Што се крие зад хроничната кашлица?

Хронична кашлица се нарекува секоја кашлица која трае подолго од 8 недели, односно од 4 недели кај деца. Таа е состојба која предизвикува не само непријатност туку во некои ситуации комплетно го нарушува нормалното живеење преку нарушување на сонот и доведува и до исцрпеност.

Што ја предизвикува?

Во некои случаи е особено тешко да се најде причината која ја предизвикува. Д-р Оливер Јовковски, пулмоалерголог, објаснува дека, сепак, како најчеста причина се смета пушењето, потоа слевање секрет од носот (postnasal drip), астмата и гастроезофагеален рефлукс. Вообичаено е да се јави и како комбинација на повеќе истовремено присутни состојби. Инфекциите се често предизвикувачи на хронична кашлица, како и некои лекови, особено АЦЕ инхибиторите како најчесто препишувани лекови за регулирање на крвниот притисок доведуваат до оваа состојба. Поретко се јавува поради аспирација на содржина во бронхите, бронхиектазии, бронхиолитис, цистична фиброза, саркоидоза, карцином на белите дробови и во почетниот стадиум на ХОББ.

Аерозагадувањето и кашлицата

Аерозагадувањето е многу комплексен проблем. Најодговорни за штетното дејство се ПМ10 и ПМ 2, 5-честичките, но постојат и други, уште поситни честички и гасни супстанци кои се одговорни за различни штетни ефекти. Аерозагадувањето е водечка причина за хронична кашлица во денешното современо живеење, особено во зимскиот период.

Други симптоми

Хроничната кашлица е придружена и со некои други симптоми, како затнат нос, зголемена секреција, зарипнатост, опструкција, печење зад градната коска, а понекогаш може да испровоцира и искашлување крв. Потешките форми можат да предизвикаат гадење, повраќање, но и скршеници на ребрата.

Како се дијагностицира?

Дијагнозата се поставува преку земање на исцрпна анамнеза и запознавање со претходните болести и навики. Потоа се назначуваат дијагностички тестови вообичаено белодробна функционална дијагностика која вклучува спирометрија, мерење на дифузуски капацит или бодиплетизмографија, РТГ на белите дробови или компјутеризирана томографија, како и бронхоскопија.

Третман

Третманот е во зависност од причината, а главно вклучува антихистаминици, глукокортикоиди, инхалации со бронходилататори и во потешките случаи и антитусици (лекови за смирување на кашлицата).

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!