Веќе 6 години го правиме истото што се прави и во западниот свет

Срцата на македонските граѓани се во иста состојба како и на пациентите во другите земји во моментот кога доаѓаат на операција. Но проблемот не е во срцето - проблемот е во луѓето, бидејќи македонските граѓани имаат пократок животен век дури и за 10 години! Овој проблем е многу комплексен, и не станува збор за генетика - тука воздухот е многу загаден, а начинот на исхрана е далеку од здрав, иако Македонија важи за голем производител на зеленчук, вели проф. д-р Салис Таџер, кардиоваскуларен хирург, кој веќе шест години има можност да „ѕирне“ во срцата, но и во крвните садови на пациентите од Македонија, изведувајќи кардиохируршки интервенции во Kлиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје.

Срцата на македонските граѓани се во иста состојба како и на пациентите во другите земји во моментот кога доаѓаат на операција. Но проблемот не е во срцето – проблемот е во луѓето, бидејќи македонските граѓани имаат пократок животен век дури и за 10 години! Овој проблем е многу комплексен, и не станува збор за генетика – тука воздухот е многу загаден, а начинот на исхрана е далеку од здрав, иако Македонија важи за голем производител на зеленчук, вели проф. д-р Салис Таџер, кардиоваскуларен хирург, кој веќе шест години има можност да „ѕирне“ во срцата, но и во крвните садови на пациентите од Македонија, изведувајќи кардиохируршки интервенции во Kлиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје.

Децата лесно примаат антибиотици, па нема многу болести на митралниот залисток

Проф.д-р Таџер предупредува и на другите ризик-фактори за појава на срцеви заболувања.

– Проблем е и пушењето, кое се уште е многу распространето и неконтролирано. Овие неколку фактори мислам дека се многу важни и најголем проблем за здравјето на населението во земјава. Сите ќе речат – каде е стресот, но јас не се согласувам со ова. Животниот стрес во Македонија не може да се спореди со секојдневниот стрес во западниот свет, каде што борбата за опстанок е немилосрдна и посурова. Се работи од утро до вечер, што не е случај овде. Пред да дојдам тука, мислев дека ќе видам една слика со повеќе коронарни заболувања, а помалку проблеми со залистоците, како што беше пред 20 години во западните земји. Излезе дека коронарни заболувања има ист број – како и секаде во светот со иста инциденција. Инвазивната кардиологија го намали бројот на коронарни пациенти – оние што имаат потреба од коронарен бајпас и тоа од 90 отсто на 50 отсто. За разлика од ова, бројот на пациентите со проблеми на залистоците е покачен за над 50 отсто! Тоа е профилот на пациенти што тука го среќаваме.

Со какви заболувања на срцето очекувавте дека најчесто ќе се соочите кај пациентите во земјата?

– Очекував дека ќе има многу ревматски заболувања на митралниот залисток, кои се типични за земји во развој но – излезе спротивното. По одреден период сфатив дека тоа е поради масовното, слободно и неконтролирано давање антибиотици, што во овој случај помогна. Сите Македонци земаат антибиотици во големи количества кои се лесно достапни и општо е прифатен зборот кој што тука го открив, а се вика „антибиотиче“. Тоа е фино помошно средство кое звучи лесно и наивно. Ако знаеш што му е на пациентот, ќе дадеш антибиотиче, ако не знаеш – пак ќе дадеш антибиотиче. И во овој случај помага бидејќи децата лесно примаат антибиотици и се спасени од стрептококните инфекции на грло и нема митрални болести.

Kолку од нив успеваат, но со радикална промена на животните навики да „избегаат“ од операциона маса?

– Влијае промената на животните навики, но ние зборуваме за пациенти што се веќе индицирани и мора да се оперираат. Треба навреме да се почне со промена на животните навики и навреме да почнеме да се грижиме за нашето здравје.

Зошто се повеќе пациенти мора да завршат на операција? Го плаќаме ли прескапо данокот на современото живеење?

– Не е точно дека се поголем број пациенти треба да завршат на операција. Бројот – плус минус – е ист – од 500 до 1.000 пациенти на еден милион жители, што во просек е 700 кардиохируршки операции годишно. Бројката не е променета, променета е пропорцијата на различни дијагнози. Расте бројот на операции на залистоци, за разлика од коронарните. Се работи за пациенти кај кои проблемот може да се реши само со операција или со инвазивна метода.

Kолку довербата што Ви се укажува секојдневно во Kлиничката болница е чест, но и одговорност за Вас, но и за целиот тим што работи со вас, но во кој степен може да претставува дополнително оптоварување?

