Интервенциите за вградување ендопротези на колкот се едни од најчестите изведувани оперативни интервенции во ортопедијата. Историјата на овој тип операција е многу долга и драстично се разликува од почетоците до она што денес е достапно во современото време. Со новите материјали, како и новите помалку интензивни методи на оперирање рехабилитацијата и нормалниот живот на оперираниот пациент се постигнува за многу покус период. Откако ќе заврши неопходниот период на адаптација на пациентот, што денес изнесува два-три месеци, тој е способен за нормален секојдневен живот.
Вештачкиот колк не е хендикеп
Пациентите кај кои е вградена вештачка ендопротеза на колк може слободно да користат автомобил, да пливаат, да возат велосипед, како и да се занимаваат со полесно рекреативно спортување. Секако, она на што треба да се внимава е да не се практикува тешка физичка работа, односно кревање тешки предмети, како и професионално занимавање со потешки спортови. По извесен период жените слободно може да носат чевли со високи потпетици, се разбира, не постојано и не претерано високи. Вештачката замена за колк не ги оневозможува и секојдневно да ги извршуваат работите во домаќинството.
Керамичките ендопротези се вистински бенефит за пациентите
Тенденцијата на модерната ортопедија, како и воопшто на хирургијата, е материјалите што се вградуваат со своите карактеристики да бидат колку што е можно поблиски до природните. Нивото што го има достигнато науката до денешно време е изработката на керамички ендопротези.
Предноста на керамичките протези во однос на стандардните е тоа што керамиката претставува поинертен материјал и степенот на триење е многу помал отколку кај другите стандардни материјали, што е од особена важност за нивно функционирање и за нивна трајност. Керамиката со своите физички и хемиски квалитети е единствениот вештачки материјал најблизок до квалитетот на човековата ’рскавица, има поголема биокомпатибилност и не предизвикува алергиски реакции.
Минимално инвазивниот третман го заштитува мускулот
Минимално инвазивниот пристап што се користи при вградување ендопротеза на колк овозможува заштита на биолошкото ткиво, а со тоа се подобрува и функцијата на зглобот. Поради тој факт, во ортопедијата се користат оперативни пристапи кои се минимално агресивни кон мускулите и кон другите структури на зглобот. Минимално инвазивната хирургија на колкот овозможува максимално зачувување на мускулатурата. Ваквите предности на керамичкиот материјал и минимално инвазивниот пристап овозможуваат побрзо закрепнување и побрза рехабилитација на пациентите.