Денталните импланти во последните 25 години доживеаjа голем напредок како во однос на формата така и на квалитетот претставувајќи совршена алатка за замена на природните изгубени заби од различни причини. Сите имплантни системи се изработени од висококвалитетен титаниум со различен процент на чистота и обложени се со тенок филм на површината кој овозможува 100 процентна остеоинтеграција ( врзување) на истиот со виличната коска. Поставениот имплант го надоместува изгубениот забен корен и го превенира натамошното губење на коскено ткиво.
Кој се кандидати за дентални импланти?
Генерално, секој пациент над 16 годишна возраст е може да биде кандидат за дентално имплантирање. Сепак, постојат одредени состојби и заболувања како што се неконтролираната шеќерна болест, разни видови канцер, радиотерапија (зрачење) и неконтролирани заболувања на меките ткива во устата. Од штетните навики, најнеповолно влијание врз имплантите имаат пушењето, алкохолизмот и шкрипењето со забите (бруксизам). Како важен услов за поставување и долготрајност на имплантите, императив е оралната хигиена како во домашни услови, така и редовна посета на стоматолог.
Кои се можностите?
-Губење на поединечен заб:
Во ваков случај, имплантирањето може да се изведе веднаш по вадењето на забот (имедијатно) или одложено, по 6 месеци од екстракцијата, а со претходно презервирање на коскената чашка.
-Губење на повеќе заби:
Како и при губењето на поединечен заб, и во овој случај, имплантирањето може да биде имедијатно или одложено, по што следува изработка на фиксна протетска конструкција која може да биде цементирана или зашрафена на имплантните абатменти. При тоа соседните здрави заби не се оштетуваат и се стопира натамошното губење на коска.
-Целосна без забост решена со протеза поддржана од импланти.
Во случаи на целосно губење на забите во двете вилици и при дефицит на коскено и меко ткиво, индицирано е поставување на минимум 4 импланти кои би биле потпора на тотални подвижни протези кои во овој случај би имале многу подобра стабилност и функционалност. Притоа, не треба да се занемари и можноста за одржување на оралната хигиена со периодично вадење на протезите и нивна тоалета.
Која е разликата меѓу имплантот и природниот заб?
Иако имплантот наликува на природниот заб како во однос на изгледот така и во функцијата, сепак постојат одредени разлики. Врската помеѓу забот и виличната коска се остварува со помош на периодонтален лигамент (колагени влакна), додека имплантот директно се поврзува со коската. Како резултат на тоа, забот е подложен на заболувања на околното меко ткиво (пародонтопатија) како и на забен кариес. Имплантите не се подложни на кариес но, доколку се јават воспалителни промени на мекото ткиво околу нив (периимплантитис) треба да биде саниран во најбрз можен рок.
Како се одржуваат имплантите?
Првата година се препорачува квартална посета на вашиот стоматолог кој ќе ја провери состојбата на имплантите со контролни рентген снимки, чистење на меките и тврдите наслаги. Во натамошниот период, се препорачува минимум една посета во текот на годината.