Како полесно да се изборите со цревните инфекции

„Високите температури придонесуваат за полесно и побрзо размножување на бактериите, вирусите и цревните паразити, кои најмногу ги напаѓаат бебињата и малите дечиња со сè уште недоразвиен имунолошки систем. “

Најчеста причина поради која родителите ги носат своите дечиња во ординациите се инфекциите. Најголем процент од нив се вирусните респираторни инфекции. Но, кога станува збор за летниот период, водечкото место го преземаат цревните вирусни инфекции. „Високите температури придонесуваат за полесно и побрзо размножување на бактериите, вирусите и цревните паразити, кои најмногу ги напаѓаат бебињата и малите дечиња со сè уште недоразвиен имунолошки систем, но секако не се поштедени ниту возрасните. Ризикот од појава на овие цревни инфекции е уште поголем при патувања и летен годишен одмор бидејќи потешко може да се воспостават соодветни хигиенски услови“, вели д-р Станка Танчева Крстевска, педијатар.

Што ги предизвикува?

Најчести предизвикувачи за овие летни цревни инфекции се летните вируси. Водечкото место припаѓа на ентеровирусите, помеѓу кои клучен е т.н. рота вирус. Веднаш по него се група аденовируси кои исто така се чести предизвикувачи за цревните инфекции во текот на летото. Овие предизвикувачи најчесто имаат фекоорален пат и децата може да ги добијат преку недоволно измиено овошје или зеленчук, контаминирана вода и термички недообработена храна, преку валкани раце или со директен контакт со веќе инфицирано лице. Се пренесуваат со огромна брзина од еден на друг член во семејството или во колективни заедници. Инкубацијата трае кратко, од еден до два дена.

Болки, повраќање, дијареја

Цревните инфекции вообичаено започнуваат акутно и брзо, со болки во стомакот кои се остри, продорни и дифузни и значително го вознемируваат детето. Честопати се јавува нагон за повраќање или пак повраќање и течни столици со или без присуство на слуз или крв. Чест придружен симптом е и фебрилноста. Детето вообичаено е доста изнемоштено и дехидрирано поради губитокот на телесните течности и електролити (натриум, калиум…) преку повраќањето и течните столици кои се особено важни за нормално функционирање на организмот.

Внимавајте детето да не дехидрира

Дехидрираното дете е немоќно, сонливо, повремено нервозно, нема сила да јаде и пие и вообичаено изгледа многу исцрпено. Сето ова настанува поради воспалување на желудечно-цревната слузокожа од дејството на цревниот агенс. Од тука и треба да се истакне огромната важност на што побрзо започнување со рехидратацијата и надоместување на изгубените течности и електролити, особено кога станува збор за цревните инфекции во детската популација. Најдобар начин е секако пероралната рехидратација, со рано започнување на поење на детето со подготвени електролитни раствори, бавно, постепено преку уста. На тој начин се активираат веќе воспалените цревни ресички, со што се забрзу ва и процесот на нивна рехабилитација т. е. нивно возвраќање во норманата функција на ресорпција на храна и течности. Секако, доколку дехидрираноста на организмот на детето е од поголем степен и е невозможно рехидрирање по перорален пат, се пристапува кон интравенска рехидратација.

Како да му помогнете на детето

Цревните вирози вообичаено поминуваат без компликации и најчето не е потребна лекарска помош. Доколку вашето дете има симптоми на цревна вироза, задржете го дома и започнете што побрзо, како што веќе напоменавме, перорална рехидратација, со што ќе се надополнуваат изгубените течности и електролити и ќе се спречи натамошна дехидратација. Давајте полесна храна која нема да ја надразни веќе воспалената желудечна и цревна слузница (банана, ориз, компир, печено јаболко…). Овие намирници се полесни за варање, соджат калиум и електролити кои се губат со проливите, јаглехидрати како извор на енергија и содржат пектини и други супстанции кои ја подобруваат дигестијата и апсорпцијата на течности во цревата. Треба да се избегнуваaт одредени намирници (млеко, млечни и слатки продукти, како што се сладолед, сокови, колачи) кои може да ги влошат и пролонгираат течните столици.

Одмор и пробиотици

Потребен е одмор кај вашето дете, кое е секако исцрпено од самата инфекција, фебрилноста, како и од губитокот на течности и електролити. Одморот помага и во природната одбрана на организмот од заканувачкиот инфект. Особено важно е и раното воведување на пробиотиците, кои помагаат за побрзо совладување на болеста и позитивно дејствуваат на организмот. Ја нормализираат изгубената рамнотежа на цревната микрофлора на организмот, а со тоа помагаат во редукција на проливите и нормализирање на столиците кај инфицираното дете.

Како да се превенира ширењето на инфекцијата

Пред сè треба да се избегнува близок контакт со заразено лице (да не се дели храна или прибор за јадење). Често миење и дезинфекција на раце, WC-школка, кваки и други површини по секое повраќање или течна столица. Да се задржи детето дома најмалку 2-3 дена по последната епизода на повраќање или течна столица, а по можност и повеќе.

Доењето – најдобра заштита од летните вируси

Тука би го истакнале значењето на доењето и мајчиното млеко кај доенчиња. Мајчиното млеко изобилува со готови антитела наспроти рота вирусот и други цревни вирози, така што претставува најдобра заштита за вашето доенче во текот на овие летни периоди кога цревните вируси му се закануваат на секој чекор на нашето дете.

Кога треба да се обратите на педијатар

Во следните ситуации се препорачува посета кај вашиот педијатар:

  • Кај упорно повраќање и пролив што не се подобрува и покрај преземените мерки на перорална рехидратација
  • Доколку симптомите траат подолго од 6-7 дена без подобрување на состојбата
  • Појава на дополнителни симптоми, надвор од цревната вирусна манифестација
  • Појава на примеси на крв и слуз во столицата
  • Доколку се работи за цревна инфекција кај дете со ослабен имунолошки систем т. е. имунокопромитиран организам.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!