Женски проблем – карцином на јајчници
Јајчниците се два мали органа кои се наоѓаат на обете страни од матката. Тие продуцираат хормони естрогени кои се одговорни за појава на менструален циклус секој месец. Само со подигнување на свеста кај пациентките и редовни контролни прегледи се спречува но и рано се открива карциномот на јајчници, па затоа драги жени уште веднаш закажете го вашиот контролен гинеколошки преглед.
Што е оваријален карцином?
Оваријалниот карцином е петти најчест канцер кој се јавува кај женската популација, а вториот најчест гинеколошки. Редовните гинеколошки и ултразвучни прегледи се најдобра превенција, бидејќи со откривање во рана фаза, поголема е можноста за целосно излекување. За најчестите ризик фактори, симптомите, дијагнозата и третманот на лекување разговаравме со тимот на гинеколози и онколози од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Кои се ризик фактори?
Тешко е да се одредат ризик факторите кои доведуваат до појава на карцином на јајчникот. Во 5-10% од случаите причина е наследниот фактор. Ризикот се зголемува доколку двајца или повеќе членови во семејството имаат карцином на јајчник, матка, дебело црево или дојка. Зголемен ризик фактор од карцином на јајчници имаат и постари жени кои никогаш не родиле, како и жени кои не можеле да останат бремени поради ендометриоза. Други ризик фактори се пушењето, дебелината, земањето хормонска терапија кај пациентки кои сакаат да забременат.
Симптоми
Карциномот на јајчници не дава никакви симптоми во почетна фаза, па од оваа причина кај две третини од заболените тој се дијагностицира во напреден стадиум. Бидејќи овој карцином нема симптоми, подолг период расте во абдоминалната празнина и не ѝ пречи на пациентката. Меѓутоа, надуеноста во стомакот, карличната и стомачна болка, брзо чувство на заситеност, проблеми со мокрењето, болки при однос, болни менструации, гадење, повраќање се дел од симптомите за оваа болест. Во последниве години се смета дека еден од симптомите на болеста е и драстично слабеење.
Како се дијагностицира?
Карциномот на јајчниците се дијагностицира при гинеколошки преглед. Со помош на ултразвучен преглед, гинекологот може да го дијагностицира туморот во јајчникот, и по одредени карактеристики да одреди дали се работи за малигнен или бенигнен тумор. По гинеколошкиот преглед, доколку постои сомневање за карцином на јајчници, се прават лабораториски тумор маркери. Како дополнителни дијагностички процедури се и компјутерска томографија и магнетна резонанца. Дефинитивната дијагноза се поставува по операција, каде хистопатолошки се испитува сомнителниот материјал и се утврдува типот и стадиумот на болеста од кои зависи понатамошната терапија.
Лекување и третман
Третманот за карциномот на јајчници е најчесто со хируршка интервенција. Со други зборови кажано, пациентите прво се лекуваат со операција, интервенција која има посебни хируршки карактеристики. Кај пациентки кои се дијагностицирани во ран стадиум од болеста не е потребна друга терапија освен хируршка интервенција. Кај другите, постоперативното лекување продолжува со хемотерапија или доколку се работи за локално напредната болест, лекувањето може да започне со хемотерапија, по што би следел оперативен третман.