Зaмрзнувањето на јајце клетки е релативно нова постапка во областа на асистираните репродуктивни технологии. Јајце клетките имаат поголем волумен на вода споредено со ембрионите. Поголемата застапеност на водата во јајце клетките го зголемува формирањето на интерклеточни кристали во текот на процесот на замрзнување, што предизвикува дегенерација. Со помош на витрификација на јајце клетките се редуцира појавата на кристали, се подобрува процесот на замрзнување и одмрзнување, што финално влијае на степенот на бременост.
Кога е започнато со замрзнување на јајце клетки?
Замрзнувањето на јајце клетки најпрво е започнато кај млади жени кои се на третман како хемотерапија или радиотерапија. Кај овие пациентки со замрзнување на јајце клетките се надминува ризикот од оштетување на јајце клетките во текот на терапијата за канцер, со што тие зачувуваат сопствен генетски материјал. На тој начин пациентката ја има истата репродуктивна дијагноза како и пред појавата на болеста, односно како во моментот кога јајце клетките се замрзнати.
Што треба да се има предвид при витрифицирање на јајце клетки?
Во однос на витрификацијата на јајце клетки кај пациентки заболени од канцер треба да се имаат предвид неколку фактори:
- возраст на пациентката
- оваријална функција
- фоликуларна резерва
Репродуктивната прогноза зависи од бројот на добиени јајце клетки кои се успешно витрифицирани. Бременоста не може да биде гарантирана, но постои можност за бременост со помош на постапките на асистирана репродукција.
Од што зависи успешноста на постапката?
Успешноста на постапката зависи од неколку фактори:
- возраст на пациентката кога замрзнувањето е извршено
- квалитет и зрелост на јајце клетките
- квалитет на јајце клетките при одмрзнување
- квалитет на добиените ембриони, како и други фактори кои влијаат на успешноста на ИВФ постапката, како на пример квалитетот на сперматозоидите
Степенот на преживеаност на јајце клетките е варијабилен, но според многу студии тој е висок и изнесува околу 90%. Степенот на успешност изнесува околу 30-40% по ембрио трансфер.
За кого е наменето замрзнувањето
Јајце клетките може да се замрзнат кај:
- пациентки со канцер кај кои треба да се започне третман кој може да предизвика оштетување на јајце клетките
- пациентки со повторувачки операции на јајчниците, како на пример ендометриоза пациентки кај кои е подобро да не се изврши ембрио трансферот во истиот циклус во кој се добиени јајце клетките (кога постои ризик од ОХСС оваријален хиперстимулациски синдром, развој на полипи, хидросалпингс, отсуство на сперматозоиди)
- пациентки со ризик од намалување на функцијата на јајчниците, прематурна оваријална инсуфициенција, оваријални цисти
- пациентки кои живеат во област со висока изложеност на пестициди и тешки метали пациентки кои како воени припаднички ќе бидат изложени на хемиско и биолошко оружје
- млади жени кои сакаат да го пролонгираат мајчинството
- жени кои во моментот немаат партнер
- жени кои не сакаат да се грижат за биолошкиот часовник
Студиите покажале дека е препорачливо замрзнување на јајце клетките кај пациентки со дијагностициран канцер, додека, пак, младите жени кои сакаат да го пролонгираат мајчинството мора да пристапат со внимание и на сопствен ризик, со оглед на тоа дека јајце клетките во процесот на одмрзнување може и да не преживеат или, пак, да не се оплодат.