Секојдневното консумирање на месо и алкохол е ризик за појава на гихт

Гихт е метаболно заболување кое прeдизвикува воспаление и оток на зглобовите. Овој облик на артритис е предизвикан од таложењето на кристалите на мочната киселина во зглобовите, кожата, меките ткива и бубрезите. Најчести симптоми се силните болки во зглобовите, црвенило, отоци и покачена температура.

Гихт е метаболно заболување кое прeдизвикува воспаление и оток на зглобовите. Овој облик на артритис е предизвикан од таложењето на кристалите на мочната киселина во зглобовите, кожата, меките ткива и бубрезите. Најчести симптоми се силните болки во зглобовите, црвенило, отоци и покачена температура.

Здравата исхрана најголем непријател на гихтот

Оваа болест е позната уште многу одамна, а Хипократ ја нарекол „болест на богатите луѓе“ бидејќи тие имале неизбалансиран начин на живот и исхрана. Едноставно уживале во многу храна и алкохол. Најголем непријател на гихтот е правилната и здрава исхрана. Се смета дека се појавува кај луѓето кои уживаат во јадењето месо секојдневно бидејќи доаѓа до преоптоварување на црниот дроб да ги преработи нус продуктите на белковинскиот метаболизам и се создава вишок на мочна киселина, која претставува токсин за организмот. Оваа болест во голем процент, дури 20 пати почесто, ги напаѓа мажите отколку жените, а се јавува по 40-тата година од животот. Најчесто ги напаѓа луѓето кои имаат зголемена телесна тежина, но не ги одминува ни луѓето со нормална тежина. Освен исхраната, причините можат да бидат и генетски, доколку некој во семејството боледувал од оваа болест, но и како последица од други заболувањa најчесто поврзани со бубрезите, а често е поврзана и со зголемено консумирање алкохол. Значајна улога во појавата на оваа болест има и зголемената употреба на лекови кои најчесто предизвикуваат хиперурикемија.

Акутен напад на гихт

Најчесто е зафатен само еден зглоб, и тоа зглобот кај ножниот палец, но не е исклучена можноста оваа болест да нападне и повеќе зглобови истовремено. Доколку на ова место имате оток и неиздржлива болка, затегната и сјајна кожа со изразито црвена боја, голема е веројатноста да има те акутен напад на гихт. Покрај тоа, препознатлив симптом е и појавата на урични депозити познати под името тофи. Местото каде што се појавило воспалението е многу чувствително, па може да се јават големи болки дури и при нежен допир со чаршавот. Добрата страна е што овие симптоми можат да траат до 2 недели, а потоа сосема да исчезнат. Лошата, пак, е тоа што оваа болест може повторно да се појави на истиот зглоб.

Фази на болеста

 Постојат четири фази на оваа болест:

Асимптоматска фаза – во оваа фаза има пораст на уричната киселина, но нема симптоми и трае од 10 до 30 години пред да се појави првиот напад

 Акутна фаза – симптомите во оваа фаза траат од 3 до 10 дена (изненадни напади во зглобовите, отоци, воспaление и топлина во зглобовите)

Интеркритична фаза – постојат интервали меѓу нападите, кога болеста мирува без манифестации Хронична фаза – во оваа фаза се јавуваат тофи на кожата кај болниот зглоб, вкочанетост на зглобовите, ограничена подвижност на болниот зглоб, деформитети

Дијагноза и третман

За да се постави дијагноза најпрво се зема анамнеза од пациентот, се прави физикален преглед, испитувања на крвта за присуство на покачена мочна киселина, а за да се постави точната дијагноза, се прават микроскопски испитувања на зглобната течност. За таа цел се зема само една капка од зглобната-синовијална течност и со микроскопско испитување се детектира присуството на кристали. За да се смират јаките болки и отокот најчесто на пациентите им се даваат антиревматици и аналгетици. Само со правилен третман и лекување може да ги спречите болките и последиците од оваа болест.

Применувајте здрави животни навики

На заболените од гихт им се препорачува внесување големо количество течности за да се спречи појавата на камчиња во бубрезите. Би било добро да консумирате околу 2 до 3 литри течности во текот на денот, на тој начин ќе ја исфрлите уричната киселина од телото. Здравиот начин на живот, исхрана без месо и масти и намалено консумирањe алкохол освен што ги превенираат болните напади спречуваат и нивна повторна појава. Црвеното месо и рибата заменете ги со протеини од растително потекло, но и житарици, многу овошје и зеленчук. Движете се повеќе и спортувајте во секој слободен миг со тоа ќе ја намалите телесната тежина и ќе бидете витални. Запомнете, доколку болеста правилно не се лекува и се занемаруваат нападите, може да предизвика инвалидитет и хронично оштетување
на бубрезите.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!