ЗДРАВА ИСХРАНА И ВАКЦИНАЦИЈА НАЈДОБРА ЗАШТИТА ОД НАСТИНКА

Зимата е период во годината резервиран за респираторните патогени. Во текот на зимските месеци веројатноста за респираторни вирусни инфекции е многу поголема за разлика од другите периоди во годината, а децата поради незрелиот имун систем се значително повеќе изложени на вирусни инфекции од возрасните. Педијатарот д-р Катерина Обочки, пулмоалерголог посочува дека кај секое дете под 6-годишна возраст веројатноста да заболи барем од една вирусна инфекција во зимската сезона е 99%. Сезоната на вируси, вели таа, е доста долга, од септември до април, а дополнителни причини за вирусните заболувања се затворениот простор и загадениот амбиентален воздух.

ВИРУСНИТЕ ИНФЕКЦИИ СЕ ПРЕНЕСУВААТ ПРЕКУ ДОПИР

Најчестите симптоми се секреција од носот, кивање, кашлица, затнат нос, болки во грлото, засипнатост, солзење на очите, црвенило на конјуктивите, замор, изнемоштеност, покачена телесна температура, треска која трае од еден до три дена, главоболка, болки во телото или болки во мускулите. Д-р Обочки потенцира дека иако симптомите се најизразени во првите пет дена од заболувањето, намалувањето на нивниот интензитет не значи и дека вирусот е преброден. Докторката советува детето по вирусна инфекција да се врати во градинка или училиште две недели по последниот ден од покачената температура, а не веднаш по намалувањето на симптомите. „Вирусните инфекции се шират многу лесно, особено во затворени простории и најизложени на нив се децата кои посетуваат предучилишни и училишни установи. Се шират преку кивање, кашлање, предмети, играчки, креветчиња, ставање во уста предмети што го носат вирусот, триење на очите и носот и непосреден контакт помеѓу децата“, вели Обочки.

Вирусните инфекции се лекуваат со антибиотска терапија само кога инфекцијата е придружена со висока телесна температура подолго од 7 дена и кога лабораториските наоди покажуваат бактериска суперинфекција. Во спротивно терапијата е исклучително симптоматска – вирусите се лекуваат со медикаменти за намалување на високата телесна температура, чистење на горното дишно стебло од секрет за полесно дишење преку нос и инхалации само со изотоничен физиолошки раствор (ако кашлицата е честа и измачителна).

ГРИПОТ ПООПАСЕН ОД РЕСПИРАТОРНИТЕ ВИРУСИ

Сите респираторни вируси ја оштетуваат слузницата на респираторното стебло, вели д-р Обочки, која додава дека вирусот на грипот е поопасен од респираторните вируси бидејќи живее подолго на ладен воздух и лесно и брзо се пренесува. „Секое дете има некоја слаба точка, кај поголем број деца вирусните инфекции поминуваат како акутна горнореспираторна инфекција без сериозни компликации. Одреден број нa деца имаат склоност кон хиперсекреција, други, пак, поради генетската предиспозиција за хипертофија на аденоидните вегетации, хипетрофични тонзили и кај нив дури и мала инфекција прави голем оток, поголема секреција, што го отежнува дишењето преку нос“, појаснува д-р Обочки. Лекувањето на вирусите, вели таа, секогаш зависи од возраста на детето, од клиничката манифестација и сериозноста на актуелната инфекција. „Давањето инхалаторен будезонид кај деца е оправдано само кога станува збор за дрезгава кашлица со ларингален призвук, никогаш антихистаминици“, потенцира Обочки. Каква терапија ќе се примени, зависи од кашлицата. Без разлика на возраста на детето, секогаш слушнете ја кашлицата – таа ќе ви го даде најдобриот одговор од каде потекнува и каков тип терапија ќе биде потребен. Д-р Обочки потенцира дека нема лек за настинката. Таа ги советува родителите да ги следат симптомите кај детето и да ги контролираат. По потреба да му даваат парацетамол или бруфен на детето за намалување на температурата и болката. Кај децата под 4-годишна возраст препорачува да не се даваат сирупи за кашлица туку само спреј за намалување на отокот за носната слузница.

НАЈЕФИКАСНА ЗАШТИТА ОД ГРИП Е ВАКЦИНАЦИЈАТА

Вакцинација е доста успешна превенција во намалување на честотата и сериозноста на компликациите кај децата по прележан грип. Вакцината против грип, вели д-р Обочки, е безбедна (освен кај деца со алергија на јајце) современа, достапна и се аплицира на многу едноставен начин. Најчесто вакцината против грип е со назална апликација. „Светската здравствена организација води голема кампања насочена кон зголемување на бројот на население во светот што ќе биде опфатено со вакцинација и препорачува да се вакцинираат сите деца постари од 6 месеци, а не како порано кога препораките се однесуваа само за ризичните групи. Но, ние сме многу далеку од ова, неoдaмна кај нас, за среќа, беше зголемен процентот на вакцинирани деца што подлежат на редовниот вакцинален календар“, потенцира д-р Обочки. Личната хигиена, избегнувањето на затворените простории со многу луѓе и здравиот начин на исхрана се најдобрата превенција од вирусните заболувања. Д-р Обочки советува редовно миење на рацете на децата (повеќе пати на ден со сапун и вода), да се внесува избалансирана храна (богата со сезонско овошје), децата често да се изнесуваат на свеж воздух и доволно да спијат, а да се избегнуваат детските игралишта и трговските центри.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!