Кога вашето дете треба да се оперира?

Хируршките интервенции кај децата најчесто се поврзани со вродени аномалии. За дел од нив е потребна итна хируршка интервенциja, додека за други може да се почека додека детето да дојде до одредена возраст. За најчестите заболувања во детската хирургија одговор ни даде д–р Владимир Чадиковски, специјалист по детска хирургија.

Хернии

Вродените херниите се една од најчестите хируршки интервенции во детската возраст. Постојат повеќе видови хернии, но најчесто се јавува ингвиналната хернија (препонска). Постојат и умбиликални и супраумбиликални хернии (папочни и натпапочни). Вродените хернии се резултат на тоа што не настанало затворање на инвиналниот прстен, кој обично се затвора пред раѓањето на детето. Овој отвор овозможува цревото или друг орган да излезе преку ингвиналниот прстен во препоните. Кај момчињата обично овој орган е дебелото и тенкото црево, а кај девојчињата дебело и тенкото црево или јајчниците. Итност во решавање на ова заболување постои ако дојде до вклештување на хернијата.

Фимоза

Фимозата претставува отежнато или целосно оневозможено повлекување на кожичката преку половиот орган кај машките деца. Оваа состојба може да биде вродена или стекната. Потребно е да се направи разлика во третманот помеѓу атхезии на кожичката и правата фимоза. Доколку се потврди дека се работи за права фимоза, тогаш е потребно да се направи циркумизација.

 

Вродени анималии на гастроинтестинален тракт (ГИТ)

Кај вродените аномалии на ГИТ потребна е итна хируршка интервенција уште во првите денови од раѓање. Најчести вродени аномалии се атрезијата на езофагус, атрезија на дванаесетпалачно црево, интестинална и анална атрезија. Езофагеална атрезија претставува вроден деформитет каде хранопроводот не е поврзан со желудникот (отсуство на хранопровод). Во овие случаи е потребна итна хируршка интервенција. Во оваа група спаѓаат и атрезија на дванаесетпалачно црево, тенкото црево и анус, каде децата се раѓаат без овие органи. Единствен избор на третман е операција.

Вилмсов тумор

Овој тумор е ембрионален канцер на бубрези кој се јавува кај деца најчесто под 5–годишна возраст. Најчест знак за овој вид тумор во детската возраст е безболна испакнатина на стомакот. Ретко е придружен со болка во стомак, крв во урина, температура, мачнина и повраќање. Овој вид тумор во најголем број случаи успешно се лекува со хируршки третман, зрачна и хемотерапија.

Слепо црево (appendicitis ac)

Воспаление на слепото црево е најчеста причина за ургентна хируршка интервенција. Започнува со тапа болка во стомакот, која е од непознато потекло придружена со повраќање и покачена температура. Ова е итна медицинска состојба за која е потребна брза и точна дијагноза. Се лекува со хируршко отстранување на воспаленото слепо црево.

 

Гастрошиза

Претставува вродена аномалија на предниот стомачен ѕид (средни целизомии) каде поради отсуство на преден стомачен ѕид новороденчето се раѓа со отвор низ кој излегува тенкото црево. Отворот се наоѓа на десната страна во однос на папокот на детето, а многу поретко се наоѓа на левата страна. Лекувањето е хируршко со враќање на цревата во стомачната празнина и затворање на стомачниот дефект.

Омфалокела

Вродена аномалија каде не е затворена папочната врвца и како резултат на тоа се јавува хернија во која се наоѓаат абдоминалните органи, а некогаш и органите на градниот кош. Детето се раѓа со абдоминалните органи испакнати нанадвор, обвиткани со амнионска мембрана. Бебињата се лекуваат хируршки со враќање на органите во абдоминалната праз – нина и затворање на стомачниот дефект.

Хипоспадија

Ова е една од најчестите вродени аномалии на урогениталниот систем кај машките деца. Кај овие деца отворот на уринарниот канал (уретра) се развива абнормално, односно под врвот на пенисот па сè до скротумот (мадно кесе). Се лекува хируршки меѓу 12 и 18–месечна возраст.

 

Инвагинација

Се работи за вродена аномалија на тенкoто и дебелото црево кога дел од тенкото црево навлегува во дебелото црево и останува заробено. Тоа резултира со силна стомачна болка, повраќање и крв во столицата. Најчесто се појавува од 1 до 3 годишна возраст. Потребна е итна хируршка интервенција по направените испитувања.

Неспуштени тестиси

Се работи за вродена аномалија каде не доаѓа до спуштање на тестисите по раѓањето. Тестисите се сместени на место кое е не соодветно за нив. Нивно позиционирањe можно е од ингвиналниот канал до стомакот. Поради тоа што се сместени во средина со повисока температура, тие се подложени на константно горење (оштетување). Потребна е хируршка интервенција за нивно решавање.

Проширени вени на тестиси (Varicocela)

Се работи за вродена аномалија на морфологијата на левиот венски сплет, кој ја изнесува крвта од тестисот. Поради негово оштетување доаѓа до таложење на крвта околу левиот тестис и отекување на венските крвни садови. Тоа доведува до зголемување на температурата во скроталното кесе и хронично оштетување на тестисот. Најчесто се појавуваат по 10 година. Потребно е хируршко решавање за заболувањето.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!