Чирот на желудникот и дванаестопалeчното црево (дуоденум) е доста честа појава во денешното современо живеење. Почести се чиревите на дванаестопалeчното црево за разлика од чирот на желудникот, додека доста поретко се јавуваат чиреви на хранопроводот. Чирот претставува ограничен дефект (оштетување) на заштитната слузокожа на желудникот и дванаестопалeчното црево која е во постојан контакт со желудочната киселина и ензимите.
Што го предизвикува?
Не постојат јасни докази дали стресот и неправилната исхрана се директна причина за појава на чирот. До средината на 1980-тата година главното верување за појавата на чир биле стресот, генетската предиспозиција за прекумерно лачење желудочна киселина и нездрав стил на живот (зачинета и лута храна, брза храна, тутун, алкохол, кофеин). Во поново време, истражувањата сè повеќе го поврзуваат присуството на бактеријата хеликобактер пилори со појавата на чир. Други причини за појава на чир се прекумерна употреба на лекови за намалување на болка (аспирин, ибупрофен и напроксен). Исто така, од непознати причини, лицата со крвна група А се поврзуваат со појава на чир. Претходно оштетената слузокожа (гастрит) исто така може да доведе до појава на чир.
Симптоми
Симптомите се појава на болка во вид на печење и жарење, која се зголемува особено 1-3 часа по јадење кај чир на желудник, или 1-3 часа или на празен стомак при чир на дуоденумот, надуеност, мачнина, киселини, некогаш се јавува и повраќање. Доколку забележите црна столица, тогаш можно е да се работи за уште еден симптом на чир кој крвави.
Компликации и третман
Третманот на чирот подразбира примена на советите на вашиот лекар, редовно земање на препишаната терапија и редовни прегледи. Третманот зависи од состојбата на чирот, дали се развива акутно со појава на остри, силни болки и појава на компликации, или, пак, е хроничен процес што го контролирате. Во најголем дел од случаите, чирот се лекува со антибиотици и лекови кои го намалуваат лачењето на желудочна киселина. Компликации кои може да се појават се крвавење, кое може да предизвика анемија, потоа пенетрација (преминување на чирот во друго ткиво) или перфорација (кога чирот ќе ја пробие слузокожата на органот) при што се јавува обилно крвавење и пациентите честопати се во животозагрозувачка состојба и појава на хеморагичен шок. Чирот на желудник може да премине во карцином на желудник.