Помните ли кога вашите баби и дедовци се жалеа на главоболка, болки во коските и зглобовите поради промена на времето? Денеска речиси сите реагираме на неповолните временски влијанија. Сведоци сме на нагли климатски промени кога температурата во текот на едно деноноќие се менува за 15 – 20 степени. Пролетта и есента траат неколку денови, или воопшто ги нема , па од зима директно влетуваме во лето и обратно.
Иако најзагрозени се лицата во средно доба, особено жените, метеоропатијата ги погодува сите категории, од најмладите до најстарите. Дури половина од популацијата во Средна Европа е засегната од временските влијанија. Експертите предупредуваат дека осетливоста на временските промени може да стане најчеста болест на модерното опшество.
Како времето влијае на нашето здравје?
Електромагнетните бранови кои се создаваат во атмосферата секогаш кога времето се менува влијаат на нашиот организам. Наглите промени на температурата, притисокот и влажноста на воздухот го оптоваруваат организмот.
Но покрај електромагнетните бранови, климатските промени, како и неможноста човековиот организам брзо да се прилагоди на овие промени, е една од важните причини за појава на сѐ поголем број метеоропати.
Научниците сметаат дека современото живеење, кое во најголем дел од денот се одвива во затворени простории, ја намалува способноста на организмот за природно прилагодување на различните временски услови. Доколку малку време поминуваме на отворено и во природа, нашиот организам потешко се прилагодува на промените, и ние тоа го чувствуваме.
Како да препознаете метеропатија?
Постојат две групи на метеоропати:
1. Во првата спаѓаат лицата кои немаат здравствени проблеми, а при промена на времето чувствуваат општа слабост и болки во одредени делови на телото.
2. Во втората група спаѓаат лицата кои веќе имаат хронично заболување, како висок крвен притисок, срцеви проблеми, дијабетичари, луѓе со проблеми во мускулите и во коските. Кога се менува времето тегобите кај овие лица се влошуваат.
Најчести симптоми кои ги чувствуваат метеоропатите се главоболка, потиштеност и непријатна болка во коските и во зглобовите. Некои од нив според сигналите што ги добиваат од телото можат да предвидат промени на времето.
Симптомите кај метеоропатите можеме да ги поделиме во три групи:
-Психички: замор, нагли промени на расположението, намалена концентрација, безволност, раздразливост, апатија и нарушување на сонот.
-Физички: главоболка, мигрена, мачнина, вртоглавица , несвестица, ревматски болки, болки во делови на телото каде претходно имале повреда.
-Влошување на срцевите тегоби: забрзана работа на срцето, чувство на срцебиење или зголемување на крвниот притисок.
Неколку совети како да ги намалите последиците од временските промени:
• Сите хронично болни треба секојдневно да ја следат биометеролошката прогноза и редовно да ја земаат препишаната терапија. Доколку им се влоши здравствената состојба, треба веднаш да се јават на лекар.
• Поминувајте повеќе време на отворено. Секој слободен ден искористете го за прошетка надвор од домот или работното место, на чист воздух, без разлика на временските услови.
• Секојдневно вежбајте најмалку половина час.
• Метеоропатите не треба да претеруваат со земање лекови за да ги ублажат тегобите. Најдобро е да користат чаеви од камилица, нане или маточина.
• Хранете се здраво. Секој ден во вашиот оброк да преовладува овошје и зеленчук. Еден од начините да ги намалите последиците од временските промени е да пиете поголеми количини вода и доволно да спиете.
• И за крај: Не дозволувајте погледот на „сивото небо“ да ви го расипе расположението бидејќи утре е нов ден, кога сонцето ќе ви ја огрее душата.
Што е биометерологија?
Од неодамна развиена е нова гранка на метеорологијата –биометеорологија која го истражува влијанието на временските услови врз луѓето, животните и растенијата. Биометеоролошката прогноза ги опишува метеоролошките состојби и ги најавува временските промени кои би биле неповолни за метеоропатите. Целта на биопрогнозата е навреме да ги предупреди лицата осетливи на неповолни временски влијанија за на време да ги спречат здравствените проблеми.