Стапедектомија – повторно враќање на слухот

Стапедектомија е хируршка процедура која се изведува во локална или општа анестезија, со помош на оперативен микроскоп. Д-р Владимир Јекиќ, оториноларинголог, објаснува дека современата стапедектомија има висока стапка на успешност од 90%. Оваа хируршка интервенција се изведува единствено во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, која располага со сите стручни, кадровски и технолошки можности за дијагностика и хируршки третман.

Како се изведува интервенцијата?

Операцијата се изведува низ надворешниот слушен канал, подигајќи го тапанчето и пристапувајќи во средното уво. Хируршкиот зафат подразбира отстранување на дел или целата неподвижна узенгија и нејзина замена со мала протеза. Протезата повторно ја враќа подвижноста на коскената верига на средното уво. На тој начин се овозможува придвижување на течноста на внатрешното уво и подобрување на слухот. Во ретки случаи (1%) оваа процедура може да го влоши слухот. Кај 8 од 10 пациенти отосклерозата се јавува на двете уши. Во овие случаи најнапред се оперира увото со потешко оштетен слух. Хирургот обично чека минимум 6 месеци пред да се направи хируршка интервенција и на другото уво.

Во кои случаи се користи стапедектомијата?

Стапедектомија се користи во лекување на отосклероза, состојба на абнормален коскен раст (окостување) околу третото слушно ковче во средното уво наречено узенгија. Оваа состојба резултира со неподвижност на узенгијата. Кај нормалниот слух звучните вибрации се спроведуваат од надворешното уво во надворешниот слушен канал и истите удираат врз слушното тапанче.

Овие вибрации предизвикуваат движење на тапанчето и пренесување на истите врз трите слушни ковчиња во средното уво: чеканче, наковална и узенгија. Кога узенгијата е нормално подвижна, таа се втиснува во своето прозорче и ја придвижува течноста во внатрешното уво. Тогаш отпочнува процесот на стимулација на сензорните слушни ќелии. Овие ќелии се во врска со слушниот нерв. Слушниот нерв потоа ја спроведува слушната информација до мозокот резултирајќи со слушање на звукот. Кога кој било дел од овој процес е нарушен, слушањето е оштетено. Значи карактеристичен симптом на отосклерозата е бавно прогредирачки губиток на слух. Тој може да почне на која било возраст меѓу 15 и 45 години, но обично почнува во раните 20-ти години.

Рехабилитација по стапедектомија

Повеќето пациенти си одат неколку часа по интервенцијата. Се препорачува да легнат внимателно на неоперираното уво. Хирургот може да препише и орални антибиотици. Првите неколку дена по интервенцијата некои пациенти може да почувствуваат нестабилност и вртоглавица. Може да се очекува и нарушувањена осетот за вкус, кое по неколку недели по операцијата вообичаено целосно се повлекува. По операцијата, од пациентите се бара да избегнуваат дување на носот, кивање и кашлање, пливање или други активности кои можат да внесат вода во оперираното уво. Пациентот се враќа на секојдневните активности 2 до 4 недели по операцијата. Лекувањето на ушното тапанче е брзо и генерално го постигнува максималното ниво во тек од 2 недели.

Наследноста – една од причините за отосклероза

Причината за настанување на оваа болест е непозната. Се зборува за генетска предиспозиција, хормонални фактори, метаболни промени, васкуларна или автоимуна природа. Болеста се јавува и кај мажи и кај жени, а односот е 2:1. Се јавува и кај бремени жени кај кои од нејасни причини може да се манифестира брз пад на слушната функција. Околу 60% од случаите со отоскле- роза имаат генетска предиспозиција. Индивидуа која има еден родител со отосклероза има 25% шанси дека ќе го развие заболувањето. Ако двата родители имаат отосклероза, ризикот на заболувањето се зголемува на повеќе од 50%.

Постепено губење на слухот

Постепено губење на слухот е најчест симптом на отосклерозата. Често пациентите со отосклероза прво регистрираат дека не можат да слушаат ниски тонови или шепотења. Други симптоми на болеста можат да бидат нестабилност, пречки со рамнотежа или, пак, сензација на ѕвонење, бучење, зуење и пиштење во ушите или главата, познато како tinnitus.

Проценка на слухот во дијагноза на отосклерозата

Бидејќи многу од симптомите типични за отосклероза можат да бидат предизвикани од други медицински причини, важно е пациентот да биде прегледан од оториноларинголог, кој ќе ги елиминира овие причини. По клиничкиот преглед, ОРЛ специјалистот може да побара објективно тестирање (проценка) на слухот со методата на тонална аудиометрија. Типичен наод на овој тест е спроводен губиток на слухот во ниско фреквентните тонови. Ова значи дека губење на слухот се должи на неспособноста звучните вибрации да бидат пренесени во внатрешното уво. Дијагнозата на отосклерозата се изведува врз основа на резултатите на овој тест и наодите од клиничкиот преглед. Тогаш оториноларингологот ќе предложи опции за третман.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!