Хируршки третман на карцином на дебело црево

Златен стандард во лекувањето на карциномот на дебелото црево е хируршкиот третман. Постојат повеќе видови на интервенции, во зависност од стадиумот во кој е откриен карциномот. Според статистиките, повеќе од 90 проценти од пациентите можат да бидат целосно излекувани ако болеста е дијагностицирана на време.

Златен стандард во лекувањето на карциномот на дебелото црево е хируршкиот третман. Постојат повеќе видови на интервенции, во зависност од стадиумот во кој е откриен карциномот. Според статистиките, повеќе од 90 проценти од пациентите можат да бидат целосно излекувани ако болеста е дијагностицирана на време.

Во последните три децении карциномот на дебело црево претставува голем здравствен проблем поради зголемениот број случаи.  Единствениот начин на лекување на карциномот е хируршкиот третман , кој некогаш е потпомогнат со дополнително лекување : онколошки третман, зрачна и цитостатска терапија . Целта на лекувањето е да се зголеми процентот на преживување, да се подобри квалитетот на живот и да се намали ризикот од повторно појавување на болеста. Она што е најбитно е пациентите да се дијагностицираат во раната фаза на болеста каде што оперативното лекување и отстранување на дебелото црево кое е заболено од карцином за голем број пациенти значи трајно излекување. Пациентите се класифицираат според стадиумот на болеста во моментот кога е дијагностицирана, односно по извршената операција. Повеќе од 90 проценти од пациентите можат трајно да бидат излекувани ако болеста е дијагностицирана на време.

Современ пристап во лекувањето на карцином на дебело црево

Со текот на годините се менуваат и основните принципи на хируршкото лекување на карциномот на дебело црево. Некогаш основна цел беше пациентот да ја преживее операцијата. Денеска веќе не се размислува за тоа бидејќи новите хируршки техники овозможуваат зголемување на преживувањето и сведување на минимум на шансите за повторно појавување на болеста. Хирургијата е терапија со која физички се отстранува канцерогеното ткиво и дел од околното ткиво со лимфните јазли што се во близина на туморот.

Класични хируршки интервенции во лекувањето

Во хируршкото лекување на карциномот на дебелото црево постојат два основни пристапи. Едниот пристап е преку анусот, кој се применува кај бенигни тумори и кај карциноми на дебелото црево во ран стадиум. Предноста на оваа интервенција е во тоа што е минимално инвазивна, трае кратко, има малу компликации и овозможува брзо заздравување на пациентот. Вториот пристап е со оперативно отворање на стомачната празнина кога по класичен хируршки пат се отстранува дебелото црево заедно со туморот.

Лапараскопски интервенции – новина во лекувањето на карцином на дебелото црево

Покрај класичниот начин на оперативна интервенција, во последните десетина години сè почесто се применува  нов пристап, минимално инвазивен. Влегувањето во стомачната празнина се прави преку неколку мали отвори на стомачниот ѕид каде со помош на специјални инструменти и камера се извршува хируршката интервенција (лапароскопска хирургија). Оваа хирургија е наменета за пациенти каде болеста е во почетен стадиум. Минимално инвазивниот пристап има свои предности во однос на класичната хирургија, а тоа е помали оперативни рани, пократок болнички престој, односно побрзо заздравување од операцијата. Исто така ваквата интервенција за пациентот значи и помала постоперативна болка за разлика од класичната операција поради помалиот оперативен рез. Исто така не треба  да се занемари и подобриот естетски ефект, нема големи постоперативни лузни. Но, сепак треба да се знае дека овој тип на хируршка интервенција не може да се примени кај сите пациенти, особено кај оние кои имаат и други заболувања, како што се кардиоваскуларни и респираторни, или кај оние кои претходно имале големи оперативни зафати на стомачните органи. Оваа дилема, односно проценката за тоа кој е најдобриот оперативен пристап за еден пациент ја решава хирургот во предоперативните прегледи и консултации со пациентот.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!