Лошиот здив, или халитоза, може да биде знак на нередовната дентална хигиена, но и на други здравствени проблеми. Исто така, оваа појава може да биде и резултат на храната која ја јадеме и другите нездрави навики кои ги практикуваме.
Како влијае храната врз лошиот здив?
Всушност, секоја храна која ја консумирате прво почнува да се разложува во вашата уста. Потоа, со процесот на варење на храната и нејзиното впивање во крвотокот таа се движи низ целото тело. На пример, кога пристигнува во белите дробови, преку процесот на дишењето, таа влијае врз нашиот здив. Оттука можеме да заклучиме дека доколку консумирате храна со интензивен и силен вкус (како што се кромидот и лукот), силното стругање на забите и плакнењето на устата може само накратко да ви ја затаи миризбата. Со други зборови, миризбата нема да исчезне додека храната добро не се обработи и не се исфрли од телото.
Како влијаат лошите навики врз непријатниот здив?
Доколку не ги миете забите темелно и не ги чистите со конец барем еднаш во текот на денот, тогаш некои остатоци од храната можат да се задржат во вашата уста. Овие материи можат да бидат одлична подлога за развојот на бактерии помеѓу забите, на непцата и на јазикот. Овие работи се главни причинители на лошиот здив. Затоа, редовната дентална хигиена, како и новите средства за плакнење на устата можат да ви помогнат за да ги отстраните остатоците од храната. Оние кои носат протези и вилици треба убаво да ги мијат и да бидат сигурни дека на нив не се наоѓаат никакви остатоци од храна.
Пушењето, исто така, е причинител за лошиот здив, ги обојува забите, го намалува осетот за вкус на храната и ги иритира непцата.
Кои здравствени проблеми се поврзани со лошиот здив?
Постојаниот лош здив или лошиот вкус во устата може да биде предупредувачки знак за заболување на непцата, што е резултат на насобраниот плак на забите. Оваа бактерија помага во создавањето токсини во устата кои ги иритираат непцата. Доколку оваа состојба не се третира навреме, може да предизвика големи проблеми на непцата, како и на виличната коска.
Покрај овие состојби, еден од причинителите за лошиот здив е и сувата уста или ксеростомија. Плунката игра важна улога во процесот на природното плакнење на јазикот и непцата од мртвите клетки формирани од страна на плакот кој се собира на забите. Ксеростомијата се јавува како резултат на несаканите ефекти од разни лекови кои предизвикуваат проблеми со лачењето на плунката или постојано дишење низ усната празнина.
Постојат уште многу заболувања кои можат да влијаат врз лошиот здив, како што се: пневмонија, хронични инфекции на синусите, дијабетес, киселини во желудникот, како и проблеми со црниот дроб и бубрезите.