– Јас уживам во мојата работа и сум навикнат на тој „стрес“. Уживам во операциона сала и во целиот процес – во предоперативната дијагноза и постоперативното лекување, кои се подеднакво важни. За мене е голема чест довербата која ми ја даваат пациентите, но и голема одговорност. С` што правам јас, стојам зад тоа, тоа е одговорност за мене и за целиот мој тим. Со доаѓањето во Македонија една од првите ц
ели на кои интензивно работев да го воведам е одговорноста и професионалноста. Во тоа и успеав бидејќи денеска имам силно мотивиран и одговорен тим кој што ништо не остава на случајност.

Првата асоцијација за хирург, а особено за кардиохирург е секако – скалпелот. Kолку вакви инструменти досега сменивте ?

– Работам од 80-тите години на минатиот век и до денеска извршив илјадници операции. Од тогаш до денеска животот ми поминува во болници и еден значаен дел во операциона сала. Една кардиохируршка операција во просек трае од два и пол до три часа, но таа, нормално, трае додека не е завршена, а тоа понекогаш е и повеќе од 10 часа. Се претвора и во маратон со една единствена цел – да се излезе со жив пациент.

Што им советувате на граѓаните, особено помладите, за да го сочуваат срцето што поздраво?

– На младите совет – да не се жалат дека работат премногу. Од работа никој не умрел. Во Македонија научив еден збор – да се „опуштам“ – што значи маратонско седење во кафеани. Младите треба да се опуштаат активно, а не пасивно, да ја променат исхраната бидејќи изгореното месо на скара штети двојно, не само што е полно со холестерол, типичната вистинска скара на ќумур е вистински канцерогена.

За која операција на срцето се подготвувате да ја направите и во Kлиничката болница „Аџибадем Систина“, а која досега кај нас не била изведувана?

– Постојано сме динамични и воведуваме нови методи. Учејќи ја ситуацијата во Македонија, еден момент почувствував дека сум на мисија да ги променам работиве во земјава. И да имплементирам повеќе биолошки залистоци и, се разбира, реконструкција на постојните залистоци. Со тоа ја променивме психологијата и на пациентите и на докторите кои се вклучени во процесот на лекување на овие пациенти. Ја поместивме македонската медицина спрема западната. Веќе 6 години правиме исто што се прави во западниот свет. Во последната година имплементиравме последна генерација на биолошки залистоци, кои функционираат добро и подолг временски период и кај помлади пациенти. Ќе имплементираме нови техники на хирургија на залисток, кои ќе ја скратат интервенцијата на минимално време.

Д-р Таџер, трансплантација на органи и ткива според законот не е дозволена во приватните болници во земјата. Но дали Вие би можеле да ја изведете и оваа интервенција?

– Да, имам изведувано трансплантации на срце, можам и овде да ја направам. Но прашањето е друго – може ли да се обезбеди и следење на тој пациент. Треба многу широка база и широк систем на доктори-кардиолози, имунолози, интернисти, добро обучени и со искуство, за да водат вакви пациенти. За жал, сега нема таков кадар во Македонија. А дали можеме да изведеме трансплантација – можеме и тоа во секој момент – вели д-р Таџер.

Kако чука срцето на д-р Салис Таџер додека оперира тежок пациент, особено додека тој е приклучен на вонтелесна циркулација?

– Kористењето екстракорпорална циркулација или која било друга технологија, не менува ништо. Не знам луѓето што мислат кога мислат на хирург. Мислат на човек што има нож, игла и конец што сече, менува. Меѓутоа многу поважни се „домашните задачи“што хирургот треба да ги подготви – да ја научи клиничката слика, да направи план и да го спроведе. Треба да се внимава во изборот на процедурата, техниката, бидејќи со користењето на оваа циркулација времето на интервенцијата е ограничено. Оттука произлегуваат различностите помеѓу хирурзите. На крајот – најважни се рацете и мозокот, и се разбира, многу е важен невронот што го поврзува мозокот со рацете за да функционираат. Дури тогаш има успешна комбинација на нешто што се вика хирург. Алгоритамот според кој мислиме е комплексен и има многу фактори: пациент, дијагноза, знаење, тактика, стратегија, сопствена способност, дали со твоите раце за 10 минути можеш да направиш нешто што другите го прават за 30 минути. На крајот, безбедноста на пациентот е најважна и таа диктира се. Моето срце чука мирно, без лекови, а некогаш и во ритамот на џез-музиката што ја слушам на операција.

Извор: Дневник

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!