Аромотерапијата е начин на лекување кој се применува за зачувување на здравјето и за превенција и лекување на болестите со помош на нежни движења при масирање со етерични масла. Есенцијалните етерични масла се биолошки активни соединенија, кои лесно испаруваат и се добиваат со дестилација на билки и растенија со помош на водена пареа.
Опуштање и релаксација
Масажата со етерични масла се препорачува за сите оние кои сакаат да се опуштат, релаксираат и да го намалат стресот. Секогаш одберете лиценцирани физиотерапевти, само така ќе ги избегнете несаканите ефекти од масажата, како на пример повредите. Тие имаат одлично познавање на анатомијата на мускулно-скелетниот систем, циркулаторниот, лимфниот и нервниот систем. Постојат различни техники на масажа кои се класифицираат на нежни, средни и силни, со нивно наизменично комбинирање. Нежните движења се користат за подготовка и на крај од масажата, а движењата со средна јачина, за ослободување од напнатоста на мускулатурата. Техниките и нивниот начин на користење зависи од возраста на пациентот, неговата психофизичка состојба, тегобите, односно степенот на болка кој го чувствува, како и од регијата на телото на која се применува масажата. Зависно од мускулната група масажата може да е подлабока и да продира подлабоко во мускулите или површинска. Треба да се внимава на техниката на масажа, времетраењето и интензитетот. Релаксационата масажа, освен што ќе ве опушти, ја храни и регенерира кожата, ја буди вашата енергија и го доведува организмот во целосна хармонија. Маслата, пак, дејствуваат така што го опуштаат организмот и го намалуваат нивото на стрес. Во пријатен амбиент, со посебно одбрана музика ослободете се од болката, стресот и напнатоста. Најдобри резултати се постигнуваат ако одите на масажа еднаш неделно.
Добри страни
Масажата со аромотерапија има многу придобивки
– Помага да се подобри циркулацијата на крвта и да се стимулираат мускулите во пределот што се третира
– Се подобрува флексибилноста и мобилноста на мускулите
– Го намалува стресот и затегнатоста
– Помага при главоболки, мигрена, грчеви
– Го подобрува имунолошкиот систем и ги ослободува токсините од телото
– Во комбинација со релаксационата масажа помага кај спортистите кои имаат психолошко оптоварување или напорни тренинзи
Кога еднаш ќе ги почувствувате придобивките од масажата, едноставно се станува зависен од неа. Таа ги опушта емоционалните блокади, помага при стрес и напнатост.
Соодветен избор на масло
Покрај неопходноста од квалитетен и стручен физиотерапевт, во аромотерапијата е значајно да се направи и правилен избор на етерично масло кое најмногу ќе му одговара на пациентот во лекувањето и постигнувањето на психофизичка рамнотежа.