Коските се најсилни и најцврсти до 30. година, а потоа почнуваат да ја губат густината. Остеопорозата значи дека имате слаби коски. Најчесто не сте свесни дека имате загуба на коскеното ткиво. Кај голем број жени скршеницата е првиот знак дека имате остеопороза. Покрај скршеницата, јасен симптом за остеопорозата е и болката во долниот дел на грбот, која се јавува како резултат на промените на прешлените на `рбетниот столб.
Што ја предизвикува остепорозата?
Коските се создадени од протеинот колаген, кој ја формира основната рамка и калциум фосфат, минерал кој ја дава цврстината на коските. Со текот на годините повеќе губиме коскено ткиво отколку што организмот го создава. Губењето на коскеното ткиво е природен процес, но тоа не значи дека загубата е толкава што ќе доведе до остеопороза. Најголемите промени кај жените доаѓа 5 до 7 години по менопаузата.
Дали може да се заштитите од остеопорозата?
Како и кај секоја болест, постојат фактори на кои можете и фактори на кои не можете да делувате. Факторите што не може да ги контролирате се наследниот фактор, тип 1 дијабетес, ревматоиден артритис, хормонски нарушувања. Она на кое може да влијаеме е избегнување на цигарите, физичка активност, здрава исхрана богата со витамин Д и калциум. Земањето на кортикостероиди, анти-инфламаторни лекови кои се користат за лекување на астма и други состојби може да го зголемат ризикот од губење на коскената маса. Нарушувања во исхраната (анорексија или булимија) исто така може да се земе за ризик фактор за здравјето на коските.
Остеопорозата многу почесто се јавува кај жените, но и мажите имаат ризик за ова заболување, особено поради фактот што општо познато се смета дека остеопорозата е „женска болест“ па не обрнуваат внимание во рана дијагноза.
Направете DEXAСКЕН
Не дозволувајте скршеницата да биде првиот знак за остеопороза. Направете скен на коските и откријте дали имате ризик од појава на остеопороза. Задолжителен е за жени и мажи над 50 години. Станува збор за безболна процедура со која се мери густината на коските во колковите и `рбетниот столб.
Превенција со здрава храна
За превенција од појава на остеопороза потребна е исхрана богата со калциум и витамин Д. Важна улога во квалитетот на коските има и магнезиумот. Доколку сакате да имате здрави коски, внесете зеленчук (зелена салата), млечни продукти, риба… Голем број истражувања зборуваат дека големи количини калциум има и во бананата, сусамот и брокулата.
Коските се јакнат додека сте млади
Здравите навики за исхрана уште во детството и адолесценцијата се многу важни за здрави коски. Исхраната богата со калциум и доволното внесување на витаминот Д (преку суплементи или преку сончевите зраци), како и редовната физичка активност ќе направат да имате цврсти коски.