Артроскопија – операции без хируршки резови

Артроскопските интервенции во ортопедијата и трауматологијата во последниве 20 години ги заменија класичните операции. Се работи за неинванзивна процедура која е помалку болна за разлика од класичните хируршки интервенции, го скратува престојот на пациентот во болница, а на минимум се сведени и сите компликации.

Артроскопските интервенции во ортопедијата и трауматологијата во последниве 20 години ги заменија класичните операции. Се работи за неинванзивна процедура која е помалку болна за разлика од класичните хируршки интервенции, го скратува престојот на пациентот во болница, а на минимум се сведени и сите компликации.

Што е артроскопска хирургија?

При артроскопската хирургија, како и при сродните техники кои се користат во абдоминалната хирургија, урологијата или, пак, гинекологијата, визуелизацијата на внатрешноста на телото (во овој случај зглобовите) се овозможува со користење видеотехника, т.е. користење камери со висока резолуција. Со користењето на овие камери се избегнува отворањето на зглобот и негова директна визуелизација со голо око од една страна, но од друга страна заради можноста на камерите да зголемуваат и до 30 пати, и најмалите промени се прикажуваат појасно.

Како се изведува оваа интервенција?

Артроскопска интервенција се изведува со општа или со спинална анестезија. На кожата на коленото се прават 2-3 мали резови, се вбризгува физиолошки раствор во шуплината на зглобот, а потоа низ еден од резовите се вметнува тенок инструмент кој содржи оптички систем кој на крајот има поставено камера. Низ видеосистем, внатрешноста на зглобот се следи  на екран. Во зависност од проблемот, во шуплината на зглобот се вметнува инструмент и под видеонадзор се решава повредата.

Која е предноста на овој тип хируршки интервенции, во однос на т.н. класични оперативни интервенции?

Секако дека основната предност не е козметичкиот ефект туку минималното изложување на структурите на зглобот кон надворешната средина. Ова е особено важно затоа што зглобовите се такви структури кои имаат многу слабо крвоснабдување на внатрешните елементи и секој евентуален влез на инфекција во истиот од една страна многу тешко се лекува, додека од друга страна остава тешки последици врз неговата функција.

Втора работа која треба да се потенцира е минималното оштетување на самиот зглоб, кое инаку би било многу поголемо доколку се работи со класичните методи на хирургијата.Сето ова како крајна цел дава многу побрза и подобра рехабилитација и брзо враќање кон претходното ниво на физичка активност. 

Кои се типови интервенции може да се изведуваат артроскопски?

Сите видови повреди во и околу коленото може да се третираат артроскопски, што значи дека се избегнува отворањето на зглобот, истото важи и за повредите на рамениот зглоб, скочниот зглоб, лакотот и колкот. Тенденцијата во светот, а и кај нас е со користењето на овие техники да се скрати престојот на пациентот во болницата, со што се намалуваат и ризиците за стекнување низа компликации.

Иако не спаѓа во редот на артроскопски интервенции, во нашата установа се работат и т.н. теноскопски интервенции, што значи дека со користење на артроскопската опрема се овозможува и визуелизација на поголемите тетиви во човековото тело како што се: Ахиловата тетива, тетивата на чашката на коленото и др.

Артроскопија и спортските повреди

Артроскопските операции се особено поволни за спортските повреди.Едноставната процедура која го скратува времето на заздравување  им овозможува на спортистите за краток временски период повторно да се вратат на спортските терени.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!