Често и обилно повраќање кај бебе – знак за вродена пилорна стеноза

Вродената пилорна стеноза (ВПС) претставува неможност за празнење на содржинатана желудникот како резултат на хипертрофија и хиперплазија на мускулниот слој на пилорниот канал (канал кој го поврзува желудникот со останатиот дел од дигестивниот систем). Се наоѓа помеѓу желудникот и дванаестпалачното црево. Како резултат на стеснувањето на дванаесетпалечното канал, содржината од желудникот не може да премине кон цревата. Д-р Јасминка Јошева, радиолог, вели дека согласно со литературата почесто се јавува кај машките дечиња отколку кај женските, во сооднос 4:1. Постои и фамилијарна поврзаност, доколку еден од родителите имал ВПС, нивните деца имаат 20% поголема веројатност за појавата на оваа состојба. Почесто се појавува кај првородени машки деца и кај предвремено родени.

Повраќањето е типичен симптом

Бебето не се раѓа со оваа состојба, симптоматологијата се манифестира со прогресивната хипертрофија на пилорусот, со што почнува да повраќа. Користење антибиотици (еритромицин) на крај на бременоста, во првите две недели од раѓање или во тек на доење може да бидат асоцирани со појава на пилорна стеноза.

  • На возраст од 4 до 8 недели старост бебето почнува да повраќа содржина што не е крвава и не е жолта (не е билијарно повраќање). Често е со непријатен мирис, млеко измешано со желудочни сокови, закиселено млеко.
  • Во почетокот повраќањата не се чести, но за неколку дена стануваат сè почести и по секој оброк. Настануваат непосредно по доење/оброк, но во извесни случаи и дури еден час по оброкот.
  • Интензитетот на повраќање од првично во мали количини, интензивира во повраќање во млаз, кое е многу драматично
  • Понекогаш може да се забележат и примеси на крв или кафена пребоеност на повратената содржина
  • Бебињата најчесто немаат аспект на болно дете, нема покачување на телесната температура, бебето е постојано гладно и постојано има потреба да цица по епизодите на повраќање
  • Имаат оскудна столица бидејќи мала количина на оброкот минува кон цревата, понекогаш столицата е со примеси на слуз или доаѓа до појава на опстипација (запек).

Што доколку не се препознае и третира опишаната состојба?

Ненавременото дијагностицирање резултира со дехидратација, бавно или воопшто нема зголемување на тежината, малнутриција, метаболен дисбаланс, летаргија. Родителите чие бебе повраќа често се обидуваат да ја променат адаптираната млечна формула бидејќи самите тие или нивниот педијатар сметаат дека може да се работи за интолеранција на одредена храна.

Како се дијагностицира?

Сомнението за постоење вродена пилорна стеноза најчесто го дава матичниот педијатар врз основа на клиничката слика и внимателен преглед на горниот дел на стомачето. ВПС дава класичен знак на „олива“ при палпација на горниот десен дел од стомакот кај 60-80% од децата. Доколку има сомнение за постоење, детето се упатува на ултразвучен преглед на пилорниот канал. „Ултразвучниот преглед е неинванзивен метод. Тој е метод на избор за визуелизација на пилорниот мускул, а при тоа бебето не се изложува на јонизирачко зрачење. Тоа е сигурна метода за точна дијагноза и е широко достапна. Прегледот се изведува непосредно по оброк или апликација на вода во количина на еден оброк и трае не повеќе од 20-30 минути. На ултразвучен преглед се детектира задебелен и издолжен пилорен мускул, издолжен пилорен канал и ретинирана содржина во желудникот“, вели д-р Јошева. Во минатото дијагностиката се базирала на контрастни испитувања кои се изведуваат под контрола на Х-зраци и апликација на бариумски контраст, додека денес е доволна ултразвучна проценка.

Како се лекува?

Третманот на состојбата е хируршки, се прави пилоромиотомија. Интервенцијата е безбедна и сигурна, без значајни компликации.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!