Инхалаторна терапија – давајте ја само по препорака на лекар

Најчеста дилема кај родителите на деца со опструктивен бронхит е дали лекот што е потребен за проширување на дишните патишта е поефикасен и побезбеден во форма на сируп или како инхалација? Д-р Тања Јованова, педијатар пулмоалерголог, вели дека најдобар, најбезбеден и најефикасен начин на примена на бронходилататорите е инхалаторниот пат. По тој пат лекот доаѓа директно до местото каде што треба да дејствува, ефектот настанува веднаш и истиот се добива со многу пониска доза на лек во споредба со истиот лек во форма на сируп.

Главни причинители на респираторни проблеми кај децата?

Респираторните инфекции се најчести инфекции воопшто кај популацијата, секако многу почести во детската возраст, што е во тесна врска со незрелоста на имунолошкиот систем. Почести причинители се вирусите за разлика од бактериите. Има голем број различни типови вируси – предизвикувачи на инфекции на респираторниот систем, вирусните инфекции многу брзо се пренесуваат преку воздушен пат, при близок контакт на здраво со болно лице или при допир со истото. Можностите за превенција на вирусните инфекции се тешки и неадекватни, а за лекување ограничени, со оглед на тоа дека антибиотската терапија останува неефикасна.

Зошто се јавува свиреж во градите?

Свирежот во градите значи присуство на опструкција, односно пречка во нормалниот проток на воздух низ дишните патишта. Настанува поради стегање на мускулатурата на дишните патишта, оток на лигавицата и присуство на секрет во луменот на дишните патишта. Кај малите деца свирежот во градите често се повторува и при следни вирусни инфекции. Оваа склоност за повторување на свирежот во гради е во тесна врска со анатомијата и физиологијата на респираторниот систем. Истата е минлива и најчесто исчезнува со растот на детето. Тоа се деца со транзиторен облик на повторувачки опструктивен бронхит поврзан со вирусни инфекции.

По што се разликува ваквиот свиреж во гради од астмата?

Иако симптомите кај децата со опструктивен бронхит и астма се многу слични, не значи дека сите деца со повторувачки бронхит имаат астма. Астма е хронично воспаление или хронична инфламација на дишното стебло со хиперсензитивност и хиперреактивност на бронхиите. Основна разлика меѓу двете групи на деца е склоноста кон алергија кај децата со астматско заболување, бидејќи 80% од децата имаат алергиска или атописка астма.

Основен ризик-фактор е генетскиот фактор затоа што болеста се јавува кај деца со генетска предиспозиција за појава на алергија под влијание на фактори од околината (вирусни инфекции, аерозагадувачи, чад од цигари, физички напор, ладен воздух, стресни состојби, хормонални нарушувања и многу други). Функционалните испитувања што ја потврдуваат астмата не можат да се реализираат пред петтата година од животот. Уште потешко се прави разлика кај деца во првите три години бидејќи клиничката манифестација на астматското заболување најчесто почнува по вирусна инфекција. Затоа за децата со повторувачки опструктивен бронхит најважни се честите контроли кај матичниот лекар со цел навреме да се препознае развојот на некое алергиско заболување (астматско заболување).

Какви лекови се користат по инхалаторен пат?

Кај децата со респираторни проблеми, по инхалаторен пат се користат два типа лекови: бронходилататори – лекови за ширење на дишните патишта, за да се олесни дишењето и антиинфламаторни лекови – тописки кортикостероиди, за намалување на степенот на воспалителен процес на лигавицата на дишното стебло со цел да се отстранат или ублажат симптомите на болеста, а со тоа да му се обезбеди квалитетен живот на детето.

Кој е најголемиот проблем со инхалаторната терапија кај децата, знаат ли тие да го вдишат лекот?

Правилното вдишување на лековите е проблем во детската возраст. За малите деца со кои немаме соработка лекот е во форма на течност, кој со помош на електричен уред – небулизатор се распрскува во аеросол и потоа се вдишува преку маска. Поголемите деца со кои имаме соработка користат инхалатори со дозирани дози на аеросол или со сув прашок под притисок, популарно познати како пумпици. Пумпицата не се става директно во уста, затоа што во тој случај лекот останува во горниот дел од дишното стебло. За правилен пластман на лекот се користат додатоци (спејсери), практично во цевката се задржува лекот и со неколку вдишувања може целиот лек да биде пласиран во долниот дел од дишното стебло.

Дали има негативни ефекти локалната инхалаторна терапија?

Инхалаторните лекови дејствуваат локално и истите се безбедни. Ретко кај некои деца може да се јави забрзано работење на срцето и тремор на рацете при инхалација на вентолин, симптоми кои поминуваат по неколку минути или по неколку инхалирани дози на лекот. Антихолинергиците како што е атровентот, во ретки случаи даваат сувост на устата, сува кашлица и иритација на очите, а инхалаторните кортикостероиди засипнат глас и кандидијаза. Затоа по инхалација со локален кортикостероид потребно е да се направи плакнење на устата за да се отстранат остатоците од лекот од усната празнина.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!