево или улцеративен колитис – особено кога имате и други симптоми како абдоминална болка, крв и губење на тежината.
Можеби е стрес
Вашето тело реагира на случувањата околу вас. Влијанието на стресот и нерешените проблеми може да се „покажат“ во тоалетот. Вашиот фецес може да биде индикатор на нешто за кое не сте свесни. Доколку тоалетните навики драстично ви се промениле, а медицинските причини се исклучени како фактор, стресот во вашиот живот е веројатниот виновник. Обрнете внимание на она што вашиот фецес ви го кажува. Од стрес до медицински состојби, предупредувачките знаци може да се најдат.