Секоја година расте бројот на деца кои добиваат топлотен удар возејќи се во претоплен автомобил или, пак, што е уште позагрижувачки, расте бројот на несреќнислучаи на светско ниво поради несвесно заборавање на децата на задното седиште во автомобилот. Еве неколку митови што ќе ви помогнат да разберете зошто е важно да ја регулирате температурата во автомобилот
Не може да ми се случи мене бидејќи сум внимателен родител
Секој родител се грижи најдобро што може и го сака своето дете. Истражувањата покажале дека ваквите несреќни случаи, поврзани со заборавање на детето во автомобилот најчесто се резултат на умор, ненаспаност, расеаност, брзање на работа при што родителите несвесно излегуваат од автомобилот оставајќи го бебето.
Ако надвор температурата е 15 степени, автомобилот неможе да се претопли
Регулирањето на температурата во автомобилот е потребна и кога надворешната температура не е многу висока. Надворешната температура од 15 степени не е иста со температурата во автомобилот. Во автомобилот во вакви услови температурата може да достигне и до 37 степени.
Не е опасно ако го оставам детето во автомобил 10 минути
Можам да го оставам детето на 10 минути, нема да му биде ништо. Но, не сте во право. Детето оставено 10 минути кога температурата надвор е 25 степени може да добие висока температура во автомобилот и претопленост.
Ако мене не ми е топло тогаш и на детето му е пријатно
Не ја одредувајте температурата во автомобилот според вашите потреби. Имајте предвид дека температурата на телото на детето расте за 3 до 5 пати побрзо од вашата. Исто така, децата ја немаат способноста за брза терморегулација.
Совети за безгрижно патување со деца во автомобил
1. Наместете го седиштето во автомобилот така што нема да биде изложено на сончевите зраци.
2. Проветрете го автомобилот и регулирајте ја температурата пред да го внесете детето.
3. Секогаш на задното седиште оставете предмет што ви е потребен, како мобилен телефон, визит карти или сл., што ќе ве натера да погледнете на задното седиште пред да излезете од автомобилот.
4. Децата сакаат да си играат во автомобилот. Доколку вашето дете си игра надвор, внимавајте да не влезе во автомобилот и да ги затвори вратите.