Длабока венска тромбоза е заболување со кое секојдневно се соочуваат многу луѓе, а не е за потценување ни стапката на смртност. Станува збор за згрутчување на крвта кое се развива во некоја поголема вена, најчесто длабоко во долниот дел на ногата или бутот. Опасноста е во тоа што грутката од крв (тромбот) во вената може да се одвои од ѕидовите на самата вена и со помош на циркулацијата на крвта да допатува до белите дробови, и да предизвика затнување на крвен сад, а со тоа и оштетување на органот или смрт.
Симптоми
За жал, длабоката венска тромбоза се појавува незабележително. Речиси пола од луѓето кои страдаат од оваа болест не забележуваат никакви знаци. Едни од најчестите симптоми се црвенило, отекување и болка. Овие симптоми се јавуваат околу моменталната местоположба на тромбот.
БЕЛОДРОБНА ЕМБОЛИЈА
Доколку тромбот се откачи од својата веќе заземена местоположба и отпатува заедно со протокот на крвта во вената, тоа значи дека сте во сериозна животна опасност. Тромбот кој го блокира снабдувањето на белите дробови со крв се нарекува белодробна емболија. Симптомите вклучуваат проблеми со дишењето, низок крвен притисок, несвестица , забрзано чукање на срцето, болка во градите до кашлање крв.
Што предизвикува длабока венска тромбоза?
Сѐ што може да ја оштети внатрешната венска обвивка може да предизвика тромбоза. Таа може да биде последица на операција, повреда или одговор на имунолошкиот систем. Густата крв или крвта која тече премногу бавно полесно може да формира тромб, а особено во вена која е веќе оштетена. Други причини кои влијаат врз згрутчување на крвта во вените може да бидат од генетичка природа, хормонални промени или седење подолго време. Најподложни на ова заболување се оние кои имаат канцер, луѓе кои имале хируршка интервенција, оние кои повеќе време поминуваат во кревет, постари луѓе, пушачи, луѓе кои постојано патуваат на подолги дистанци, луѓе со прекумерна тежина.
Длабока венска тромбоза за време на бременост
Жените се поподложни на длабока венска тромбоза за време на бременоста, но и 4 до 6 недели по породувањето. Ова се должи на поголемото ниво на естроген кој ја прави крвта посклона на згрутчување. Исто така, притисокот од проширената матка може да го забави протокот на крв во вените. Одредени нарушувања во крвта можат дополнително да го зголемат ризикот.
Длабока венска тромбоза и долгите патувања
Патувањата на нови и далечни места можат да бидат многу возбудливи, но не и седењето на истото седиште за време на подолг меѓународен лет. Научно е докажано дека летовите подолги од 4 часа знаат, и тоа како, да го зголемат ризикот од појава на длабока венска тромбоза. Во ова се вклучени патувањата со авион, автомобил, автобус или воз. Долгото седење во едно место без притоа ни малку да се придвижите доведува до забавен крвен проток.
Дијагностицирање на длабока венска тромбоза
За дијагностицирање на ова заболување најчесто се користи ултразвук. Пред да одите на ултразвук, лекарот ќе ве праша дали имате одредени симптоми кои укажуваат на длабока венска тромбози. Лекарот може да ве праша околу вашата медицинска историја, за терапијата која ја примате, дали во семејството имало заболен, и други фактори кои можат да влијаат врз зголемување на ризикот на ова заболување.
Третман на длабока венска тромбоза – Антикоагуланти
Длабоката венска тромбоза најчесто се третира со антикоагуланти бидејќи тие ја разредуваат крвта. Тие се внесуваат како лекови или преку инјекција. Антикоагулантите немаат способност да го разбијат тромбот, но спречуваат формирање на други тромбови и на телото му даваат време самото да го разбие постоечкиот тромб.
Третман на длабока венска тромбоза со тромболицити
Лековите кои всушност имаат способност да разбијат тромб се наречени тромболитици. Со нивната употреба, тие можат да предизвикаат ненадејно, тешко крвавење и затоа се користат само во итни случаи. Тромболицитите се даваат интравенозно, исклучиво во болница.
Несакани ефекти од лековите против длабока венска тромбоза
Бидејќи антикоагулантите ја разредуваат крвта, луѓето кои ги
земаат се поподлежни на модринки и на почести крвавења. Внатрешното крвавење може да биде сериозно, па затоа ако земате антикоагуланти, лекарот треба да се осигура дека крвта не е претерано ретка. Некои од новите лекови не бараат постојан надзор од лекар во врска со ефектот од разретчување на крвта.
Предупредувачки знаци за внатрешно крвавење
Знаците за внатрешно крвавење во стомакот се манифестираат со силна болка, повраќање во облик на кафени зрнца или светло црвена течност. Додека крвавењето во мозокот може да се манифестира со силна главоболка или симптоми на мозочен удар, меѓу кои, неприродни движења, заматување на видикот и конфузија.
Третман со еластични чорапи
Еластичните чорапи вршат притисок на нозете, со што спречуваат згрутчување на крвта и го одржуваат нормалниот проток на крвта. Тие го намалуваат отокот и ве ослободуваат од непријатното чувство на местото каде се наоѓа тромбот.
Компликации по длабока венска тромбоза
И кога тромбот е комплетно отстранет, сè уште постои една доза на непријатно чувство. Можно е да имате постојан оток, промена на бојата на кожата и болка на местото каде се јавил тромбот. Овие симптоми познати под името посттромботски синдром, знаат да се јават и една година по исчезнувањето на тромбот.
Превенција од длабока венска тромбоза
Бидете постојано активни, така ќе го забрзате протокот на крвта и ќе го превенирате згрутчувањето. Вежбите за мускулатурата на долниот предел од нозете можат да ве заштитат од тромбоза. Кога не сте активни, односно кога сте на работното место, секогаш најдете време да ги истегнете нозете или уште подобро, станете и прошетајте наоколу.