За постот и здравата исхрана – Д-р Марјан Димитровски

Многу актуелна тема во последно време е здравата исхрана и здравиот начин на живеење. Во деновите кога се актуелни божиќните пости, кои се најдолги, заедно со велигденските, се наметнува прашањето дали постите се вклопуваат во здравиот начин на живеење и на здрава исхрана.

Одредени категории луѓе не треба да се придржуваат кон строгите правила за пост. Тоа се : деца во развој, изнемоштени и стари лица, болни, луѓе со тешка физичка активност, жени за време на бременост и доење.

Правилна исхрана

Здравата исхрана и начинот на живот се основата во превенцијата од многу заболувања, во нормален ментален и телесен развој. За нормално функционирање и развој на човекот, потребни се околу 50 нутритиви, кои се внесуваат исклучително со храната. Нутритивите што човечкиот организам не може да ги произведе, се есенцијални, пример омега-3, омега-6, итн. Правилната исхрана подразбира внесување одреден сооднос на протеини, јаглехидрати, масти, витамини, минерали. Секое несоодветно консумирање на овие нутритиви води до нарушување на метаболната рамнотежа и развој на болести.

Совети

Да се потсетиме на основните правила за здрава исхрана и живеење.
– Редовна исхрана – поделена во 3 оброци, со 2 ужини.
– Разновидност во исхраната.
– Внесување вода и течности во доволни количини, минимум 2 литра.
– Внесување витамини и минерали преку свежи овошје и зеленчук.
– Внесување умерени количини храна, во зависност од дневната потрошувачка и на тој начин одржување оптимална телесна тежина.
– Намалено внесување масти од животинско потекло.
– Намалено внесување слатка храна, шеќерот да се замени со мед, малтекс, фруктоза.
– Намалено внесување солена храна.
– Консумирање умерени количини алкохол, 1-2 чаши црвено вино…
– Редовна и правилна физичка активност.

Со придружување кон основните правила за исхрана и здрав живот се добива позитивен ефект врз здравјето, се зголемува работоспособноста и се продолжува работниот век на човекот.

Само доколку ги вклопиме основните правила за здрава исхрана и живот за време на постот, може да зборуваме за позитивен ефект на постот. Но поради специфичниот социо-економски профил на луѓето од овие простори, можеме да кажеме дека има позитивен и негативен аспект на постот во однос на здравите храна и живот.
Негативниот аспект произлегува од консумирањето еднолична храна, внесувањето повеќе тестенини и јаглехидрати и со тоа нарушување на дневниот внес на нормалниот сооднос на нутритиви.
Позитивниот аспект од постот произлегува од јакнењето на духот и на менталниот склоп на човекот со секојдневен тренинг да се воздржи од предизвиците на прекумерна и неквалитетна (вкусна) храна.
 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!