Вашето малечко тргна во градинка – Совети за родителите

Моментот кога вашето малечко тргнува во градинка или училиште претставува една од најголемите и први промени кои се случуваат во неговиот животот. Како за детето така и за неговите блиски, овој чин предизвикува голем стрес. Затоа неопходно е детето да биде подготвено за тоа,  особено доколку може да биде планирано, односно ако не мора поради разни причини да биде ненадејно. Чинот на посета на градинката  значи негово одвојување од домот, од неговото секојдневно опкружувње и создавање нова средина, опкружена со непознати лица и други деца на слична возраст. За полесна адаптација на новонастанатите услови и намалување на стресот како кај детето така и кај неговите родители, неопходно е тоа да има постигнато соодветна интелектуална, психомоторна и социјална зрелост, објаснува д-р Станка Танчева – Крстевска, педијатар. 

Идеално време и подготовка

Достигнувањето на соодветната  матурираност  е индивудуално различна, но тоа обично настанува околу 2-3 годишна возраст и затоа тогаш се смета дека е најпогодна возраст за поаѓање во градинка. Тогаш поголемиот дел од децата веќе ги имаат формирано навиките во исхраната, некои и самостојно јадат, ги контролираат сфинктерите, односно кажуваат кога им се врши нужда, имаат задоволителна вербална комуникција, доволно се социјализирани, воспоставена е солидна комуникција со други возрасни (освен нивните родители и најблиски), како и со деца на нивна возраст. Секако пред поаѓање во градинка или училиште најдобро е родителите неколку месеци  да „работат” на подготовка на детето за денот кога тоа ќе се случи. Најдобар период за ова е летото, а поаѓањето во градинка да биде од есента. Подготовките се состојат пред сè во објаснување на детето што го очкува, како ќе го поминува денот, што треба да прави таму и, секако, тоа да биде прикажано како позитивен настан во неговиот живот, а никако како нешто со кое детето ќе се заплашува. Ова значи дека улогата на родителот и неговиот позитивен пристап кон настанот се многу важни за успешно поминување на оваа голема промена во животот на детето. Од друга страна, несомнено е огромното позитивно и стимулативно влијание на градинката во развојот на секое дете. Честопати градинката е и првото место каде се воочуваат промени во развојот на детето, одредени забавувања во развојот или потешкотии во говорот кај детето.

Развој на имунитетот и отпорност од инфекции

Ризикот од инфекциите за детето при престој во колектив (градинка или училиште) секако дека постои и треба да се очекува дека детето ќе се разболува почесто отколку порано, особно во тек на првата година по поаѓање во градинка. Менталната и моторната зрелоста на детето е важен вактор за полесна адаптација на новонастанатите услови, па така и развојот на имунитетот и отпорноста кон инфекции се наголемува  со растењето, односно како детето расте така станува сè повеќе отпорно на инфекциите.

Правилна исхрана

За нормалниот развој на имунитетот и зголемена отпорност од инфекциите од голема важност се претходно стекнатите навики во исхраната, односно воспоставен правилен, избалансиран начин на исхрана. Правилната исхрана на детето треба да содржи доволно зеленчук, овошје, месо (телешко, пилешко, мисиркино и риба), јајца, житарки, млеко и млечни производи . Детето треба да има три главни оброци и две ужинки. Да се избегнува прекумерно додавање сол и шеќер во храната, зачини и консумирање сувомеснати производи, пржена храна и храна во која има вештачки бои, ароми и конзерванси. Особено е важен и соодветен внес на вода и течности. Децата кои биле доени (најмалку) една година секако би се очекувало да имаат помалку инфекции и да бидат заштитени од посериозни инфекции. Доењето овозможува правилен развој на мозокот, што е предуслов за нормален психомоторен развој на детето.

Исто така, и спроведувањето на витаминотерапија е многу важна. Тука би го истакнале редовното давање витмин Д во тек на зимските месеци (по првата година од животот), повремено и во комбинација со витамин А, што значително влијае за создавање подобар имунитет.  Доколку има потреба, во консултација со својот педијатар, се зголемува внесот и на други витамини, особено во зимскиот период. Не треба да се заборави и важноста на физичката активност на детето(прилагодено на возраста и моторните сособности), т.е. користење на секој момент да се престојува надвор и да се прават прошетки во природа, надвор од секојдневната градска средина.

Совети

  • Како препорака пред поаѓање во градинка или училиште е преглед и консултација со педијатарот кој го следи и познава вашето дете. Тој ќе ви ги даде најдобрите препораки бидејќи најдобро го познава вашето дете.
  • Спроведувајте го календарот на вакцинации кај вашето дете, според препораките кои ви ги дал лекарот задолжен за неговата имунизација. Доколу се работи за дете кое има некоја хронична болест (на срцето, белите дробови или вроден имунолошки недостаток) или е родено пред време, тогаш треба да се добијат и дополнителни вакцини
  • Доколку вашето дете има алергија на храна или лекови или од различни причини му е потребна посебна исхрана (на пример без млеко и млечни производи, храна која содржи глутен итн.) запознајте го персоналот во градинката со овој податок и инсистирајте вашето дете да добива посебна храна.
  • По прележана инфекција, која не е тешка и комплицирана, вашето дете не треба да посетува градинка најмалку една недела, а ако е болеста комплицирана и потешка, најмалку 2 недели. Тоа е многу важно за да му се овозможи на детскиот организам потполно да заздрави пред да биде изложен на ризик од нова инфекција, а е важно и да се заштитат и другите деца кои се здрави и кои ќе дојдат во контакт со вашето дете.
  • Доколку вашето дете се разболува многу често, добива температура и има знаци за респираторна инфекција штом повторно се врати во градинка или по пауза од претходна инфекција, размислете детето да отсуствува и подолго време од градинка.
  • Доколку вашето дете прави потешки инфекции кои се комплицираат (на пример со повторувачки воспаленија на белите дробови, воспаленија на ушите, потешкотии со дишењето за време на спиењето итн.) задолжително треба да се направат дополнителни иследувања на имунитетот и други иследувања кај детето и да се одложи престојот во градинката на подолг временски период.

Најголема важност е правилниот и позитивен пристап на родителот кој треба да ја одигра главната улога во успешна реализација на оваа голема промена во животот на секое дете.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!