Научете се да ја затворате книгата на денот пред одење на спиење
Дневните случувања и проблеми, како и очекувањата од утрешниот ден, т.е. калкулациите околу тоа со што треба да се справуваме следниот ден, не треба да се “носат“ со себе кога се оди на спиење. Битно е да се живее по принципот “сега и овде“ и стресот да не се пренесува во спалната соба. Кога ќе се заврши со работните активности и планирања, посветете му се на добриот сон. Научете грижите да ги оставате за утрешниот ден, или уште подобро, за иднина.
- Активности за справување со секојдневниот стрес
Морате секојдневно да имате на располагање одредено време за себе и само за себе, надвор од работните и од домашните обврски. Тоа не значи дека треба да бидете сами, туку дека тоа одредено време треба да биде исклучиво за ваше задоволство и релаксација.
- Изложеност на дневна светлина
Познато е дека дневната светлина значително влијае врз одржување на здравиот ритам спиење – будност. Докажано е дека оние луѓе кои во текот на денот се изложени одреден период на дневна светлина имаат поквалитетен ноќен сон од оние кои се постојано затворени во вештачки осветлени работни простории или дома. Затоа, многу е битно да обезбедите што повеќе дневна светлина во своите работни и животни простории. Посебен ризик за неквалитетен сон претставуваат професиите кои го “извртуваат“ ритамот спиење-будност, а тоа се професии кои подразбираат ноќна работа
- Уште неколку правила за добар сон
Не се релаксираjте пред спиење седејќи пред телевизор или компјутер бидејќи тоа претставува повеќе стимулација отколку релаксација на мозокот. Исфрлете го телевизорот и компјутерот од спалната соба – креветот треба да служи само за спиење и за секс.
Влезете во креветот повеќе со намера да се релаксирате отколку со “обврска“ да заспиете. Обезбедете тивка и пријатна атмосфера во спалната соба.
Внимавајте на исхраната пред спиење – последниот оброк нека ви биде барем два часа пред заспивањето, но и тогаш избегнувајте ги обилните оброци. Истото важи и за алкохолот и за кофеинот, кои е пожелно да ги избегнувате пред спиење. Избегнувајте и пиење премногу течности пред спиење.
Воспоставете редовно време за спиење, кое не треба да ја преминува границата на полноќта. Воспоставете и редовно време на будење, кое би требало да се случува по доволен број часови исполнети со квалитетен сон.
Избегнувајте да спиете преку ден. Во краен случај, би можеле да си дозволите дневна дремка, но придржувајте се до правилото таа секогаш да се движи во границите од 20 минути до половина час.