Расипаните заби може да го заболат и срцето

Расипаните заби и оштетените гингиви се извор на бактерии кои можат да предизвикаат сериозно заболување или инфекција на срцето, ендокардитис. При секое миење /четкање на забите, гингивите се оштетуваат со тврди четки, со што за кратко време се зголемува бројот на бактерии во крвта.

Rasipanite-zabi-zaboluvanje-srce

Расипаните заби и оштетените гингиви се извор на бактерии кои можат да предизвикаат сериозно заболување или инфекција на срцето, ендокардитис. При секое миење /четкање на забите, гингивите се оштетуваат со тврди четки, со што за кратко време се зголемува бројот на бактерии во крвта.

Бактериите го оштетуваат ткивото на срцето

Ендокардитисот може да биде предизвикан од бактерии како стрептококус и стафилококус кои, нормално живеат на кожата, во внатрешноста на дигестивниот систем или во уринарниот систем. Ако овие бактерии влезат во крвотокот, тие може да се „налепат“, поточно да се „населат“ на која било оштетена површина во внатрешноста на срцето и да предизвикаат вегетација или апцес – нов „извор“ на инфекција којшто не секогаш е достапен за антибиотиците. Населените бактерии – вегетации може да постигнат огромни димензии (сантиметри) и да бидат мобилни. Тогаш постои голема опасност од ослободување или распаѓање на истите. Тоа значи дека фрагментите може да одлетаат низ крвните садови каде било во телото и да предизвикаат во најлош случај мозочен удар, дури и апцес во мозокот. Оштетувањето на ткивото, особено кога се нападните залистоците, може да им ја наруши нормалната функција и да доведе до валвуларна инсуфициенција која може да предизвика застој и слабост на срцето. Доколку се открие навреме, се лекува со антибиотици, интравенски најмалку 4-6 недели.

Први на удар се срцевите залистоци

Најчесто се зафатени анатомски и морфолошки абнормалните срцеви залистоци, но, исто така, на удар се и сите импланти, како на пример, претходно вградени вештачки залистоци, електроди од пејсмејкери и др. Ендокардитот доведува до деструкција, оштетување на ткивата и структурите во срцето, а и како емболија може да се рашири и до другите оддалечени органи и да предизвика нови апцеси и извори на инфекција. Ако тие фрагменти отидат до мозокот, предизвикуваат сериозни невролошки испади, како мозочен удар, при што пациентот може да го изгуби видот или говорот.

Симптоми на ендокардитис

Симптоми на ендокардитот се температура со треска, ноќно потење, болки во мускулите и зглобовите, отежнато дишење, слабост, губење на тежина. Кај зглобовите може да се појават мали поткожни израстоци и крварења под ноктите. Поради општите симптоми кои не се карактеристични само за ова заболување, ендокардитисот  често се интерпретира како некоја друга болест со слични симптоми.

Ризични групи за ендокардитис

Ризични групи за ендокардитисот се пациенти со вродени срцеви мани, најчесто со валвуларни болести/промени, постоење на вештачки залистоци по претходна операција на отворено срце, дентална хирургија, интравенска употреба на дроги.

Појавата на нов срцев шум ќе му укаже на вашиот лекар да преземе сериозни испитувања – крвна слика и крвни култури, ехо. Во повеќето случаи, ендокардитисот се лекува со антибиотици подолг период, вообичаено е 4 до 6 недели, и тоа најчесто интравенски. Во потешки случаи кај нетретирани ендокардитиси, а што е сè почесто кога станува збор за резистентни бактерии, може да има потреба и од валвуларна хирургија, што вклучува поправка или почесто замена на залистоците.

Инциденцата е различна во разни социоеконмски развиени подрачја, но просекот е 5-10 случаи на 100.000 жители. Иако ендокардитисот може да се појави кај секого, сепак, тоа ретко се случува кај луѓе со морфолошки и функционално здрави срца. Хируршка интервенција како поправка или замена на залистокот е потребна во 20-40 % од случаите.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!