Вашата насмевка зависи од едноставните навики за хигиена на забите, како што се четкањето со паста и чистење со забен конец. Но, дали употребувате правилна техника? Следете ги овие чекори за да го заштитите оралното здравје.
Правилно четкање на забите
Оралното здравје започнува со чисти заби. Затоа во прилог ви ги претставуваме техниките за правилно четкање на забите според Здружението на стоматолози во Америка:
• Четкајте ги забите најмалку двапати во денот. Кога четкате, не брзајте. Четкајте внимателно и бидете темелни.
• Користете соодветна опрема. Употребувајте паста за заби со флуорид и мека четка. Употребувајте електрична четка, посебно доколку страдате од артритис или имате некој друг проблем.
• Држете ја четката под мал агол кон забите и четкајте со кратки потези, напред-назад. Не заборавајте да го исчеткате внатрешниот дел и површините со кои гризете, како и јазикот. Избегнувајте силно и грубо четкање, тоа може да ги воспали непцата.
• Одржувајте ја опремата чиста. Секогаш плакнете ја четката со вода по употреба. Чувајте ја исправена, доколку е можно, оставете ја да се исуши на воздух пред следната употреба. Не ги покривајте четките и не ги чувајте затворени бидејќи постои опасност од бактерии.
• Земете нова четка за заби или сменете ја главата на електричната четка, на секои 3-4 месеци, или порано доколку влакната станат излитени.
Чистење со конец за заби за орално здравје
Четката не може да стигне до тесниот простор меѓу забите или под непцето. Поради тоа, чистењето со конец е многу важно. Додека чистите со конец:
• Не штедете. Скинете отприлика 46 см од забниот конец. Извртете поголема количина од конецот околу средниот прст на едната рака, и остатокот околу средниот прст на другата рака – оставајќи 3 см за чистење на првиот заб.
• Еден по еден заб. Употребувајте ги палците и показалците и нежно влечете го конецот од непцето до врвот од забот за да се исчисти површината. Истријте го забот со конецот од сите страни. Одвртете нов дел од конецот и префрлете се на следниот заб.
Други совети за орално здравје
Во секојдневната орална хигиена, користете антибактериско средство за плакнење со цел да се намали таложењето на хранливи материи помеѓу забите. За да ја отстраните храната од вашите заби, употребете орален иригатор – уред кој испушта млаз вода на вашите заби. Не паѓајте во искушение да употребите чепкалка или каков било друг предмет бидејќи може да го оштети вашето непце. Имајте предвид дека оралниот иригатор не го заменува дневното четкање и чистење со конец бидејќи не ги чисти наслагите.
Кога треба да одите на стоматолог?
За да ги спречите болестите на непцето и другите орални проблеми, посетувајте редовно стоматолог, еднаш до двапати годишно. Во меѓувреме, консултирате го вашиот стоматолог доколку забележите некакви симптоми кои можат да навестат проблеми како на пример:
• Црвени, чувствителни или отечени непца
• Непце кое крвави при четкање или чистење со конец
• Непце кое почнува да се дели од забот
• Губење на трајни заби
• Осетливост на ладно и топло
• Лош здив или необичен вкус во устата
Запомнете, раното откривање и третман на болестите и проблемите на непцата, забите и устата може да ви овозможи одлично орално здравје до крајот на животот.