Oток, болка и утринска вкочанетост на зафатените зглобови се главни симптоми по кои се препознава оваа болест. JИА или уште познат како хроничен јувенилен артритис е артритис на еден или повеќе зглобови кој се јавува на возраст под 16 години и трае најмалку 6 недели. Д-р Светлана Крстевска Блажевска, детски кардиолог, вели дека е најчеста хронична ревматолошка болест кај децата и најчесто хронично заболување во детската возраст. Честотата на болеста се движи од 11 до 20 случаи на 100 000 деца.
Автоимуна болест
Се смета дека ЈИА претставува автоимуно заболување. Имуниот систем го напаѓа сопственото синовијално ткиво во зглобовите, при што како реакција на тоа се создава вишок синовијална течност во зглобот, се јавува отекување, болка и вкочанетост на зафатените зглобови. Која е причината за ваквото однесување на имуниот систем, не е сосема јасно. Се смета дека наследните фактори и нарушување во имунолошкиот систем, како и некои инфективни агенси (вируси, бактерии) може да играат значајна улога во појавата и текот на болеста.
Симптоми
Главните симптоми се: оток, болка и утринска вкочанетост на зафатените зглобови, поради што детето ги штеди зглобовите при одење или одбива да оди. Зглобовите може да се зацрвенети и топли на допир. Како придружни симптоми може да се јават зголемена телесна температура, замор, намален апетит, нерасположеност.
Типови реваматоиден артрит
Има три главни типови во однос на тоа како започнува болеста:
- Олигоартритис (30%). Кај овој тип зафатени се 4 или помалку зглобови, со најчесто засегање на колената. Освен овие симптоми кај олигоартритот често се појавува воспаление во очите, односно иридоциклит. Иридоциклитот може да премине во хроничен затоа што е асимптоматски и поминуваат недели или месеци додека се дијагностицира. Затоа кај децата кај кои ќе се дијагностицира јувенилниот артрит потребно е да се прават редовни офталмолошки прегледи за да може навремено да се забележат какви било проблеми со очите.
- Полиартритис (25%). Се нарекува полиартритис затоа што се зафатени 5 и повеќе зглобови, а се карактеризира со постепен почеток на тегобите. Најчесто се зафатени големите зглобови како што се колената, рамените зглобови, лактите, скочните зглобови, но може да се прошири и на малите зглобови на дланките и стапалата. Болеста може да ги зафати и колковите и цервикалниот дел од ‘рбетот.
- Системска болест (5%). Најчесто на почетокот на оваа форма доаѓа до појава на зголемена телесна температура, осип по кожата и минливи артралгии или полиартрит. Децата се вознемирени, плачливи, со намален апетит, оддавајќи впечаток на потешко болни деца кои најчесто лежат во кревет, а зафатените зглобови им се во полусвиткана положба за да си ги олеснат болките.
Дијагноза
Болеста може да почне без карактеристичните симптоми, поради што понекогаш може да поминат недели и месеци пред поставување конечна дијагноза. Оток и болка во еден или повеќе зглобови, локална топлина и ограничени движења, кои траат со недели, упатуваат кон дијагнозата за ЈИА. Сепак, треба да се исклучат и другите заболувања кои можат да дадат слични или исти симптоми. За потврдување на дијагнозата се прават соодветни лабораториски и радиолошки испитувања.
Лекување
Пред да се почне со каков било третман, потребно е да им се објасни на родителите дека болеста е хронична и лекувањето ќе биде долготрајно. Целта на лекувањето е да се стават под контрола симптомите на болеста, да му се овозможи на детето нормално функционирање во извршување на секојдневните активности. Во однос на медикаментозната терапија, најчесто употребувани лекови се од групата на нестероидни антиинфламаторни лекови (ибупрофен, напроксен). Доколку лекот од оваа група не дејствува тогаш е потребно да се воведе некој од лековите од втората линија, како што е метотраксатот и други. Кај порезистентните форми на ЈИА се воведуваат и кортикостероиди, системски или локално, како инјекција во заболениот зглоб. Доколку во опреде- лен временски период не се постигне смирување на симптомите, се воведува лек од трета линија, познати како биолошки лекови.
Физикална терапија
Покрај медикаментозната терапија, се користи и физикална терапија. Целта е да се спречи настанување деформитети и да се зачува функцијата на зглобовите. Се состои од благи масажи, најдобро во топли бањи. Како болеста навлегува во смирување – ремисија, вежбите стануваат сè поразновидни и поизразени со цел да се зајакне ослабената мускулатура и да се одржат формата и кондицијата на детето. Во ретки случаи и покрај дадената терапија болеста може да напредува и да доведе до деформитети на екстремитетите. Кај овие форми на ЈИА како крајна опција за лекување е хируршкиот третман.
Каква е прогнозата?
Напредокот во терапијата кај ЈИА дава можност децата со оваа болест да имаат продуктивен, активен живот. Децата со олигоартикуларен ЈИА главно покажуваат ремисија на болеста, а само мал број прогредираат во полиартикуларен облик на болеста. Децата со системxска форма исто така имаат тенденција за комплетна ремисија, а само мал број не реагираат соодветно на терапијата и ја имаат болеста и понатаму во животот. Раното зафаќање на колковите и долготрајно активна болест може да имаат сиромашна прогноза за подолг временски период.