Реакцијата на организмот на одреден вид храна може да се појави на која било возраст, а карактеристично е тоа што речиси секогаш се појавува на намирници кои се консумираат секојдневно или почесто
Според медицинските студии, интолеранцијата на храна е растечки проблем и од него страдаат околу 20 отсто од светската популација. Реакциите како последица на преосетливост на храна и нејзините состојки можат да се манифестираат како интолеранција на храна или како алергија на храна. Интензитетот може да биде од слаб до интензивно јак, па дури и опасен по живот.
Интолеранцијата на храна претставува неалергиска реакција на организмот при консумирање одредена храна или состојка на храна, особено при зголемено количество. Најчесто се манифестира со благ интензитет, без бурни реакции, без животно загрозувачка состојба, но влијае на квалитетот на животот со симптоми кои го засегаат работниот ден или квалитетниот одмор (главоболка, болка во зглобовите, болки во стомакот со надуеност, лошо расположение).
Видови
Ензиматската интолеранција на храна се јавува поради недостиг на некои дигестивни ензими, па храната не може во целост да се свари. Ова е наедно и еден од најчестите облици на интолеранција, а тука се вбројуваат пред сè интолеранцијата на лактоза, фруктоза, алкохол и глутен. Фармаколошко-хемиската нетолерантност, пак, е предизвикана од биогени амини и други супстанции присутни во храната кои поседуваат одредена фармаколошка активност, а нивната активност најчесто зависи и од внесената доза. Постои и недефинирана интолеранција на храна, односно создавање антитела против несварени молекули од храната. Теоријата вели дека ова се случува тогаш кога недоволно сварени молекули на храната ја поминуваат, предизвиканата од нешто друго, зголемена пропустливост на цревната слузокожа (зрачење, цревни инфекции, употреба на антибиотици).
Симптоми
Симптомите на интолеранцијата на храна можат да потекнуваат од речиси сите системи и органи, но навистина многу ретко луѓето ги поврзуваат со храната. Ретко кога течењето на носот, главоболката, мигрената, несоницата, уморот, лошото расположение, егземата, псоријазата, некој ги поврзува со храната. Уште повеќе што тука не станува збор за бурна и моментална реакција, туку симптомот ќе се појави бавно и хронично. Често тоа може да се симптоми и на болни отечени зглобови, фибромијалгија. Може да се манифестира и преку разни дигестивни проблеми како што се надуеноста, опстипацијата, течните столици, надразнети црева, но ова се единствените појави кога човекот помислува дека нешто можеби не е во ред со исхраната.
Тестови и план за исхрана
Пред да се направи тестот пациентот треба да е гладен во последните 3-4 часа. Овој тест не се прави многу често и не е рутински тест, но е важна алатка во составувањето на индивидуален план на исхрана, а со тоа помага и во поуспешна битка со вишокот килограми. Според резултатот од тестот, се составува внимателно избалансиран план на исхрана, со исклучување на храната на одредено време, со што се постигнува елиминација на антителата и организмот се десензибилира. Направете го тестот за интолеранција на храна, но само ако сте навистина подготвени резултатите кои ќе ги добиете да ги примените, а со тоа да влијаете врз менливите навики во вашиот животен стил и да си овозможите поквалитетен живот, полесно ослободување од вишокот килограми и наедно ослободување од некои здодевни симптоми за кои не сте ни свесни дека потекнуваат токму од храната.