Што значат CIN промените?

Цервикалните интраепителни неоплазии или CIN промените претставуваат предканцерозни промени на грлото на матката или цервиксот. Тоа се промени во структурата на епителот на грлото на матката, кои претходат и од кои понатаму по подолго време може да се развие карцином на грлото на матката.

Цервикалните интраепителни неоплазии или CIN промените претставуваат предканцерозни промени на грлото на матката или цервиксот. Тоа се промени во структурата на епителот на грлото на матката, кои претходат и од кои понатаму по подолго време може да се развие карцином на грлото на матката.

Други термини кои често се користат за ова патологија се: абнормална промена на клетките, предканцерозни промени, дисплазија на клетките, SIL (сквамозни интраепителни лезии), кондиломи на вратот на матката итн. Сите овие термини значат дека има присуство на абнормални клетки на грлото на матката кои треба почесто да се следат и да се третираат од страна на Вашиот гинеколог со цел да се спречи нивната понатамошна прогресија и настанување на карцином на грлото на матката. Во најголемиот број на случаи како причинители на овие промени се HPV-вирусите, кои се сексуално преносливи и ги има повеќе од  150 типови, особено ,,високо ризичните типови“, како HPV  16,18,33,35…

Цервикалните интраепителни неоплазии или  CIN -промените доведуваат до промени на клетките во епителот на грлото на матката, кои се карактеризираат со неправилни и нееднакви форми, хиперхроматични јадра, пореметен нуклеопротоплазматски однос, зголемен број на митози и пореметување во распоредот на клетките од базалната мембрана кон површината на епителот. Во зависност од степенот на промената овие дисплазии се делат на:

CIN  1- дисплазија од лесен степен -каде промената е само во долната третина на епителот на грлото на матката. Се работи за најблаг степен на дисплазија, кај која во 70% од случаите може да дојде до спонтана регресија или бара мал третман за нејзино повлекување.

CIN 2 – дисплазија од среден степен – каде промената се движи од половина до 2/3 од епителот на грлото, со зголемен број на митози и атипични клетки.

CIN 3 – дисплазија од тежок степен – каде промената на клетките на епителот се наоѓа на повеќе од 2/3, сè до површните клетки на епителот на грлото. CIN 3 е предстадиум на рак на грлото на матката и малигниот потенцијал му е 35-40 %. Во оваа група спаѓа и  Carcinoma in situ, каде атипијата на клетките е уште повеќе изразена и истата понатаму преминува во инвазивен карцином на грлото на матката, кој бара радикален оперативен третман.

Ендоцервикалниот тип на карцином на грлото на матката е кога процесот ќе се развие во каналот на грлото на матката. Микроскопски карциномот на грлото на матката се класифицира како плочест и поретко како карцином на цилиндричниот епител.

Симптоми

Не постојат толку рани симптоми во преинвазивната фаза и кога тие ќе се јават, болеста е веќе во поодмината фаза. Меѓу симптомите на кои треба да се обрне внимание се: контактно крварење (за време на сексуален однос), сукрвичасто бело перење кое не реагира на терапија и болка.

Дијагноза

Основа на дијагностиката кај CIN промените се : ПАП-тестот, HPV типизацијата и колпоскопијата. Кај цитолошки и колпоскопски сомнителни наоди дијагнозата се потврдува со биопсија (земање парче ткиво) и ендоцервикална киретажа, како и дијагностичка конизација во зависност од степенот на диспластичната промена.

Лекувањето зависи од степенот на диспластичната промена на грлото на матката и треба да го одреди Вашиот гинеколог. Кај помалите степени на промени CIN 1 и CIN 2, се започнува со лекување на инфекцијата и подобрување на локалниот и системски имунитет. Кај поголемите промени како што се CIN 3 и Carcinoma in situ, лекувањето може да се заврши со конизација (отстранување на дел од грлото  на матката во форма на конус). Кај инвазивниот карцином лекувањето е со радикална операција -радикална хистеректомија и зрачење.

Редовните гинеколошки контроли кај Вашиот гинеколог се најважни за превенција и  рана детекција на цервикалните дисплазии и карциномот на грлото на матката, и за нивниот успешен третман.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!