Лето! Летни одмори! Како да се соочиме со нив!
Пациентите кои имаат срцеви заболувања, особено новооткриените во овие моменти чувствуваат страв и често се прашуваат што е препорачливо за нив?
Кога надворешната температура ќе се покачи над 30 степени целзиусови, особено во услови на висока влажност на воздухот треба да бидеме внимателни.
Повозрасната популација и луѓето со хронични срцеви заболувања имаат најголеми проблеми. Речиси во секое семејство има член со срцева болест. Многу често во тек на летниот период луѓето со срцеви страдања остануваат дома и не уживаат во летниот одмор. Со малку внимание кон нивните специфични потреби и нивниот летен одмор може да помине многу убаво.
КОНСУЛТИРАЈТЕ КАРДИОЛОГ!
Кога надворешните температури се високи, телото има потреба да се разлади. Разладувањето на телото настанува со ширење на крвните садови преку механизмот на потење. При тоа срцето забрзано работи, а крвниот притисок се намалува. Затоа треба внимание кај пациентите кои примаат лекови за намалување на крвниот притисок.
Внимание е потребно и кај пациентите со ослабено срце кои примаат лекови за исфрлање на вишокот течности од телото. Дехидратацијата ја зголемува густината на крвта, што е опасно кај пациентите со вештачки валвула, како и кај коронарните болни со антикоагулантна терапија. Оваа опасност важи и за сите пациенти со претходна историја на венска тромбоза или тромбоемболични компликации.
Затоа пред летните одмори уште еднаш консултирајте се со вашиот матичен доктор, а по потреба и кај матичниот кардиолог за препишаните лекарства, режимот на исхрана и добијте специфични совети соодветни на вашата состојба.
Изборот на местото за летување е индивидуален.
МОРЕ ИЛИ ЕЗЕРО!
Ова е најчестиот избор за летните одмори. Се советува да се избегнува изложување на директни сончеви зраци во најтоплиот дел од денот од 11часот до 17 часот. Во тек на најтоплиот дел од денот по можниот престој во аклиматизирани простории, но не премногу ладни, оптимално околу 22-24 степени. Избегнувајте нагло излегување од многу ладна просторија во надворешни услови на температури кои се над 30 степени. Користење на лесна облека со светли бои кои ја одбиваат светлината. Главата да биде заштитена со капа. Кога има голема разлика меѓу надворешната температура и морската или езерската вода, секогаш е потребно внимателно, бавно прилагодување. Да се избегнува напорно и долготрајно пливање, како и долги и напорни активности и спортувања.
ПЛАНИНА!
Одличен избор за летен одмор. Се разбира, не на многу голема надморска височина. Секогаш е доволно свежо, се препорачуваат долги, не многу напорни прошетки на чист воздух. Внимателно одберете ги обувките кои треба да бидат лесни, удобни, но доволно сигурни. И тука секогаш е најдобро да имате капа која ќе ја штити главата. Лекарствата да ги испиете пред да појдете на прошетка. Секогаш да имате доволно течности и тоа најдобро не премногу засладени.
СЕЛСКИ ТУРИЗАМ!
Тоа е можеби најстар, традиционален вид на туризам на нашите простори, кој сега е сè поактуелен. Тој повторно станува сè почест избор на многу семејства. Се советува да се избегнуваат престои на сонце во најтоплиот период од денот. Може да се седи во убаво засенчени зелени делови.
Внимание е потребно и кај луѓе со бројни ризик фактори, но без манифестни срцеви болести. Екстремни напори, како што е интензивно пливање или трчање во услови на високи температури и голема влажност можат да предизвикаат срцев удар и други сериозни состојби и кај оваа група луѓе.
СОВЕТИ ЗА ИСХРАНА ВО ТЕК НА ЛЕТНИТЕ МЕСЕЦИ:
– Јади лесна храна! Не внесувај многу сол во исхраната!
– Повеќе оброци, кои не се обилни!
– Неколку порции овошје и зеленчук на ден!
– Пиј доволно течност, најдобро вода!
– Избегнувај многу засладени напитоци!
– Избегнувај жесток алкохол!
– И секако: не ја заборавај препишаната терапија!
Внимавај опасност: дехидратација во тек на летните месеци! Во услови на директна изложеност на сончеви зраци, дехидратацијата може да доведе до топлотна исцрпеност и топлотен удар, особено кај срцевите болни и треба да бидат препознаени навремено.
КАКО ДА СЕ ПРЕПОЗНАЕ ТОПЛОТНА ИСЦРПЕНОСТ:
– Изразено потење!
– Ладна и леплива кожа!
– Вртоглавица или несвестица!
– Забрзан пулс (срцебиење)!
– Плитко и забрзано дишење!
– Повраќање!
Препорака: Бр
зо разладување! Побарај лекарска помош!
КАКО ДА СЕ ПРЕПОЗНАЕ ТОПЛОТЕН УДАР:
– Врела кожа, без потење!
– Забрзан пулс!
– Висока телесна температура!
– Конфузност до степен на губиток на свест!
– Препорака: Итна лекарска помош!