Позитивно влијание на масажата

Масажата се практикува веќе илјадници години. Постои голем број на масажи кои со широк спектар на притисоци, движења и техники влијаат позитивно на телото и здравјето. Катерина Илиеска, физиотерапевт, во продолжение ги објаснува најчестите масажи и во кои цели се користат.

Медицинска масажа

Медицинската масажа е најстара манипулативна техника и во денешно време е неизбежна во рехабилитацијата, регенерација и ревитализација на телото. Со употреба на различни техники на мекото ткиво како директен притисок, лизгачки движења (мазнење, триење), фрикција, вибрација или компресија, се постигнуваат корисни перформанси на целокупниот мускулно – скелетен, циркулаторен, лимфен и нервен систем. Со намалувањето на напнатоста на мускулите се враќа флексибилноста, се редуцираат болките, се стимулира целокупниот систем за елиминација на штетните материи од организмот, се отстранува стресот. Медицинската масажа е корисна за сите луѓе без разлика на годините или професијата.

Спортска масажа

Физиотерапевтска техника која се служи со манипулација на телесните ткива со цел на омекнување на ткивата, опуштање на мускулите и подобрување на циркулацијата т.е. отфрлање на млечната киселина од мускулите, а крајната цел е постигнување на длабока деконтракција т.е. опуштање на мускулите, длабока релаксација и подобрување на циркулацијата. Спортската масажа е развиена како припрема на спортистот за оптимален перформанс. Поради регуларните активности и тренинзи, стресот и напнатоста се собира во мускулите, тетивите, лигаментите и зглобовите. Со оваа масажа физиотерапевтот се фокусира на одредени делови на телото кои премногу се користат преку репетитивни повторувачки и често агресивни движења поврзани со одреден спорт или професија. Масажата се работи во комбинација на истегнување, притисок на т.н. тригер точки, миофасцијална релаксација и лимфна дренажа. Помага во превенција на повреди, но и по повреда поради тоа што го намалува заморот на мускулите, ја подобрува циркулацијата, се подобрува флексибилноста, издржливоста и се воспоставува регенерација на телото.

Лимфна дренажа

Рачната лимфна дренажа е специфична техника со која се постигнува подобар проток на лимфата а исто така ги канализира сите течности помеѓу ткивата. Преносот на хранливи материи и одвод на штетни отпадни материи понекогаш поради која било состојба е успорен или болкиран па течноста која е прочистена во лимфните јазли многу поспоро се враќа во циркулацијата преку лимфните патишта. Лимфата нема своја пумпа како што е срцето, таа зависи од внатрешните контракции на ткивата, како што е пулсирањето на крвните садови, перисталтиката на цревата, контракции на мускулатурата. Со лимфната дренажа преку нежни ритмични движења се стимулира чистење и регенерација на организмот, се намалуваат отоците, се опушта нервниот систем и се подобрува целокупната состојба на имунолошкиот систем.

Релакс масажа

Целта на оваа масажа е потполно да ве опушти, така што ќе заборавите дека стресот воопшто постоел. Движењата кои се изведуваат се бавни и ритмични а притисокот е безболен и пријатен. Со притисокот не се делува на разбивање на т. н. јазли, туку се стимулира парасимпатикусот во мускулите, кој го опушта и регенерира телото, се намалува крвниот притисок, додека од друга страна се подобрува работата на лимфниот систем. Исто така благотворно делува на намалување на болките и стресот, и истовремено ја подобрува циркулацијата односно ја враќа позитивната енергија.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!