Покачениот крвен притисок е еден од неколкуте ризик-фактори во настанување и прогресирање на атеросклеротичната болест на срцето и на крвните садови. Затоа навремено поставување дијагноза на покачен крвен притисок е основно за да се почне со лекување и со тоа да се намали ризикот за појава на кардиоваскуларни болести.
Откривањето на причините што доведуваат до појава на покачен крвен притисок е важно, иако во над 80% од случаите причината е непозната и состојбата се нарекува есенцијална хипертенизја. Сепак секогаш треба да се исклучи можна хипертензија од секундарно потекло, како, на пример, заболување на бубрезите, нарушување во функцијата на ендокрините жлезди и други причини. Исто така важно е да се одреди состојбата на срцето и процени со каков кардиоваскуларен ризик е пациентот, дали постои оштетување на одредени органи во телото и да се одреди дали постојат други заболувања. Вообичаени вредности на крвниот притисок кога треба да се почне со терапија се вредности повисоки од 145/95 mmHG.
Лекувањето на високиот крвен притисок е индивидуално
Сепак, пристапот во лекување на покачениот крвен притисок е индивидуален и зависи од повеќе фактори. Постојат повеќе групи на лекови што се користат за лекување на високиот крвен притисок и не постои препорака што ќе ја одреди групата на лекови со која се почнува лекување на притисокот, односно и тука пристапот кон пациентот е индивидуален зависно од процената на докторот.
Пред да ја препише терапијата, кардиологот ги прави неопходните иследувања за процена на здравјето како што се анализи на крвта, ехо преглед со цел да се видат можни заболувања на срцевиот мускул или залистоците, како и да се види степенот на притисочното оптоварување на срцето. Потребно е да се постави и холтер за 24-часовно мониторирање на крвниот притисок, како и тест на оптоварување за да се процени степенот на покачување на притисокот при напор.
Контролирајте ја ефикасноста на терапијата
Доколку терапијата го нормализира притисокот одредено време, а потоа увидите дека крвниот притисок не се нормализира со препишаната терапија, потребна е повторна консултација со кардиолог и нова процена на состојбата за да се увиди дали има потреба од модифицирање на терапијата или воведување на нова терапија.